Настани, симболи, алузии
Што да се пишува за Нова година, вечна дилема на новинарските пера. Дали за среќата, за љубовта (и љубомората како нејзина сестра), за жената и мажот, за пријателите и душманите, за жал за младоста или за маките при староста, за големината на омразата или неуништливоста на суетата, за радостите или за разочарувањата? За верата и неверата? За Божјата милост или Господовата казна, за надежта и очајот? За виното и песната? За пороците или доблестите? За минатото и спомените или за иднината и неизвесностите? За очекувањата или промашувањата? Што и да се одбере како тема од овој широк спектар нема да се згреши, како што може да се згреши што било и да се одбере.
Дилема е дали да пишуваш нешто сериозно или да свртиш на шега. Да изнесуваш оптимистички согледувања или да ги оптоваруваш читателите со песимистички толкувања? Да понудиш нешто весело, ведро или траурно?
Или можеби е упатно да се пишува општо за нас како граѓани, поданици на оваа држава во ова транзициско време, за оваа видливо покажана двојност на македонската национална природа, „толку проста, а сепак толку благородна, толку генијална, а сепак толку пакосна, толку спокојна, а сепак толку многу вознемирувачка, толку многу историски бунтовничка, а сепак толку многу сега покорна“.
Која божја судбина: Свети Петар им ги држи на Македонците клучевите од небесата, а Бугарите им ги држат клучевите од вратите на Европската Унија. Според едни мислители таму ги чека рајот, според други пеколот. Одговорот на прашањето каде и кога ќе стигнат таму каде што ќе се упатат тешко да го знае и самиот Господ, а не пак политичките клики.
Вака-така стигнавме до портите на светлата иднина што ни ја нуди Владата. Сега кога „европската иднина е поблиску од кога било“ не може да не се радуваме на ветувањата дека некаде зад тие порти нѐ чека едемската градина. Можеби во 2030 година, можеби по 10 – 20 години, иако сме јужни, ќе се најдеме на Запад, таму кај што не заоѓа Сонцето, кај што нема грижи, нема болка, нема страдање, кај што ќе владее вечен мир ако нема војна. Кај што сите ќе бидат здрави, богати, безгрижни, сексуално активни без оглед на нација, пол, возраст, вера и раса.
Македонија во ЕУ ќе плива во изобилие, ќе нема болни, сиромашни, неучени. Ќе нема мито и корупција, ќе исчезне криминалот, судиите ќе судат по правда кај што има неправда, така се тврди во новата кампања што ја тера Владата. Не е важно што ретко кој верува во тие современи бајки, важно е што секој ден се раѓаат нови наратори, нови текстописци и гласноговорници. Одамна е утврдено дека најгласни се оние што самите не веруваат во тоа што го зборуваат. Никој не може да докаже дека тоа не се европски стандарди.
Убаво звучи паролата што ја турка власта: Ние не сме веќе Македонија, ние сме Европа. Тој мотивирачки лозунг може да биде утрешна реалност – Европа да ја има, Македонија, како ваква што е сега, да ја нема.
Иако Македонија е позната по животната филозофија „секое чудо за три дена“, сепак има некои што паметат дека злоупотребата на Европа за цели на власта не е некоја новост, таа практика успешно функционирала во неколку клучни пресврти, штетни по државното устројство, по местото и улогата на Македонците во македонското општество. Да не зборуваме за злоупотребата на „европското знаменце“ за носење закони што се на раб на нелегалност и нелегитимност. Токму тие закони, со тоа знаменце.
„Европа сега“ (или никогаш) беше главниот слоган во 2004 година кога се носеше административно-територијалната поделба на Република Македонија со која во голема мера се промени етничката карта на државата. Кампањата што ја водеше тогашната власт со огромна помош на тогашните корифеи на фондацијата „Отворено општество“ (читај Сорос) исто како и сега се засноваше на разгорување на фиктивниот страв – или европска интеграција или изолација. Преку „некои прашања што не заслужуваат одговор“ наместо поблиску, Македонија остана (заостана) далеку од ЕУ.
Исто беше и со името во спорот со Грција. Или НАТО и ЕУ или во пеколот. Или името или изолација! Името е сменето, Република Северна Македонија стана членка на НАТО, а остана изолирана од ЕУ. И пак вртат истите закани – или Бугарите во Уставот или изолација, останување во црната дупка на Западен Балкан.
Заклучок: практиката и искуството во овие дваесет години покажуваат дека колку што македонската политика попуштала пред барањата на ЕУ со цел да се приближи, толку ЕУ се оддалечувала од Македонија. Денес е исто толку далеку колку што беше во 2004, исто колку што беше во 2017 – 2018 по потпишувањето на договорите со Бугарија и со Грција.
Сума сумарум, во новата 2024 година треба да се радуваме што по десет или дваесет години нашата држава ќе стане членка на Европската Унија. Унијата нема да ни биде рамо за плачење, туку ќе бидеме рамо до рамо со нејзините граѓани. По спроведени реформи ќе имаме исти плати, пензии, приходи, расходи, слободи, имоти, права, судови, театри, филмови. Ќе имаме богати градови (мој Ресен сега запустен) и села, насекаде најсовремени болници, универзитети на шангајски листи, најдобри учебници без историски недугавости. Ќе изградиме колку сакаме стадиони како оној на Баерн во Минхен, ќе фрчат италијанска мода и француски парфеми, ќе вртиме како на мал прст шведски женски, швајцарски часовници, германски коли. И шпански села, секако.
И што сега? Сето ова Македонците ќе го немаат ако не ги запишат Бугарите во Уставот. Вреди ли бре да се пропуштат такви последни шанси, да се испуштат од раце толку милијарди и толку лесен луксузен живот што ни го нудат Европејците со посредство и со братска љубов од Бугарите?
Како може да бидеме несвесни и слепи пред таквата светла иднина? Јас лично, на мои 76 години, не губам надеж, ја гледам визионерски иднината. Време е, како што бара ЕУ, да го заборавам минатото, да се паркирам некаде во иднината, макар и да чекам 20 – 30 години кога со свежо цвеќе и со звуците на „Ода на радоста“ ќе ги дочекам Европејците овде. Ние ќе викаме „ние сме Европа“, а тие ќе ни возвраќаат „не, ние не сме Македонија“.