Речиси да нема ден, дури ниту час, во медиумите да не прочитаме дека некоја позната личност го изменила својот изглед преку разни оперативни третмани. Некој/а ги сменил/а носот, ушите, имплантирала гради, го изменила својот задник итн. Всушност, кога денес ќе видите слика на некоја позната личност веднаш ви се наметнува прашањето дали ваквиот изглед е природен (што стана речиси невозможно) или е резултат на козметичка корекција или оперативен хируршки зафат. Тоа стана толку модерно, што, по мое мислење, речиси да не постои личност од таканаречениот „џетсет“ што барем нешто не сменила во својот природен лик. Најпознат од овие личности во минатиот период беше пејачот Мајкл Џексон, кој претрпи повеќе од 20 зафати? Денес бројот на оние со пластични операции е многу голем, речиси неброен, а бројот на зафати сѐ поразновиден. За овој проблем пишував во книгата „Соматоформни растројства“ уште во 2010 година во издание на книгоиздателството „Мисла“. Овој напис е поттикнат токму од ова што денес се случува во современиот свет и кое не е ништо друго туку масовна (хистерична) ментална болест?!
Во 1891 година, Енрико Морсели, италијански психијатар, го употребил терминот дисморфофобија за да ја опише состојбата на луѓето што се доживуваат себеси како погрешни, без да имаат очигледни физички деформитети. Овој термин е изведен од грчкиот збор „дисморфија“, што значи „грдост“. Пјер Жанет, француски психолог, имал случаи со оваа состојба, која ја означил како „опсесија на срам од телото“. Сигмунд Фројд, исто така, опишал случај познат како „Човек волк“, кој бил опседнат со својот нос, што му предизвикало значителна социјална неволја. Оваа состојба за првпат беше препознаена во Класификацијата на ментални растројства на Американската психијатриска асоцијација (ДСМ) во 1980 година како атипично соматоформно нарушување. Во 1987 година, тоа беше класифицирано како посебно соматоформно нарушување, додека последната верзија ДСМ – 5 го класифицира ова растројство во групата опсесивно-компулсивни и сродни нарушувања.
Телесно дисморфично нарушување (ТДН) е состојба на менталното здравје што го нарушува начинот на кој го гледате и чувствувате сопственото тело и изглед. Луѓето најчесто доживуваат негативни мисли и емоции за тоа како изгледаат, што може да предизвика сериозни проблеми во нивниот живот и да ја поткопа нивната ментална и физичка благосостојба. Преокупацијата е доволно тешка за да предизвика значително оштетување во социјалните, академските, професионалните или други области на функционирање.
Се проценува дека телесното дисморфично растројство има преваленца од 1,9 отсто во општата заедница, околу 5,9 отсто во психијатриските амбуланти за возрасни и 7,4 отсто во психијатриските стационарни установи за возрасни. ТДН се јавува кај 2,2 отсто од адолесцентните популации и 3,3 отсто од студентските популации. Нарушувањето почесто се забележува во услови поврзани со козметика, како што се естетската хирургија (13,2 отсто), дерматологијата (11,3 отсто), ринопластичната хирургија (20,1 отсто) и ортогнатската хирургија (11,2 отсто). Истражувањата покажуваат варијабилност со односот на половите со проценет опсег помеѓу 3:1 на жени во однос на мажи. Во психијатриско опкружување, како и во раната адолесценција, односот на женските и машките е приближно еднаков. Битно е да се нагласи дека ТДН најчесто започнува во адолесценцијата, период што е кршлив и придружен со многу физички, хормонски и ментални промени.
Не е познато конкретно што предизвикува телесно дисморфично нарушување. Како и многу други состојби на менталното здравје, телесното дисморфично нарушување може да резултира од комбинација на фактори, како што се семејна историја, негативни оцени или искуства за сопственото тело или сликата за себе и абнормална функција на мозокот или абнормални нивоа на мозочната хемикалија наречена серотонин.
Може да кажеме дека етиологијата на ТДН се поврзува со биолошки, културни, психосоцијални и невропсихолошки фактори. Нарушувањето може да има генетска компонента, бидејќи студиите покажаа дека индивидуите со роднина од прв степен со оваа состојба доживуваат од три до осум пати повисока инциденција на ТДН од онаа во општата популација. Меѓутоа треба да се нагласи дека вистинско генетско нарушување кај растројството класификувано како ТДН не постои. Онаму каде што има јасни генетски промени, болеста има и посебен назив – се означува како синдром (Down, Klinefelter, Turner, Fragile X, Marfan и др.).
Податоците сугерираат дека историјата на родителско занемарување или емоционална, физичка или сексуална злоупотреба во текот на детството е поврзана со ТДН. Една студија покажа дека индивидуите со ТДН пријавиле дека доживеале многу повеќе трауматски настани во раното детство во споредба со здравите контроли.
