Стравот е во воздухот, а се зголемува како што се приближуваат изборите. Анкетите покажуваат дека владиното мнозинство е загрижено дека ќе биде „жртва“ на волјата на народот. Онаа иста волја со која си поигра и која ја игнорираше кога го менуваше името на државата и влезе во процес на нејзино идентитетско обезличување. Стравот и гневот имаа особена политичка привлечност за оваа власт на почетокот на нејзиното владеење, преуредувајќи и дестабилизирајќи го изборниот пејзаж. Премногу долго поттикнуваше и манипулираше со стравот и гневот, за денес, на крајот, стравот да стане реален и оправдан, но сега за власта од губење на изборите. Народот веќе не е уплашен. Но, власта е уплашена – престрашена. Вознемиреноста од паѓање многу често е проблем во политиката – сите автократи имаат грижи и стравови за иднината. Анксиозноста прави да се чувствуваат како веќе да немаат никаква контрола врз тоа дали може нешто да ја промени ваквата состојба. Тоа создава чувство на нерасположеност, фрустрираност и осаменост. Стравот од губење на власта може да иницира реакции во однесувања насочени кон капитализирање на оние материјални и нематеријални придобивки што одат со неа, додека тоа сè уште е можно. Затоа, денес сме сведоци на опортунистичко однесување на луѓе од власта од личен интерес. Страв или не, избори мора да има. Во демократијата не може да ја избегнете волјата на народот. А тоа, гледам, ја плаши власта.
Губењето на изборите може да биде трауматично. Поразот на гласачките кутии е лично срамен, се разбира. Но чувството на загуба што некои кандидати ќе го чувствуваат во иднина е многу подлабоко од тоа. Тоа е чувството дека целата нивна визија за себе и за нивната иднина е сурово скратена, оставајќи ги без цел – и без работа. Кога сте соочени со ваков несакан исход во политиката, се обидувате да избегнете две крајности. Прво, важно е да се избегне искушението да се однесувате како навистина да не е важно или дека никогаш не ни било навистина важно. Што е смешно. Секако дека е важно. Секогаш е важно. Особено за оваа власт, која ја следат корупциски и криминални скандали за сите години на владеење. Затоа кај неа нема место за апатија, има место за страв. Втората крајност која власта треба да ја избегне е надолната спирала на очај. Оваа реакција е нешто спротивна на првата крајност и може да се чувствува како поисправен или поблагороден пат на паѓање од власта. Размислувањето оди приближно вака: ако она што го направивме има историска вредност (промена на името и договорот за добрососедство со Бугарија), а другата страна победи, тогаш како да се продолжи со нашиот секојдневен живот и да се однесуваме како да е сѐ во ред? Веројатно можете да видите дека ова размислување брзо доведува до загриженост и исцрпеност. Како да го избегне власта овој очај од претпоставениот и веќе реален политички пад? Никако.
Стравот од паѓање станува реален кога имате политичари што се однесуваат како никогаш да не помислуваат дека ќе изгубат, а кога ќе се случи тоа – е тогаш доаѓа шокот. Велат дека политичари што губат, па дури и оние што ја планирале својата загуба, доживуваат шок што е многу поголем отколку што мислеле. Справувањето со поразот може да биде поразително за нив. Она што ќе го искусат „безимените“ во власта на следните избори се нарекува „транзициска траума“ и е многу реален феномен, вкоренет во стекнувањето и ненадејното губење на моќта. Тоа резултира со чувство на акутен недостиг од контрола и беспомошност. Кога служите по волја на народот – и одеднаш истите тие луѓе ви ја одземаат моќта, тоа може да влијае на губење на основните егзистенцијални вредности, како на пример интегритет, самопочит и безбедност. Позитивно во ова е што на нашиве политичари не може да им биде одземено нешто што го немаат. Наскоро ќе искусат како животот станува несигурен, чорбите и стековите поскапи и како веќе не контролираат работи што се многу важни за многу луѓе. Стануваат обични граѓани како сите други. Безимени и неважни, какви што биле пред да влезат во политиката. Нема веќе да ги импресионираат комшиите со службеното возило што ги чека пред влез, или поканите за приеми и гала-настани за „одбрано друштво“.
Е, тогаш ќе видат што стварно мисли народот за нив. Не дека сега мисли нешто посебно, но сепак. Особено нема да ни биде важно дали вицепремиерот Битиќи носел, или не, брендирана облека или дали имаме доволно храна да го нахраниме вицепремиерот за европски прашања. Онака по европски.
Како за утеха: претстојните избори не се крај на приказната – тоа е поглавје. Така е во политиката. За жал, изборната загуба лесно може да се претвори во лична. Особено за онаа војска залутани луѓе во политиката за кои изборите ќе бидат вистински крај, зашто никогаш не научија да ја играат долгата игра на политиката. Препорачуваат по загубата на власта да најдете начини да се поврзете со луѓе што го споделуваат вашето искуство и да си најдете други луѓе што се чувствуваат загрижено и тажно и да проверите дали можете да допрете до другите. Може да се чувствувате лошо и може да има некој со кого можете да разговарате. За жал, оваа власт нема да има со кого да разговара по изборите. Затоа што одамна го заборави и изгуби граѓанинот.
Проф. Звонимир Јанкулоски