Јас не го разбирам светот. Не сакам да го разберам. И она малку што низ годиниве сум го процесирал како некаков заклучок, не ми се допаѓа. А како стареам, сè повеќе се трудам да го избришам од умот или едноставно да го заборавам она што сум го разбрал. Можеби затоа сум писател. Измислувањето светови што, на некој начин, се темелат на стварноста, ми се гледа многу поподносливо за процесирање отколку самата стварност. Наеднаш, зборовите на Месијата, „Блажени се простите по дух“, ми станаа толку јасни што посакувам сосема да се втемелат во моето битие. Да станат суштина на моето битисување. Сакам да се исчистам од секакво стекнато знаење, мудрост, откритие до кое сум стигнал преку искуство и размислување. Искрено, би одел дури и подалеку. Би сакал да сум едноставно глуп и ништо да не разбирам, оти од она малку што досега сум го разбрал, ми се блуе.
Што сакаш да кажеш, бе, човек? Биди малку појасен.
Сакам да кажам дека она малку што го разбирам… еве, на пример, пред извесно време… воопшто не беше така одамна… не… ај, вака ќе објаснам, оти полесно ми е. Се вљубив во неа. Нејзината душа и телесна убавина беа толку мистично прекрасни што ни Шехерезада не би успеала да ги раскаже за 1.001 ноќ. Сакав да се престорам во багдадскиот крадец од моето детство, да ѝ се вселам во насмевката за да можам, крај неа, да ѝ го крадам секојдневјето. Е, ама гадовите, соништата ми ги престорија во кошмари. Ја обвинија дека има тајна лабораторија за производство на хемиски отрови што сака да ги подметне во нивните апсурди што тие ги претставуваат како вредности. Па фатија да врескаат дека таа сака да ги отруе, кренаа против неа војски, медиуми и прогресивна хистерија и потоа ѕверски ја убија. Ама не само неа. Ја убија цела нејзина фамилија, ги искасапија нејзините роднини и пријатели, море ги убија и оние што таа лично не ги познава, ама се разминале со неа. Убиваа додека не стигнаа до бројката од милион невино ликвидирани.
И потоа?
И потоа сфатив дека сето тоа било лага, манипулација, оти само сакале да ѝ ја украдат духовната и телесна убавина.
А гадовите? Што прават сега тие?
Врескаат против Русија и Кина дека го прават она што и самите постојано и насекаде го правеле и ќе го прават, ама наеднаш тоа сега не чини и требало да се осуди.
Не, навистина не сакам да го разберам светот соголен од својата секогаш нова и брендирана царска облека, туку повеќе го сакам како нерешлива загатка над која се потам, па мора да ја вклучам фантазијата за да си ги измислам решенијата. Можеби затоа ми е полесно да го гледам тој свет низ очилата на уметноста и сам да си го подесувам диоптерот. Оти, на пример, вчеравечер и без да сакам, поради Благојче, се сетив на Тамара, нека ангелите им ја подарат вечноста во царството небесно на обајцата!
Се сетив на брендираната и грантирана хистерија, политичката некрофилија под амбасадорски чадори напикана за да биде заштитена од бурата на вистината, се сетив на лажната граѓанска вознемиреност, а всушност омраза, маскирана под шарите на некаква борба за правда и слобода, се сетив на нивниот бес премачкан со елитизам, демек урбана граѓанштина, на нивната желба за крв претставена како гнев поради прераната смрт на една чиста душа, се сетив и ми се преврте душата, оти еве и светот се преврте, па тие денес се на местото на оние против кои врескаа, ама чудни се патиштата Господови, сега и ним им се случи она за кое беа спремни други да линчуваат, само што наеднаш, не се тие виновни, туку бирократијата, а оние, намачканите со шарена правда и загриженост, од револуционери се ребрендираа во релативизатори, па ни објаснуваат дека ова секаде и секогаш се случува. Знаете како велат, дај му на човека пет минути моќ за да го видиш каков е, а јас, по ѓаволите со мене, разбирајќи им ја суштината, не сакав да им дадам ни пет секунди моќ, оти знаев какви се.
Порано, во младоста, спремен бев да ги превртам небото и земјата за да ја сфатам поентата, да ја разберам суштината, да ја најдам смислата на битисувањето, а денес, на патот кон староста, треба да ја вложам истата енергија за она што сум го научил да го избришам, заборавам, да го испратам во буништето на потсвеста и таму, на кладата на едноставната простотија да го изгорам заедно со суетата. Затоа ја сакам книжевноста, таа е мојата искра за потпалување на стварноста преку која можам да ги обликувам во својата фантазија и оганот, неговата светлина и чадот, мирисот што го испушта. Оти светлоста на светот е темнина, а чадот што го испушта, неподнослива смрдеа. Ги слушам и читам луѓето, нивната логична и емпатична вознемиреност по катастрофата што им се случи на Турција и на Сирија. Се чудат, не им е јасно, како тоа, убавиот, хуман, модерен и секогаш полн вредности, западен свет ѝ помага на Турција, ама ја заборави Сирија, им смрди фактот дека оние што се расфрлаат со своите, демек цивилизациски вредности, наеднаш мерат со двојни критериуми. А јас не се чудам, дури веќе и не се вознемирувам, бидејќи кога се трудев да разберам, кога тоа ми успеваше, си ја иструв душата со гнев и неспокој поради неправдата што постојано се повторува. Едноставно е, драги мои, вистината е гадна и срцето го разболува, а гласи, нема помош за Сирија затоа што Западот ја ставил под санкции, кои, пак, се насочени против сите Сиријци, оти тоа да ти се едни кучкини синови што не му дозволија на истиот тој Запад да ги победи, окупира и ограби. Ама немојте да мислите дека многу се загрижени и за Турција. На многумина им се виде гадна онаа несреќна карикатура на „Шарли Ебдо“, на која се нацртани срушените згради во Турција, а под цртежот пишува, „Нема потреба да испраќаме тенкови“, ама искрено да ви кажам, колку и да е сето тоа злобно и невкусно, има една одвратна вистина што ѕирка од пораката, сеедно што авторите, веројатно, не сакале тоа да го кажат. Бидејќи знам како смрди светот, нека ми прости Господ ако грешам, но јас, со две раце потпишувам дека лицемерниот Запад (мислам на политиката, не на обичниот човек) длабоко во себе ликува поради она што се случи во Турција, оти секако би сакале, ако можеа, да им пуштат тенкови само затоа што Турците не им играат баш по нивните ноти околу Русија. А кога сме кај Русија и западното лицемерство, според официјални податоци, САД ги зголемија увозот и извозот со Руската Федерација, а ЕУ ја врати трговската размена на 85 отсто со истата таа „непријателска“ држава што сите ние, според нивната хистерија, мора да ја мразиме.