Хистеричниот прогресивец под прозорецот на планетарната гротеска, вреска на сиот глас: Виде ли Русјаков, слушна ли што рече Пентагон? За жал, слушнав. И пред да слушнам, знаев. Пентагон кажа дека од нему познати извори дознал како Кремљ ќе исценира украински напад врз Русија за да ја оправда својата инвазија. Инвазијата што, всушност, Пентагон ја планира. Од мои извори знам дека изворите на оваа информација што ја добил Пентагон се во Пентагон.
Толку ли станаа плиткоумни оние што себеси се доживуваат за ексепшенал? Нормално, прогресивни либерали се. Ама зарем Русија е Си-ен-ен? Се сеќавате како лажираа жртви на хемиски напад во Сирија, ставајќи живи луѓе под чаршафи, кои мрдаа и се чешаа, а гревовиве медиумски се вклучија предвреме во живо? Мислат дека Москва ќе падне на такво дереџе? Не мислат тие ништо, оти сценаристите им се за`рѓани, ама па знаат дека на своите гледачи можат да им сервираат и вакцина против руска инвазија што ќе ја проголтаат како вистина, ем ќе бараат бустер-доза.
Летачкиот циркус на Пентагон соопшти дека Русите ќе исценираат украински напад врз Русија, нешто што јас го најавив пред неколку колумни, ама во обратна насока. Пентагон и НАТО се тие што ќе исценираат руска инвазија, како што и досега нивните лоши сценаристи исценираа хемиско оружје во Ирак, геноцид на Косово, терор врз Либијците и Сиријците од страна на Гадафи и Асад, за што постојат докази дека лажеле, ама тие продолжуваат да ја мантраат истата гадна манипулација, бидејќи, да бидеме искрени, на такво ниво им се поддржувачите.
Патем, додека Пентагон мрчи како Русите ќе исценираат напад по терк на лоши американски сценарија, САД убија шест жени и четири деца во Сирија. Претпоставувам, администрацијата на Бајден знаела, оти дознале од извори на Пентагон дека децава кога ќе пораснат, сигурно ќе прават хемиско оружје. Можеби ќе се јави и Бил Гејтс да ни соопшти дека тие деца носеле нов смртоносен вирус. Затоа подобро да си легнам, оти работава е wag the dog and don`t look up!
Ме разбуди другарка ми. Излегло уште едно отворено писмо околу будалаштиниве со Бугарија, ми вели, потпишани се голем број интелектуалци, па и твоето име го има меѓу нив, еве нешто ве мрчат на Телма. Не гледам Телма, експресно враќам, имаат добиено датум за преговори со ЕУ и живеат во иднината, каде што тече мед и млеко. Тие се океан убавина во кој не сакам да нуркам, ама бидејќи ме извади од длабочините на еден сон, морам да ти го раскажам.
Седиме во иста просторија јас, Закерберг, Шугар Реј Робинсон. Шеќеринска, Захарова и Захариева. Шеќерна приказна. Што мајка барам со овие луѓе, тоа се прашувам. Океј, се собравме тука, ја прекинува непријатната тишина Марк, за да ја разгледаме можноста за напад врз Русија, ама да покажеме дека Русија ја нападнала Украина. Русите се одродени Бугари, веднаш се вмешува Захариева, затоа ние Бугарите, во коалиција со нордистанските Бугари, ќе ги нападнеме тие одродени руски Бугари, а ти, Марк, како бугарски Евреин со американско бугарско потекло, ќе нè поддржиш преку твоите социјални мрежи. Нордистанската НАТО-војска секако е подготвена за војна со лошите Руси, ете се јави и Шеќеринска, сега наместо мене командува Славјанка и подготвена е во секое време да спроведе блицкриг на Русија, па динге, динге, динге…
Што, по ѓаволите, барам во оваа глупава гротеска, ја прекинува Рада, Шугар Реј Робинсон. Слушај Шугар, се вртам кон боксерот, треба да си тука, холивудски правила, во секоја приказна мора да има црнец, сеедно ако тоа е нечиј сон, политичката коректност влегува и во соништата. Додека го велам тоа, слушам како другите шепотат.
Што бара црнецов тука, шепоти Бугарката Захариева. Повисоките од горе рекоа, мора да биде со нас боксерот, шепоти и Марк. Да не мислеа на Кличко, шепоти Рада. Продолжуваат да шепкаат. А Русинкава што бара овде? Ајде да ја жртвуваме на боговите! Бајден, Џонсон и Столтенберг сигурно ќе бидат среќни.
Не можам веќе да ги поднесам. Се вртам кон Русинката. Мадам Захарова, велам, не знам што барате ти и Шугар Реј во кошмаров, ама од другиве ќе добијам дијабетес, дури и за еден шеќерен Кремљ се премногу, жими Сорокин, работава стана wag the dog and don`t look up, затоа, сакаш ли да излеземе од кошмаров, можеби таму надвор е Петербург среде бели ноќи, а јас никогаш не сум бил во градот на Достоевски, па ајде да седнеме на некоја клупа за ти раскажам како, кога плачам врз судбината на Мишкин, всушност плачам врз трагедијата на човештвото. Прекрасна идеја, ми се насмевна Захарова, и онака мора да смислам одговор за британската министерка за надворешни работи.
Тука, од сон ме извади мојата пријателка. Половина час подоцна, Гугл ми откри дека она што Захарова на сон требаше да го подготви, веќе го сторила во стварноста. Ѝ одговорила на британската министерка. Среде сета антируска хистерија, забеганите западни глобалисти веќе не знаат што да направат. Последна во низата будалаштини е британската. Се заканија дека ако Русија ја нападне Украина, ќе им ги одземат парите на сите Руси државјани на Британија. Кремљ експресно одговори преку Захарова. Им порача на Британците доколку го сторат тоа, Москва ќе им додели државна награда. Оти, руските власти со години молат да им ги испорачаат тие руски граѓани со британски државјанства. Затоа што се тоа олигарси барани со потерница. Ја ограбиле сопствената држава. Ете колку атлантистиве се забегани во својата антируска хистерија.
Среќа што почнаа Олимписките игри. Се надевам дека овие две недели ќе замолкнат. Иако знам дека нема . Дури и Олимписките игри ги злоупотребуваат. За да не биде дека мрчат само за Русија. Со Кина си имаат друга мака. Им го зеде планетарниот чатал. Па сега, демек, дипломатски ќе ја бојкотираат. А ха, нема да оделе западните дипломати на отворањето. Ууу, ама страшна казна за Кина и за нас, гледачите. Веќе многу сме потресени што нема да им ги гледаме фаците по ложите. Можеби треба да исценираат како Кина исценира тајвански напад на своја територија, по што би влегла кинеска војска на островот, па да ги прекинат игрите за потоа да исценираат како Русија исценира украински напад… и така натаму. Оти, wag the dog and don`t look up е работава.