На 5 мај, пред 42 години, колегиумот на „Нова Македонија“ ме одреди и ми даде налог да заминам за Белград да известувам по објавената смрт на Јосип Броз Тито, претседателот на државата, југословенска и светска легендарна личност. Смртта и погребот беа настани од планетарно значење. Белград неколку дена беше политички и журналистички центар на светот. Тито беше со титула доживотен претседател, владееше со комунистичка и социјалистичка Југославија 35 години. Оценуван и критикуван како авторитарен лидер и диктатор во меѓународни прозападни кругови, омилен во Африка и во Азија, обожаван меѓу народот во југословенските републики. Нецели десет години по смртта, неговата држава што живееше под паролата на братството и единството се распадна во братоубиствени, крвави воени судири. Македонија имаше луда среќа, само таа не влезе во воениот оган, помина неоштетена покрај него.
Во својство на новинар на „Нова Македонија“ го имав видено Тито трипати во живо. Не беа тие гледања од типот „Пинки го виде Тито“, пропагандистички расказ за курирчето Бошко. Го видов двапати во Палатата на федерацијата во Белград на почетокот на седумдесеттите години при банкетите организирани по повод посетите на Индира Ганди и Алексеј Косигин, претседателот на Владата на Советскиот Сојуз. Бев во близина, се изненадив од сликата што ја видов: имаше прилична разлика од оној Тито што го гледав на телевизија и на фотографии. Под големите рефлектори на одбраната малобројна јавност, забележливи беа неговата старост и физичка опаднатост. Третиот пат го видов во Скопје, при неговата последна посета, од која известував за весникот.
Без оглед кој каде, како го видел или чул Тито, ќе излаже секој што ќе каже дека Броз не предизвикувал бранување на чувствата, возбуда, силни емоции, голем восхит секаде каде што се појавувал. Не остануваа рамнодушни ниту оние што не го поднесуваа, го мразеа или ја осудуваа неговата политика.
Потсетувајќи се на тие години и настани, прелистувајќи на интернет во очи ми падна еден навистина луциден заклучок од непознат автор, составен од две навидум контрастни претпоставки. Едната гласи: „Без Тито Македонија ќе имаше повеќе од ова што сега го има“, а другата: „Без Тито Македонија немаше да го има ни ова што сега го има“.
Тито ја посетил официјално Македонија 16 пати во своето 35-годишно владеење. Во просек, на две години еднаш, иако не може така да се дели. Од нив четири престои се особено впечатливи. Првиот, двата во средина и последниот.
На 11 октомври 1945 година, на плоштадот во Скопје, Тито е првиот државник во историјата што говори за Македонија и за Македонците, првиот што ја призна вековната борба за слобода и самостојност на македонскиот народ, што ги потврди автентичноста на идентитетот, јазикот, писмото, културата, традициите. Одржа еден пронационалистички македонски говор со силна поддршка на македонизмот. Во една партизанска, победничка еуфорија го подгреа и тогашниот национален стремеж за обединета Македонија со Пирин и Егеј како составен дел на државата.
По поминати помалку од 24 часа од земјотресот во Скопје, Тито е во разурнатиот град, 27 јули 1963, негова осма посета по ред. Се запознава со последиците од катастрофата, посетува делови од настраданиот град и ги обиколува прифатилиштата и привремените сместувалишта. Ги храбри граѓаните, ветува југословенска и меѓународна помош, која почна експресно да пристигнува. Без неговото ангажирање, Скопје не ќе беше ова што е денес. Градот до денес му се нема оддолжено за придонесот во обновата на македонската метропола. Имаше еден цитат испишан на ѕид од старата железничка станица, сега и него го нема. Со негово име нема ни улица, ни ќор-сокак, а заслужува авенија. Како градител, како ктитор, како пријател, не мора да му се оддава признание како на политичар. Ваквото историско игнорирање не му наштетува на делото на Тито. Тоа го отсликува карактерот на дел од македонскиот политички прeвртлив, неблагодарен народ.
Четиринаесеттата посета во ноември 1972 г. е политички најбурна. Во високите комунистички кругови на Македонија се води решавачка битка меѓу старите и младите комунисти. Старите означени како догматичари, младите како либерали. Тито, кој е викнат да биде арбитер во таа пресметка, посетува преку ден фабрики. Еден ден го гостат во „Арабат-баба теќе“, присуствува на мала модна ревија на моќната југословенска конфекција на „Тетекс“ – Тетово. Навечер и до доцна во ноќта слуша жешки кавги, лицемерни додворувања и нечовечки критики меѓу високорангирани камаради.
