Пред два дена американската и западната јавност го одбележаа стотиот роденден на Хенри Кисинџер. Всушност, прославата започна и многу порано, во пресрет на денот: долги и наменски интервјуа, прикази за неговата „државничка величина“ и сл. Во свет на цензура, наметната или замислена, само малкумина се осмелуваат да кажат дека ова е последниот човек на светот кому треба да му се честита за животниот век. Крвавите раце и долгата сенка на овој човек се протегаат со децении во минатото, а тој никогаш не беше ни обвинет, а камоли осуден за злосторства против човечноста. Доволно е да фрлите поглед на страницата на Википедија за да видите на кои сè меридијани се протегаше неговото влијание: од Виетнам до Аргентина, Куба, Блискиот Исток, Родезија и Камбоџа. Кисинџер е грдото лице (и однадвор и однатре, не е ова портрет на Доријан Греј за да не ја видиме темната страна) на американската надворешна политика, која зад себе остави очај, страдање, смрт и логори. Една колумна е премалку за да се нанижат сите тајни и отворени операции водени под раката на овој човек, кој не само што носи академски титули од „Харвард“, туку дури е и носител на Нобелова награда за мир (во 1973) (каква иронија на судбината е тоа, зарем не?). Тој е олицетворение на оние типови луѓе што во себе спојуваат висок интелект со низок (или никаков) морал, бескрупулозност и амбиција. Но крвта на неговите раце е „легализирана“, нормализирана, па така и во академскиот свет неговите дела се изучуваат и цитираат. И на речиси стогодишна возраст, тој гостуваше на сите големи (божем светски, а западни) самити и конференции, третиран со респект небаре е симбол на мирот во светот.
Фактот дека вакви ликови остануваат запаметени зборува за моралниот пад на човештвото, кое, се чини, сè уште не умее да разликува добро од зло. Кога велам човештвото, се разбира, ја користам фразата со која Западот (и неговите сојузници, големи и мали) се себеименуваат. Луѓето од Африка, Азија и од Латинска Америка добро знаат кој е одговорен за нивните страдања, експлоатација и тешка судбина од која сè уште не можат да се ослободат. Деновиве на сосема мал број алтернативни медиумски платформи се зборува за вистинскиот Кисинџер и за неговото наследство. Дури и денес на површина испливуваат нови и нови документи за сторените, а непризнаени злосторства. Каков образ треба да има човек кога и во времето кога со радост си го дочекува стотиот роденден не покажува ни трошка жалење, каење или барем промислување за својата улога во крвавиот глобален пир?! Колку сме наивни ние, обичните смртници, кога мислиме дека ваквите луѓе не можат да спијат поради нечистата совест, поради криците и сликите на злосторствата извршени под нивна палка и наредбата (како таа во Камбоџа) „да не остане ни пиле да прелета“! Ако треба да го споредам сега стариот Кисинџер (кој уште ги нуди своите дипломатски услуги во контекст на глобалните конфликти) со некој лик од популарната култура, пред очи ми излегува оној на Салиери на крајот на филмот „Амадеус“. Тоа е она горчливо чувство за злобните и медиокритетите како слатко си ја сркаат кашата додека вредните гнијат во неоткриени гробници.
