Среќна нова ’39-та

Војната во Украина полека, но сигурно го материјализира пророштвото за тоа дека не ни е судено да живееме во мир. Без разлика дали и кој ќе биде исходот, во Украина загубивме сите. Колку и да изгледа хуманистички и утопистички, најмногу загуби човештвото. Во една од првите колумни зборувавме за светот „Интер Регнум“ и за тоа дека овој период кога еден систем умира, а друг се раѓа е најлош период за човештвото генерално. По сѐ изгледа Украина е предвесник на еден таков процес. Исто така во неколку наврати се осврнавме и на тоа дека судирот на концепти и потребата за доминација на светскиот трон во однос на тоа каков ќе биде новиот поредок е рамката во која се одвива новиот натпревар на геостратегиски план. Колку тоа некој и да сака да го негира или да тврди дека се само теории на заговор, по сѐ изгледа нема да може да истрае бидејќи во неколку наврати Путин и Кси најавија дека не се согласуваат со сегашната поставеност на доминација на либералниот свет и дека, според нив, демократијата не мора да е таква како што Западот инсистира – либерална демократија.
Во исто време, додека Кина сѐ уште пиететно се обидува да балансира во делот каде што има сериозен економски интерес (меѓу кои сме и ние, како и добар дел од Централна и од Источна Европа), Русија започна да користи сила како инструмент преку кој сака да го операционализира ставот за противење на дипломатскиот дискурс. Додека во економска смисла допрва треба да видиме што навистина ќе се случи, на информациски план е нормално да биде „каша попара“. Додека многумина на Запад даваат аргументи како руската економија ќе колабира, постојат и такви анализи на кои неколкукратно укажавме дека ако се излезе од матрицата на „побарувачка и потрошувачка“ и наместо пазарната логика се воведе т.н. воена централизирана и планирана економија, во која логиката на договарање не е на база на капиталистичкиот модел на економија, туку има тешка политика, и поинакви калкулации и мотиви, резултатот може да биде и поинаков.
Сепак, со оглед на ограничените познавања во областа ќе мора да се задржиме на теориите и на претпоставките што ги дале еминентни авторитети во областа. На информациски план веќе рековме дека состојбата е таква каква што е и што се очекува за време на конфликт, бидејќи неколкупати досега нагласивме оти прво што умира за време на конфликт е вистината. Имајќи предвид дека Русија е мајстор на манипулациите, тоа и не треба да нѐ чуди.

Она што, сепак, е јасно е дека Русија наметна темпо (кое за Западот беше неочекувано или не сакаше да поверува дека е можно), а тоа е да ги решава недоразбирањата со употреба на сила. Во таа насока, драги мои, Русија е на пат да го редефинира светот не само идеолошки туку и географски. И тука ќе мораме да забележиме дека и за ова во неколку наврати нагласивме, како и зошто за Русија е важна географијата.
Според оние авторитети што се занимаваат со вакви анализи, најверојатно историски влегуваме во фаза од циклусот кога ќе има редефинирање на нештата. Најблиску во таа фаза, која од оваа перспектива за да биде појасно би го споредиле со периодот пред или околу 1939 година од минатиот век. Знам дека звучи страшно, знам дека е морничаво и знам дека можеби е надвор од коректноста на што некој би инсистирал. Ама мислам дека еден од проблемите зошто заглавивме во оваа ситуација е и таа политичка коректност. Токму таа што, на пример, на западните лидери им ги засени очите исто како што им ги засенила во периодот пред или околу 1939 година, кога стравувањата започнале да се манифестираaт, ама сѐ уште имало воздржаност. Дури и кога францускиот началник на тогашните вооружени сили сметал дека треба да се интервенира, политиката го вратила назад. Што, можеби било и за добро, но можеби ќе спречело катастрофа. Тоа не е никаков став, само е констатација.
На западните дипломати овде, за волја на вистината, треба да им се даде признание во смисла на тоа што покажаа разумна воздржаност од директна конфронтација со Русија. Но тука е и парадоксот на проблемот. До кога таа разумна воздржаност е разумна и кога знаете дека е потребно да преминете во друга фаза. Последното е особено важно поради неодамнешните збиднувања околу амбицијата на Шведска и на Финска да влезат во НАТО и реакцијата на Москва за таквата одлука. Дилемата околу овој став е што ќе се случи ако Путин (секако под услов да остане претседател) за две години од сега смета дека НАТО не смее да биде на неговата граница, па бара од сегашните НАТО-членки (балтичките земји, Полска, Романија и Бугарија или сите заедно или дел по дел) да одлучат дали ќе се демилитаризираат или тој ќе го стори тоа со сила, оти се чувствува загрозен.