Не постојат медицински тестови што можат да дијагностицираат ТДН. Психолог или психијатар може да дијагностицира ТДН со тоа што ќе разговара со личноста за симптомите, моделите на размислување и однесување, начинот на живот и многу повеќе. Дијагностицирањето на ТДН вклучува користење алатки за скрининг – специјално дизајнирани прашалници или листи за проверка – кои помагаат да се утврди дали испитаникот одговара на критериумите за оваа состојба.
Повеќето луѓе со ТДН не добиваат дијагноза дури по 10 до 15 години, сѐ додека симптомите не станат доволно сериозни за да ги исполнат критериумите за дијагноза. Тоа е делумно затоа што клиентите не сфаќаат дека мислите и чувствата што ги доживуваат се знаци на состојба на ментално здравје или затоа што се срамат или се плашат да побараат помош.
За да се исполнат дијагностичките критериуми, поединецот мора да манифестира повторувачки однесувања, како што се прекумерно седење пред огледало, камуфлирање (т.е. прикривање на дефектот со шминка, облека итн.), прекумерно дотерување, прекумерно кревање/смалување на тежина или споредување на изгледот со другите. Овие однесувања обично одземаат многу време, тешко се контролираат и се вознемирувачки за поединецот. Во просек, овие поведенија траат од три до осум часа дневно. Воочените физички недостатоци најчесто се поврзуваат со кожата, косата или носот, но секој дел од телото може да биде зафатен. Поединците со ова нарушување, во просек, доживуваат преокупации со пет до седум различни делови од телото во текот на животот. Поткатегорија на ТДН е опишана како мускулна дисморфија, каде што поединецот ги перцепира мускулите како премногу мали или недоволни, па се изложува на тешки телесни вежби (боди билдинг). Оваа форма е многу почеста кај машкиот пол.
Најчестите карактеристики за кои луѓето имаат тенденција да се фиксираат вклучуваат: изглед на лице, нос, тен, брчки, акни и други флеки; коса (изглед, проретчување и ќелавост); изглед на кожата и вените; големина на градите; големина и тонус на мускулите; гениталии (големина, изглед).
Страдалниците од ова ментално растројство бараат спас во козметички процедури во обид да се „поправи“ перципираната мана. По интервенцијата, можно е да настане привремено задоволство или намалување на вознемиреноста, но честопати вознемиреноста се враќа и може да наведе на барање други начини за поправка на перципираната мана.
Дисморфичното нарушување на телото обично не се подобрува самостојно. Компликациите што можат да бидат предизвикани или поврзани со телесните дисморфични нарушувања вклучуваат: ниска самодоверба, социјална изолација, тешка депресија или други нарушувања на расположението, самоубиствени мисли или однесување, анксиозни нарушувања, вклучувајќи и социјално анксиозно растројство (социјална фобија), опсесивно-компулсивно нарушување, нарушувања во исхраната, злоупотреба на супстанции, физичка болка или ризик од обезличување поради повторена хируршка интервенција
Не постои познат начин за спречување на телесните дисморфични нарушувања. Меѓутоа, бидејќи тие често започнуваат во раните тинејџерски години, раното идентификување на нарушувањето и започнување со третман може да биде од одредена корист.
Третманот на телесните дисморфични нарушувања може да вклучува когнитивна бихејвиорална терапија, биофидбек или специфични лекови.
Во најновите истражувања во невронауката се потврдуваат абнормалности во фронтостриаталните и темпоро-париетало-окципиталните нервни кола, кои се одговорни за визуелно-просторна обработка. Поголема активност на левата хемисфера, конкретно во латералниот префронтален кортекс и латералните темпорални лобуси, била забележана кај индивидуи со ТДН во споредба со контролите, што укажува на повеќе детали ориентирани на визуелна обработка на лицето за разлика од поглобалната холистичка обработка. Истражувањата исто така покажаа можни разлики во морфологијата на мозокот, со помал орбитален фронтален кортекс и преден цингуларен волумен и зголемена вкупна бела маса во споредба со здрави контролни субјекти.
Во современиот живот притисокот од општеството во однос на убавината е многу силен. Со сигурност се знае дека изгледот е битен за престиж во општеството, при добивање одредена работа, особено ако тоа е поврзано со филм, телевизија или мас-медиуми. Се очекува ТДН, најверојатно, да започне во тинејџерските години (околу 12 или 13 години) или во раните возрасни години. Две третини од луѓето го развиваат растројството пред 18-годишна возраст, но тоа може да започне и во зрелоста. Поради компликациите што постојат кај ова ментално растројство, неопходно е тоа да биде препознаено рано и да се преземат рани терапевтски интервенции. Но битно е воспитно-едукативниот процес кај младите луѓе да донесе освестување за единствената вистина дека човекот не се препознава и цени по изгледот, туку по она што го содржи како душевни карактеристики или по човечноста!