Насловов ќе го започнам со дадените препораки од Обединетите нации за пописот на населението, каде што на самиот почеток пишува дека секоја земја-членка на оваа организација задолжително треба да спроведе најмалку еден попис во еден десетгодишен период. Зашто? Затоа што тој е најголема статистичка операција, се подготвува во подолг временски период од пет години и е најмасовен и најскап од финансиски аспект.
Меѓутоа зашто е тоа така? Затоа што со него се добиваат голем број податоци што не можат да се добијат со други истражувања, а, што е најважно, истите тие треба да се искористат односно употребат за творење политики на иднината.
И затоа се вели дека целта на пописот е да се обезбедат податоци на територијално ниво, и тоа од најниско до највисоко, во зависност како земјата го има уредено тоа во согласност со одредените резолуции, номенклатури, препораки, класификации, дефиниции, а сето тоа уредено со закони од сите области.
Сето ова дава придонес добиените податоци од пописот на населението, домаќинствата и становите, спроведен во септември 2021 година, длабински да ги анализираме и стручно да ги примениме и употребиме во согласност со потребите на земјата. Тоа треба да биде поитно од причина што измина една година од неговото спроведување и истите тие од година на година се подложни секако на промени, како и оние што се настанати досега во изминатиов период.
Територијата на секоја земја, и на нашата, е позната, има свои граници, површина, територијална организација, во која постојат, региони, општини и населени места. Веднаш на почетокот треба да се каже дека површината на Македонија изнесува 25.436 квадратни километри, поделена е на осум региони, 80 општини и 1.783 населени места.
Секако е логично да се знае дека тие не се еднакви ниту по големина со површина, ниту со население, ниту со број на населени места, ниту со природни ресурси, ниту пак со други карактеристики.
Најголем регион е Пелагонискиот, кој има површина околу 4.718 квадратни километри. потоа е Вардарскиот со 4.042 квадратни километри, а најмал е Скопскиот Регион, со површина 1.812 квадратни километри. Без набројување на другите, значи дека постојат разлики, што е логично, помеѓу нив, но треба да се има предвид дека тие не треба да бидат големи. Истовремено, според податоците од пописот, постојат големи разлики и во однос на бројот на населението, и тоа од 607.007 население во Скопскиот Регион до 138.722 во Вардарскиот Регион. И само за илустрација – големината на разликите меѓу двата региона е 468.285 жители.
Секако, доколку се прават поголеми и подлабински анализи, ќе се добијат многу други територијални разлики и во однос на многу други области, а сето тоа е добро да се обработи стручно, професионално, аналитички, заради потребите за работење во иднина.
И не само на ниво на региони, секако постојат разлики и на ниво на општини и населени места, и тоа во сите области. Регионите немаат ни ист број на општини, имаме регион со 17 и регион со шест општини. Имаме регион со 343 населени места и регион со 146 населени места. За нив е добро да се направи исто така поширока анализа, значи од ниво на регион, општини и населени места, и секако не треба да се изостават и градовите. Како за илустрација, најголема општина е Куманово, со 98.104 жители, а најмала Зрновци, со 2.086 жители. А да не говориме за Скопје, за кое треба посебна расправа или да се согледа и состојбата за функционирањето на Законот за градот Скопје. Други поголеми општини се Битола, Тетово, Аеродром, Гази Баба, Прилеп, Карпош, Чаир, Кисела Вода, Гостивар, Охрид, Струга, Струмица, Велес, Штип, Ѓорче Петров, Центар, Кичево, Сарај, Бутел, Кавадарци итн.
Што се однесува, пак, до состојбата со градовите, таа исто така е нерамномерна и со бројот на населението и со учеството на градот во вкупното население во општината. Зашто го кажувам ова? Затоа што имаме општини со голем број население, градови со голем број население, а населени места со мал број население. Во согласност со анализите, постојат градови што во општината имаат учество над 90 отсто каде што живее населението во градовите, а истите тие имаат голем број населени места – е тоа е нерамномерноста на распоредот на населението. Во таква состојба, територијата не само на општината туку на ниво на цела земја се доведува до депопулација или празнење на просторот. Затоа во земјава постојат празни простори како пустини и густо населени простори како планини.
Овие состојби навистина заслужуваат големо внимание, а доколку длабински се анализираат, ќе добиеме дека општината Штип има 44.866 население, а од него во градот се 42.000, или 93,6 отсто од вкупното население. За обележување е исто така дека оваа општина има 44 населени места во согласност со Законот за територијална организација на локалната самоуправа, од кои 14, или 31,8 отсто, се раселени или празни, без население. Анализата е долга и голема низ целата земја, во сите региони и општини, но состојбите, веќе реков, не се загрижувачки туку алармантни.
На сето ова сакам истовремено само да искажам уште неколку моменти и во однос на населените места, а особено на состојбата со бројот на раселените или празните населени места и нивната разместеност.
Во Македонија има 205 населени места во кои нема население, а тоа е учество од 11,6 отсто во вкупниот број населени места. Истите тие ги има во 45 општини, или 56,3 отсто од општините. Покрај општината Штип, поголем број раселени места има во Радовиш, каде што од 36 населени места, раселени се 13; во Новаци од 41, раселени се 13; во Валандово од 31, раселени се 11; во Кавадарци од 40, раселени се 12; во Чашка од 42, раселени се 10 итн. Да не говорам за бројот на населените места со мал број население, и тоа до 9 или 10 жители. Такви населени места има 217 со 9 или 236 со 10 жители, или тоа се 12,2 отсто од населените места во земјава со 9 жители, а со 10 чинат 13,2 отсто. Оваа група на населени места раселени или без население и оние до 10 жители има вкупно 441 населено место, или тоа се 24,8 отсто од вкупно населените места во земјава, или една четвртина.
Направените анализи се обемни и ќе ги искоментирам во натамошниот период, а се во функција на преземање мерки и активности при натамошното работење на институциите во земјава заради развојот.
Секогаш ја користам поуката или пораката „фрли ја бројката во просторот за да ја согледаш состојбата“. Затоа оваа компаративна анализа сакав да ја искажам од повеќе аспекти, кои натаму ќе бидат подетално искажани, како што се обработени.
Овие состојби треба итно да се согледаат, анализираат и разработат, бидејќи времето брзо одминува, а промените во состојбите се уште побрзи. И затоа само кратко дека од спроведениот попис на населението во септември 2021 година до денес бројот на населението по природен пат на живородени деца и починати лица е намален за околу 7.000 жители во земјава, различно во одделни региони и општини, не земајќи ги предвид иселувањата или емиграцијата, кои се сѐ поприсутни во земјава. За поправилно согледување, насочување и преземање мерки и активности, секако, е потребна компаративна анализа од минатото и сегашноста и насочување кон иднината.
Дончо Герасимовски
Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демограф