Со години одбиваме да судиме за „квалитетот“ на нашиот демократски систем на владеење? А нашата демократија е „валкана“. „Валканите“ демократии се разликуваат и од либералната демократија со високи перформанси и од конкурентните авторитарни режими. Можеби повеќе е сличнa на конкурентните авторитарни режими каде институциите се наклонети во корист на владејачката партија, прекршувајќи ги демократските норми еднострано, на штета на оние во опозиција
Македонија е во процес на политичко пропаѓање со нефункционална демократија, во која двете големи партии имаат остварлива перспектива за победа на изборите, но природата на нивната конкуренција се трансформира на начин што ги поткопува неформалните норми на здрав демократски живот. Ова повлекува промена од „чистите“ форми на конкуренција, кои во голема мера ги земаат правилата на демократската игра здраво за готово, кон она што вообичаено се нарекува „валкана“ демократија, во која конкуренцијата се состои, во значителна мера, од обиди за промена на правилата на демократската игра. Не треба да си некој „експерт“ за да ја разбереш динамиката на политичкото пропаѓање на државата и да ги дијагностицираш ризиците со кои се соочува македонската демократија во годините што доаѓаат.
Со години одбиваме да судиме за „квалитетот“ на нашиот демократски систем на владеење? А нашата демократија е „валкана“. „Валканите“ демократии се разликуваат и од либералната демократија со високи перформанси и од конкурентните авторитарни режими. Можеби повеќе е сличнa на конкурентните авторитарни режими каде што институциите се наклонети во корист на владејачката партија, прекршувајќи ги демократските норми еднострано, на штета на оние во опозиција. Во „валканата“ демократија клучните политички актери рутински се ангажирани во обиди да ги обликуваат правилата на играта во своја полза, дури и кога тоа вклучува прекршување на демократските норми. Големите партии „играат валкано“ со тоа што помалку се фокусираат на демократската „игра“ на изборниот натпревар, а повеќе на „играта околу играта“ – пошироките норми, правила и институции со кои може да се манипулира за партиска корист. Во „валканите“ демократии на главните конкуренти за моќ често, или обично, им недостасува форма на меѓусебна толеранција. Наместо да признаат дека нивните противници се легитимни учесници во политичкиот систем и дека поразот на следните избори не претставува закана за земјата, тие го опишуваат секој изборен натпревар со апокалиптични термини. Загубата за противникот се прикажува како егзистенцијална опасност за нацијата и потенцијален крај на функционирањето на политичкиот систем. И колку подолго опстојува оваа состојба, толку е поголема веројатноста дека недостигот од меѓусебна толеранција се продлабочува.
Клучното прашање што го отвори владеењето на Ковачевски и Али Ахмети денес е дали Македонија со нивната еквилибристика во политиката наскоро ќе ризикува демократски распад. Веќе е јасно дека главната опасност со која се соочува земјата е континуираната деградација на квалитетот на нејзиното демократско владеење, далеку од двопартискиот консензус за основните демократски правила што ги имаа претходните генерации, кон сè „повалканите“ форми на партиски натпревар. Иако е вистина дека македонската демократија одамна има недостатоци и никогаш не била целосно „чиста“, оваа политичка гарнитура претставува нова и квалитативно различна опасност. Со неа сега е јасно дека „валканата“ демократија од последните години може да стане трајна состојба. Дали ерата на заевизмот ќе се смета за привремена ниска точка во македонската политика, или ја воспостави „новата нормала“ за политичко однесување во Македонија во дваесет и првиот век? Дали „валканата демократија“ на заевизмот може да се покаже како стабилна со текот на времето. Се плашам дека валканиот модел на демократска конкуренција ќе продолжи сѐ додека оваа власт има простор за политички маневар и сѐ додека нејзиниот опстанок е на стаклени нозе.
Сѐ додека не ја дератизираме демократијата во Македонија, политичкото пропаѓање и директните опасности од тиранија и популистички авторитаризам ќе бидат неизбежни теми за дијагностицирање на ризиците со кои се соочува државата. A како да ја исчистиме Македонија од „валканата“ демократија? Едноставно. Да почнеме со „чистење“ на оваа власт, секако на фер и демократски избори. А потоа следува дезинфекција од секаков вид паразити во политиката. Кои веќе премногу долго ја „валкаат“ демократијата кај нас.
Проф. Звонимир Јанкулоски