Стариот „Букет“ во семантички фајл број 1

Сите умирања, болки, радости, надежи, страдања се само дел од голема видеосимулација што сега самите тие свесно ја поттикнуваат и одржуваат

Во најстариот „Букет“, дрвената барака на просторот на кој денес се издига зградата на „Нова Македонија“ (повозрасните сигурно ја паметат), на една маса, пред четириесетина години, седат и беседат поетите Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски и некои од плејадата новинари. Ги служи и со блага насмевка и доза гордост подзастанува крај нивната маса, разменува понекој збор, келнерот со звучно име Тито. На друга маса седи Бранко Варошлија, новинар драматург на Македонскиот народен театар, и онака во негов карактеристичен стил со доза цинизам коментира: „Види, види, толкави мажишта, а поети – место да фатат некоја работа, тие уште пишуваат поезија“. Тоа остана како анегдота и некоја насока во занимавањето со литература, па и своите младешки рембоовски стихови што ги пишувавме во гимназиските денови останаа во некои од правливите далечни емотивни дамари.
По шеесеттата година, според некои, хормонално и непристојно е човек да се занимава со пишување песни – пред стварноста на нашиот свет, а според многумина, тоа денес во светот се граничи со лудило, за што е потребна и физичка храброст. Традиционалната мудрост „кој пее, зло не мисли“ има додавка – „кој мисли, не му е до песна“. Така е тоа во светот (но не и кај нас) последните педесетина години и повеќе. Кој тоа денес е при здрав памет, освен ако не се има на ум некоја конкретна исплатлива цел, влог, вратка за пишувањето или тоа да биде враќање на поезијата на оние на кои им припаѓа и каде што ѝ е место, како уметничка дисциплина, исцелителна капка за телото и духот, јазол и чудовиште на кое внатрешниот порив и говор им останува пламен и усвитено јадро.
Буричкајќи по внатрешните траектории, речиси како по правило најпрвин во мене се отвора дамнешен интимен фајл, насловен „Вечна песна“. Тоа е единствената песна објавена во печатот во студентските денови, во весникот „Студентски збор“, во кој уредник на културната рубрика тогаш беше почитуваниот Јордан Плевнеш, денес истакнат драмски писател. Во таа рембоовска авантура во светот на поимите, во тој свет зад зборовите, забележувам дека, всушност, сѐ останало исто. Песната е онаа истата, цврста, непоколеблива, изнедрена од еден „немир што зборува“, а јас сум повторно на својот творечки имот, „мир што мисли“ во вид на патетична алотропска модификација на искуството.

Не речи дожд Несреќна планино што Кумуваш
Немо Детство е твојот Должник од времето
Кога Есента се обидуваше да направи Паметник
Од лирските белешки на Сребрената Магија

Вистинска сензација беше и неправдата што ѝ ја сторивме
На Реката и постелата на која јас те љубев
Во Деветтиот Сон и ти ги подарив Деветте Порти
На својата Скриена Несекојдневност
Јас Вечниот Престолонаследник на Првата Метафора
Блуден Син на тотално уништената размисла за Бесмртност
Те љубев не знаејќи дека си нем речен камен
Што раѓа отвори и несон

За пасионираните љубители на спознанието, една мала искреност,
и можност за пробив во внатрешноста на панхронскиот карактер на оваа „Вечна песна“, се наредните стихови прашалник.

Каде е твојата татковина Вистино
Имаш ли мајка куќа средби
Која е твојата омилена боја и Љубиш ли некого
За тебе годишните времиња најверојатно не постојат
И сигурно знаеш сѐ за несреќната љубов на нашата сосетка

И, еве, повторно ја чувствувам онаа блага немоќ во овој подзаборавен свет на сопствените зборови, кои стануваат индивидуи и натпоетизација на универзалните топоси на семантиката. Коренот на „Вечната песна“ е некаде во праписмото, во некој „молневит“ фајл на инспирацијата и вечната тага – несреќа на чувствителниот свет.

Некогаш твоето небо ечеше
Не паметам колку пати
Не е важно
Некрстени останаа моите страдања
Невешт морнар Нивниот Татко
Немоќен багрем во алејата пред нашата гробница

Бев слободоумен пред да се научам да мислам – рембоовска младешка слободоумност, а според Eвангелието на Бранко Гапо, македонската филмска легенда, визуелното, видувањето е основата. Прво човекот видел, па го пронашол зборот за тоа што го видел да го опише.
И неколку збора за крај на оваа мултимедијална пролетна променада. Светот и реалноста се медијализирани до степен на усвитеност и се претворени во континуирано реално шоу, во кое спонтаноста овде-онде ја сретнуваме и насетуваме во траги. Нашите животи низ виртуелните хомологации се претворени во вид на чиста, дигитализирана апстрактна егзистенција, која во најголем дел е само функција на комуникациските медиуми. Не постои толку стара тема на која никогаш не може да се каже нешто ново. Сите умирања, болки, радости, надежи, страдања се само дел од голема видеосимулација што сега самите тие свесно ја поттикнуваат и одржуваат. Масмедиумскиот непрекинат тек ја апсорбира реалноста и забрзано ја празни и сето тоа се одвива молскавично, пред вмрежениот поглед како дел од когнитивниот спринт кон неизвесната и непредвидлива цел, наречена нулта точка на постчовечност.

Автор: Аљоша Симјановски