Едно од прашањата околу кои се кршеа копјата во ЦК на СКМ беше „дали во Република Македонија при државни прослави повеќе внимание треба да се обрнува на илинденскиот период заедно со востанието од 1903 или на Народноослободителната војна“. Кои мртви јунаци и херои да живеат на сцената? На што и кому од историјата да му се дава примат? Што да биде на прво место, што на второ? Епилогот беше следен: проилинденците ја загубија битката со комунистичките жилави револуционери. Меѓу либералите многумина беа сменети и тргнати од политичката сцена, а оние што останаа подоцна го свртеа образот и се вообразија во важни догматичари.
Она што остана посебно забележано од таа посета е интервјуто што го даде Тито за дел од колегиумот на весникот „Нова Македонија“. Разговорот што го водеше Радослав Огњановски е единствено Титово интервју за македонски медиум воопшто.
Последната Титова посета на Македонија беше на почетокот на сончевиот октомври во 1978-та, година и половина пред да замине на оној свет. Тоа беше проштална посета. Му се познаваа годините, упадлива беше физичката исцрпеност, тешко стануваше од столот. Според официјалните процени, на скопските улици Тито го поздравија повеќе од 400 илјади граѓани. Него го сакаа сите: Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци. Ги соединуваше паролата за братство и единство, мир, социјална правда и работнички права. По неговата смрт токму таа парола се покажа како најлажна и лесно изгоре во воениот виор.
Република Македонија и македонскиот народ во Титово време ја доживеаја златната доба од својата историја. Ги реализираа соништата на претходните генерации. По Тито и борбата за слобода и правда на македонските партизани во Втората светска војна, Македонија веќе не беше буре барут, балканска опашка, бугарска земја, ниту пак стара Србија и Вардарска бановина. Тито, роден само дваесет години по Гоце Делчев, е човекот што во дело и во пракса, заедно со партизанската комунистичка организација, ги оствари идеалите на Гоце, на Мисирков и на многумина македонски илинденски и постилинденски дејци. Изразувајќи почит кон Делчев, Тито се поклони пред неговиот гроб во црквата „Св. Спас“, при посетата во 1975 г. Ја виде Македонија слободна, самостојна, ги виде Македонците како „свои на своето“. И никому не му дозволуваше влакно да падне врз Македонците, ја познаваше опасноста од бугарската чума. Во таа смисла, Тито е југословенска и македонска величина. Тоа треба да го знаат младите македонски генерации и да не подлегнуваат на разни лаги и конструкции со кои се настојува да се намали, да се фалсификува или избрише Титовата улога во македонската историја.
Нема владетел во светот што немал неистомисленици, противници и непријатели. Така и Тито. Неговите противници и денес не го оставаат мирно да почива во гробот. Во Македонија главните забелешки му се за наводните масовни репресии, за судски процеси против оние што биле против Македонија да биде составен дел на Југославија, за затвори и логори. Не дека такви немаше, но се спомнуваат крајно лажни бројки за осудени, затворени, ликвидирани, погубени.
Во тоа ново Титово пропагандистичко оцрнување последниве година-две со петта брзи се вклучи и модерна, проевропска Бугарија. Јосип Броз до денес е трн во окото на бугарските власти токму поради самостојната на Македонија, која ја сметаат за своја изгубена територија, а македонскиот народ за бугарски народ заблуден токму од Тито. Тие можат сѐ да му простат на Тито, ама Македонија не му ја простуваат.
За Тито се напишани томови и томови книги и од бившојугословенски и од странски автори. Нема само од македонски, дали од незнаење, од немање историографски податоци или од некаков страв, причините не се доволно познати. И книгите и биографиите за него се полни со контроверзии. Но едно е непорекливо. Тито беше омилен водач кај најголем дел од тогашните 22 милиони жители на Југославија. Неговите траги во таа историја, во голем дел се заборавени, но и неизбришливи.
Од многу причини и денес, 42 години по смртта, голем број и стари и млади поколенија го спомнуваат и го посакуваат неговото време. Не е мал бројот на оние што ги гледаат денешните состојби и воздивнуваат по Титовото време. И се прашуваат – кај е сега Тито? А како одговор на самите себе додаваат: „Ех да беше сега тука Тито“. Тие две емотивни реакции можеби се израз на некаква носталгија за дамнешните времиња, но повеќе имаат значење на утеха за она што се случува сега и што може да биде утре. Во таа смисла е напишан и овој текст. Да не се лажеме додека сме при свест и живи и да не ги лажеме нашите наследници, да не им пренесуваме погрешни факти, а со тоа и погрешна историја.