Само да појасниме за да не бидеме погрешно разбрани. Западот остана воздржан пред инвазијата на Украина, иако САД јасно дадоа информации околу тоа не само дека ќе се случи туку и за тоа кога ќе се случи. Најекстремните ставови според некои анализи беа дека за да се спречи Путин, НАТО би требало да се распореди во Лавов за да може да одврати каква било инвазија. Овој предлог, најверојатно, е изграден врз идејата на теоријата за одвраќање, која во времето на Студената војна успеа да спречи конфликт од голем и апокалиптичен размер. За да ја разбереме оваа теорија ќе ја поедноставиме и ќе дадеме пример. Теоријата на одвраќање е функционална ако и само ако противниците меѓу себе преку своите постапки се убедат преку психолошки ефект на верување за решителноста дека ако страната А ја нападне страната Б оваа е спремна да врати со иста мера. Тоа поради фактот дека независно колку условно се налудничави лидерите на која било од страните (секако до оној момент додека се пресметливи), значи дека цената да бидат заемно уништени ги одвраќа да преземат каков било следен чекор што би водел кон уништување. Условот притоа е двете страни да имаат ист или приближен капацитет.
Откако овие предлози беа молскавично отфрлени сега се поставува прашањето дали и како Западот ќе реагира на следните чекори и побарувања на Русија. Идеално е ако војната во Украина се заврши со мировен договор и со повлекување на руските сили. Засега барем како што стојат работите тоа е далеку од возможно. На воен план, иако според податоците што ги споделува Украина, а се потврдени преку ОСИНТ (или разузнавање од отворени извори), Русија има над 20.000 жртви, над 700 уништени оклопни возила и тенкови, потонатa поморска гордост, дури осум убиени генерали, екстремни санкции како речиси никогаш и за никого досега, дипломатски изолирана во ООН од неколку клучни тела итн. Во пракса, за Русија тоа, според руски перспективи (ако ги следите преписките на социјалните мрежи), не е ништо. Картата на Украина во многу клучни и лоши места (за Украина) почнува да станува црвена, барем засега. Во исто време, храброста на украинскиот народ е за почит.

На командантот на 36-та Маринска посебна бригада именувана по вицеадмиралот Михаило Белински, Сериј Волјина, кој е опколен и не сака да се предаде во Мариупол, најверојатно би му дошле добро 18-те хаубици од 155 мм, 11-те хеликоптери „ми-17“, 200-те панцирни елеци, 300-те преносливи дронови, околу 500-те преносни противоклопни системи „џевелин“ и 10-те противартилериски радари што пристигнаа од САД. Но дали е доволно тоа наспроти машинеријата што го демне во опкружување. Проблемот е и во тоа што за разлика од фронтот и настапувањето кон Киев, Москва со воспоставувањето физички мост преку Мариупол ќе затвори сериозен проблем. Сега, операциите се блиску до граница, каде што целиот логистички концепт е дизајниран да ги обезбеди снабдувањето и маневарот многу полесно. Дотогаш како што Џади Демпси (за Карнегие Европа) веќе ги повика Европејците, особено Германија да преземат решителни чекори, Украина ќе мора да се надева на брза и координирана помош во тешко вооружување, кое очајно допрва ќе му треба на украинскиот народ.

Методи Хаџи-Јанев

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.