Очекувани беа реакциите на јавноста по извештајот на заедничката бугарско-македонска комисија за историја со наведените препораки за историските личности, за нивното заедничко славење и за корекции во учебниците по историја и по географија за нашите одделенија во деветолетките. Во мноштвото мислења и коментари се наведува дека тие препораки се уште еден пораз на македонската наука и дипломатија. Поточно пораз на македонската политика, а победа на бугарската.
Нужно е да се дадат неколку објаснувања за таквиот пораз. Поразот и падот на македонската држава не се од денес. Имаат кратка, но интензивна историја. Објективно гледано, таа авет почна да ја шета државата Македонија од првиот ден на почетокот на таканаречената Шарена револуција, која следуваше набрзо по илегалните бомби што ги објавуваше опозиционерот Зоран Заев.
Бомбите и Шарената, кои ветуваа позитивен пресврт на општеството по лошото владеење на Никола Груевски и криминогената компанија, со текот на времето се претворија во чиста спротивност. Наместо очекуван прогрес, тие се двата клучни пресвртни настани по кои почнаа падот и минимизирањето на значењето на македонскиот народ во неговата сопствена држава, во која е доминантно политичко, економско, образовно и верско население. Оттогаш се стеснува неговиот простор, како политички така и територијално, историски и културолошки. Оттогаш датира неговата загроза на национален, образовен, професионален, кадровски и на социјален план. Како врв на таа национална загроза се договорите за промена на името со Грција и за пријателство и добрососедство со Бугарија.
Не се за потценување мислењата дека ВМРО-ДПМНЕ со самата негова појава во деведесеттите години со Љупчо Георгиевски и подоцна со Груевски на чело го донесе злото, а СДСМ од Зоран Заев наваму е нивни наследник што ја отвори јамата на пропаста на Македонците.
Со големо право секој читател (граѓанин) може да го оцени како погрешено и да биде демантирано мислењето дека Македонија назадува. Впрочем, актуелниот став на владејачката коалиција е дека токму по тие настани Македонија стана членка на НАТО и почна преговори со ЕУ, факти што не може да се оспорат. Но токму тука лежи парадоксот: Република Северна Македонија има навидум и формално силна позиција во меѓународните односи, но реално и фактички внатрешната ситуација од ден на ден станува сѐ полоша и полоша. А не се спомнува ниту дадената цена со името, националното понижување и внесувањето новата неизвесност и страв од утрешниот ден што владее кај мнозинството граѓани.
Интересно е што по влезот во НАТО, државата не може да се пофали со ниту еден процент успех на кој било внатрешен план и покрај пропагандните напори што ги прави власта за да ги убеди граѓаните дека во Македонија растат банани и се јадат колачи, кога веќе нема леб. Ако се погледнат другите држави што беа примени во НАТО, тие експресно беа наградени со милијарди долари и евра, со инвестиции, нагли индустриски и финансиски промени. Само Македонија наместо пари, наместо нешто конкретно за забрзан развој, доби утешителни зборови и охрабрувачки пораки.
Посебна приказна е македонскиот пораз во односите со Бугарија. Може да се употреби тон лак за лакировка на убедувањата, но пораз е преговарачката рамка за почеток на преговори со ЕУ. Дупла цена е платена и допрва ќе се плаќа со усвоениот протокол. Рамката, наводно, е составена во Франција, но и средношколец ќе види дека е пишувана со туѓа рака и со благонаклонето бугарско писмо, а на македонска штета.
Протоколот, со кој се бара запирање на говорот на омраза, во својата суштина е акт за вршење одмазда. Одмазда поради зависта кон македонското светло минато, кон македонската автохтона историја, кон македонските национални, научни и културни достигнувања и кон времето кога Македонија за Бугарија беше земја од планетата на соништата. Во денешниве услови, со сегашниве постапки, Македонија личи на девојката што се труди да ги задоволува сите ниски страсти и барања на новиот партнер, кој е насилен, одмаздлив и недоволно контролиран.
Цела Македонија ја гледа таа слика, тој антимакедонски портрет нацртан со темни бои, само СДСМ не може и не сака да ја види.
Препораките што ги изготви заедничката комисија не се наука, тие се чиста политика, пишување на историјата по нечија волја, веројатно, и по нечиј диктат. Тие се само административно гледање на дел од историјата и ништо повеќе. Тие се важни за опстанокот на Владата, а невалидни за науката. Коалициското повеќепартиско политбиро така реши и така ќе ги достави на послужавникот на бирократите во ЕУ. Тие ќе аплаудираат, ќе поздравуваат и ќе охрабруваат. За разлика од нив, Македонците ќе се срамат, ќе подголтнуваат, ќе мрморат и ништо не може да исправат или да сопрат.
Оние што се фатиле на бугарското оро или ќе го одиграат докрај или брзо ќе ги снема. Одлично ќе функционира братството и единството меѓу СДСМ и ДУИ. Тие делат заеднички погледи, вредности и народни пари. Во меѓувреме, полека, полека ќе се рони Македонија, ќе се бришат страници од нејзината историја, личности од нејзината култура. Ќе се ништат книги, филмови, телевизиски емисии, новински написи и коментари.
Нема да биде без основа ако се каже дека протоколот потпишан од министерот за надворешни работи Бујар Османи е вовед на државна диктатура врз историјата, географијата, културата, литературата, дури и во музиката и сликарството. Несреќната наивна изјава на министерката за култура во смисла дека треба да се заборави минатото на сметка на европската иднина, може наскоро од искрена наивност да се претвори во сурова реалност. Од демократска желба до наметнување тортура врз творците, врз оние што мислат спротивно од власта, до ограничување на нивните слободии права. Веќе постојат знаци дека од највисоко ниво се шират такви закани.
Но и покрај таквата дури и строга диктатура, никој не ќе може да ги сопре, кине, гори или на друг начин да ги уништува делата на македонските историчари, кои пишувале и ќе пишуваат дека цар Самуил бил македонски цар, дека светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум им припаѓаат на македонската културна традиција, на македонската вера, на македонскиот народ во целина, каде и да е.
Тоа што е соопштено како препорака од групата историчари, во случајов државни платени службеници, никако не ќе може да биде Свето писмо, нешто запишано во камен и дадено за век и навек. Слободата на творење, на толкување, на различно мислење, на почитување различни факти е основа за оцена на степенот на слободата и демократијата на едно општество. А Македонија сака да биде таквa.
Треба да се спомне уште нешто што упатува на поширока опасност. Усвојувањето на препораките од Владата и нивната поддршка, изразена со партиски честитања, може да ја навестат намерата на власта да се создаде и да завладее државен патернализам врз науката, културата, уметностите, медиумите и во сите други области на општествениот живот. Не толку далечната историја покажува дека наметливото и претерано мешање на политиката и партијата во овие области секогаш завршувало со пораз на оние што ги спроведувале тие мерки. Со страшен политички и морален пораз и со народна осуда.