Како станав Македонец

Припадноста, историјата, политиката, не беа теми со кои се оптоваруваше семејството. Ако згрешам нека изгорам, но, да бидам искрен немав некакво чувство за мојот национален идентитет ниту за национална припадност. Тоа почна да ми се раѓа и созрева по доаѓањето во Скопје на факултетет, по движењето во писателските кругови на постарата и на мојата генерација и по живеењето во неколкуте студентски домови. Национално историските теми кои дотогаш ми беа далечни и туѓи почнаа да го окупираат тој простор

Денес ми е роденден. Полни 75. Секој пред мене рекол и секој по мене најверојатно ќе рече – уф, уф кога поминаа. Сѐ како да било вчера. Било, не било – поминало.
Немам намера овде да правам некаква рекапитулација на досегашните години или на поминатата кариера. Но низ нив би сакал да ви ја раскажам интимата како сум станал Македонец. Има врска со идентитетот, со националноста и со името. Моето име, не на државата.
Потеклото по таткова линија ми е етнички чисто влашко. Моите прапрапредци се дојдени во Ресен од Москополе, денес во Албанија, пред повеќе од двесте години. По мајчин род сум Македонец од две села во Преспа. Родителите на мајка ми умреле млади, мајка ми не го паметеше татко си. Нивните имиња беа само далечни спомени.
Како дете и средношколец, растев со влашките дедо и баба. Дедо ми Ташку беше писмен, познат кафеански газда во српско и бугарско, сѐ му беше одземено со национализацијата. Баба ми Фанија, грчка учителка од Битола, дојдена непосредно пред Балканските војни да ги учи грчки јазик децата во училиштето во Јанковец. Како таква се омажи со дедо ми. Баба ми дома, додека беше помлада, читаше книги на грчки, но никогаш не научи кирилица. Не го научи целосно македонскиот јазик, ниту ресенскиот дијалект. Беше молчалива, имаше релативно скромен број на зборови и правеше грешки во родовите и членувањето.
Бевме четири деца, јас помал близнак со брат ми Јанку. Баба ми и дедо ми не покажуваа интерес да нѐ учат влашки. Тешко се помируваа со одлуката на татко ми да се ожени со мајка ми поради националната и социјалната разлика и тоа имаше влијание во односите. Останавме монолингвални со мајчиниот јазик, иако во куќата се зборуваше главно влашки и македонски. Се употребуваше и понекоја реченица на грчки, турски и албански. Научивме педесетина збора само од слушање.
Кога сум се родил, настанал проблем за името. Татко ми сакал да ми го дадат името Исидор, по денот од верскиот календар, иако тој не беше верник. Сепак, најверојатно за да им се додворат на баба ми и дедо ми и да ги подобрат односите, ме крстиле Пандели. Не по свети Пантелејмон, туку во спомен на името на рано починатиот брат на дедо ми, кој на влашки се викал Панду. Мајка ми тоа име не го сакала, па ме завикале Лели, кратка верзија на Пандели. Така во Ресен сѐ до завршувањето на гимназија повеќе ме знаеја како Лели, речиси никој како Панде(ли). Дома и меѓу другарите до денес е истото тоа.
Официјално името Панде сум го добил кога сум тргнал на училиште во прво одделение. Оттогаш со името Панде се водам во сите официјални документи. Името е карактеристично само во тој дел на Западна Македонија и во трите дела на Преспа, во нашиот, во грчкиот и во албанскиот. Инаку, Панде е и женско име, нешто што го разбрав многу подоцна.

Толку за името.
Сега за идентитетот и за националноста.
Во основно и средно училиште не правевме никаква национална или меѓунационална разлика. Имав соученици и другари (ги имам и денес) Турци, Албанци, Роми. Искрено, сите бевме исти. Барем јас така чувствував. Градски и селски деца со исти желби, различни идеали и соништа за она што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме, кога ќе возраснеме.
Припадноста, историјата, политиката, не беа теми со кои се оптоваруваше семејството. Ако згрешам, нека изгорам, но, да бидам искрен, немав некакво чувство за мојот национален идентитет ниту за национална припадност. Тоа почна да ми се раѓа и созрева по доаѓањето во Скопје на факултет, по движењето во писателските кругови на постарата и на мојата генерација и по живеењето во неколкуте студентски дома. Националноисториските теми, кои дотогаш ми беа далечни и туѓи, почнаа да го окупираат тој простор. Тоа беше крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години од минатиот век.
Клучниот настан, клучниот збор беше весникот „Нова Македонија“. На нецели 23 години влегуваш во институција што е светост и по национално значење и по луѓето во неа. Во весникот живееше духот на АСНОМ, духот на слободната македонска држава, на остварените идеали на македонскиот народ. Сите мои уредници, главни уредници и директори беа вистински македонисти. Анте Поповски, врска преку која бев примен, Илија Зафировски, Ванчо Апостолски, Панче Михајлов и Радослав Огњановски беа луѓе со изострено чувство за македонството, доследни во одбраната и зачувувањето на асномските придобивки на македонскиот народ. Тие примери, нивните заложби ми беа човечка обврска, морално и професионално ме обврзуваа цела кариера.
Некој сигурно кажал, друг и сега може да каже дека тогашна „Нова Македонија“ била комунистичка творба, но јас како паталец, а не гаталец, гордо можам да кажам дека во моите 33 години поминати таму, весникот беше пред сѐ асномски, македонски национално определен, а дури потоа комунистички или југословенски. Познато е дека во периодот на големата македонска комунистичка пресметка во 1970-тите години, весникот „Нова Македонија“ од одредени кругови беше означуван дури и како националистички. Претерано на македонска страна.

Да не должам. Татко ми Кире бил етнички Влав, јас сум се чувствувал и на пописи попишувал како Македонец. Значи, полека-полека сум се интегрирал и асимилирал доброволно, без присила. Од половина Влав сум станал цел Македонец, со нишан повеќе или нишан помалку. Тоа официјално значи дека сум „припадник на европски народ што ја населува историско-географската област Македонија“ и имам чувство на припадност кон македонскиот народ. Не велам и никогаш не сум се сметал за македонски националист иако има обиди да ме стават во тој црн список.
Текстот што го читавте не го напишав како дел од мојата биографија, туку за поук на оние што тврдат дека не е можна бугаризација, дека не е можна асимилација. Сѐ е можно, другари и другарки. Од сегашни Македонци нашите деца и внуци да станат северномакедонци или Бугари без да почувствуваат што им се случува. И целиот процес да помине тивко, неосетно и без да боли. По европски терк: со благо, со кроце и без ќотек. Асимилацијата е како шило – врти, врти и ќе продупи.

П.С. Ова го напиша човекот што денес полни 75 години. Влашко дете што требало да се вика Исидор, бил крстен со име Пандели, во детството и младоста го викале Лели, а во сите државни книги и во сите банкарски сметки каде што треба да се плаќа е заведен под името Панде, „македонско име нема да загине“.

[email protected]