Прославата на стогодишниот живот на Кисинџер носи уште една горчлива иронија: шаховскиот геополитички мајстор на Студената војна доживеа да го види нејзиното повампирување во втора (а некои велат и трета) студена војна. Кога ќе помислите што сè е сторено за моќ и соборување на ривалот, која цена во човечки животи е платена, сегашната сенка на нуклеарен армагедон – а сепак ништо не е променето, ништо не е научено. Светов како да се врти во круг, а Кисинџер дури и да поживее уште некоја година и стане Метузалем, проблемот не е во него, туку во она што тој го оличува. Затоа, никогаш не сум верувала во тезата дека личностите ја создаваат историјата. Обратното е поточно, бидејќи пробивот и издигнувањето на вакви личности е предусловено од конкретниот општествен/политички контекст. Можеби на хоризонтот, во моментов, не гледаме силни личности како „славеникот“ (и вистина е дека квалитетот, дури и на неморалните, политички елити и лидери е драматично опаднат; видете ги само Бајден, Јенс или оној-му-го-заборавам-името британски премиер). Но духот на времето е ист, ама полош. Искрено, на момент, дури и јас бев подготвена да му ги простам гревовите на Хенри, кога на почетокот на војната во Украина зазвучи како предупредувачки глас на разумот, барајќи примирје и укажувајќи на реалната опасност од нуклеарен судир. Но тој момент избледе брзо, како никогаш да не се ни случил. „Машината“ има своја инерција и логика, таа ќе може и без Хенри и неговите следбеници.
Во овој момент додека му пеат „Хепи брдеј“ на овој човек кому единствена добра страна му е староста (која, по дефиниција, буди сочувство), нему нема што да му се посака: тој своето го одживеал на начин што го сметал најдобар за себе. И доживеал „стоту“, како што пееше „Бијело дугме“ („каква гњаважа у животу, доживјети стоту“). Не верувам дека на себичен и бескрупулозен човек му е гњаважа кога и самиот е гњаважа за тие околу него, но некако ги замислувам роденденската торта, свечениот декор, неговите блиски видливи и невидливите духови на сите оние од цел свет што тој ги заборавил, но кои токму деновиве испливаа и од најпотиснатите сеќавања на толку многу нации. Историчарката Ненси Мичел ќе заклучи дека дипломатијата на Кисинџер во Африка била „многу расипана“ и штетна. Според неа, „тој не ја познаваше Африка. Отиде со типичен расистички однос за тоа време, со презир кон земјите во развој и мислеше само на брза победа“. Колку само страдања донесе таквата „дипломатија“ за африканскиот континент ќе треба да си кажат засегнатите. Мене на ум ми доаѓа едно сведочење на сега покојниот Ентони Борејн при посетата на Камбоџа (друга земја обележана со гревовите на Кисинџер и неговите шефови): „Откако сте биле во Камбоџа, никогаш нема да престанете да посакувате до смрт да го претепате Хенри Кисинџер, и тоа со голи раце. Никогаш повеќе нема да можете да отворите весник и да читате за тоа предавничко, лажливо, убиствено ѓубре што седи на убав разговор со Чарли Роуз или присуствува на некој настан на црни вратоврски за некое ново сјајно списание без да почувствувате задушување. Видете го со свои очи она што го направи Хенри во Камбоџа – плодовите на неговата генијалност за државничко дело – и никогаш нема да може да сфатите зошто тој не седи на обвинителна клупа во Хаг до Милошевиќ.
Додека Хенри продолжува да грицка нори-ролнички и римаки на забавите од А-листата, Камбоџа, таа неутрална нација што беше тајно и нелегално бомбардирана, нападната, поткопана, а потоа фрлена на кучињата, сè уште се обидува да се подигне на едната преостаната нога.“
Делата (ќе) го надживуваат сторителот. Но заборавот работи во негова полза и во полза на оние на кои им служеше и им служи. До последен здив! Мала утеха е што до последен здив се бори и најславниот свиркач на сите времиња, човекот што ги обелодени Пентагонските документи за Виетнам, Даниел Елсберг (92). Тоа е оној за кого Хенри рече дека е најопасниот човек во Америка и дека мора да биде запрен по секоја цена. Даниел ги брои последните денови, бидејќи ја губи битката со ракот, но и тој до последен здив зборува и предупредува. Исто како и Чомски, луциден на свои 94. Останува прашањето: што никна по векот на Кисинџер? Има ли нови храбри млади луѓе што ќе зборуваат против злосторствата бивши и сегашни? Ах, да! Асанж умира во самица. Додека Кисинџер слави живот што не е за славење.