МПЦ и СПЦ, како и Македонија и Србија, покажаа дека и тука, на Балканот, може да се реши историски полувековен проблем, со договор и на начин што е достоинствен за двете страни и кој двете страни ќе го слават како заеднички успех!
Вообичаен празничен ден, Денот на Св. Кирил и Методиј, но поинаков, многу поинаков, Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Српската православна црква (СПЦ) одржуваат заедничка литургија на овој празничен ден. Самото тоа го направи овој празничен ден поинаков. Но силни чувства на исчекување, возбуда, неизвесност, дури и стравување лебдеа во воздухот поради прашањето што си го поставуваме сите: Дали СПЦ ќе ја прифати автокефалноста на МПЦ-ОА? Кога г.г. Порфириј, архиепископ пеќски, митрополит белградско-карловачки и патријарх српски, го изусти зборот автокефалност, сите тие измешани чувства се претворија во една голема радост!
И го направија овој Св. Кирил и Методиј многу, многу поинаков. „Божјо чудо“, чин на вистинско братољубие, историски ден… се редеа најубави зборови за тоа што го очекуваме над половина век, или 55 години. Но се чини повеќе станува збор за исклучителната црковна мудрост, мудроста на г.г. Стефан, митрополит скопски и архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, како и на архијереите на Светиот синод на МПЦ и, секако, генерации претходно. Зошто исклучителната црковна мудрост? Првата иницијатива за возобновување на Охридската архиепископија е од 1944/1945 година, на првиот Црковно-народен собор, но таа е одбиена од СПЦ. Вториот Црковно-народен собор се одржува во 1958 година и е возобновена МПЦ како самостојна и за прв поглавар е избран г.г. Доситеј.
Во 1967 година, на третиот Црковно-народен собор, е донесена одлука за автокефалност, а таа е прогласена на 19 јули 1967 година, на 200 години од укинувањето на Охридската архиепископија. Оваа одлука не се признава од страна на СПЦ, ниту од другите православни цркви.
Постојат повеќе иницијативи за надминување на состојбите, од која една во 2002 година резултира во Нишкиот договор, со која се предвидуваше враќање на МПЦ во статус на самостојна (автономна), по што СПЦ би донела одлука за автокефалност. Но по бурните реакции во јавноста за напуштање на автокефалноста, иако привремено, договорот беше напуштен од МПЦ. Потоа следуваа расколот со владиката Јован, кој ја формира ПОА, која СПЦ ја призна за црква во Македонија, и период на тензии во меѓусебните односи. Во 2009 година, МПЦ донесува одлука на службеното име на црквата да се додаде Охридска архиепископија, од кога е МПЦ-ОА. Иако донекаде изненадување, одлуката најверојатно беше поврзана со тогашните македонско-грчки разговори. Повторно години затишје, до 2017 година. На изненадување на сите, да не речам непријатен шок, МПЦ ѝ понуди на Бугарската православна црква да ѝ биде црква мајка на МПЦ. Се чини и БПЦ се изненади, а богами и исплаши, и пропушти за себе историска шанса. Откако МПЦ ги исцрпи можностите со СПЦ и БПЦ, во 2018 година се обрати до Цариград и Вселенската патријаршија, со седиште во Фанар, Истанбул. Мало историско потсетување, фанариотите или Фанар или Вселенската патријаршија е црквата што довела до укинување на Охридската архиепископија во 1767 година. Цариград го именува архиепископот на Албанија за посредник меѓу СПЦ и МПЦ, но неуспешно. Но и на Србија ѝ стана јасно дека опциите со ПОА се исцрпени и е можна еднострана одлука на Вселенската патријаршија. Геополитиката ги забрзува процесите и пролетва започнаа тајни комуникации меѓу СПЦ и МПЦ. На 9 мај дојде изненадувањето од Фанар, за враќање на МПЦ во канонско единство. По заедничката литургија со СПЦ во Белград, јавноста е во шок дали МПЦ се враќа во самостојност, дали се откажува од автокефалноста?
Успехот се должи и на МПЦ и на СПЦ. МПЦ овој пат успеа да ги држи тајни преговорите со СПЦ. Поучени од неуспехот на Нишкиот договор, кој пропадна под притисок на јавноста, МПЦ се затвори целосно за информации за јавноста. И периодот на заедничките литургии на 19 мај во Белград и на 24 мај во Скопје, беше краток и спречи ескалација на многубројните шпекулации и противењето. А тие беа многубројни, од тоа дека се откажуваме од автокефалност до тоа дека г. Јован од ПОА ќе биде нов поглавар на МПЦ-ОА. Досега исклучителното водење на процесот, кој сѐ уште не е завршен, а ќе вклучува и враќање на ПОА во МПЦ-ОА и решавање други прашања, како и издавање томос од Вселенската патријаршија, дава гаранција дека набргу ќе ја славиме автокефалноста на МПЦ-ОА.
Неколку кратки одговори за откажувањето од автокефалноста, ограничувањето на територијата, откажување од македонски. Шпекулациите за откажувањето од автокефалноста брзо се затворија. Ограничувањето на територијата на МПЦ-ОА на територијата на Македонија е нормална работа и не значи откажување од епархиите во Европа, Америка и Австралија, бидејќи само во „старите земји“ се дефинира територија, додека „новиот свет“ е нетериторијален. Тука може да бидат предизвик нашите цркви во Хрватска, каде што СПЦ има надлежност. За откажување од македонски, од 2009 година со додавањето на ОА е јасно дека грчките цркви ќе нѐ признаат под тоа име. Можеби нешто губиме, но добиваме право на тврдење на континуитет на Охридската архиепископија и Јустинијана Прима. И на пример, лицемерно е обвинување за ова да доаѓа од политичка партија што е една од ретките што во своето име не го содржи зборот Македонија, и споредно се декларира како атеистичка.
За политичките препукувања, чија партиска заслуга е. Некој напиша дека СДСМ нема да успее да капитализира на овој успех. Како и да успее кога сите интернет-ботови се впрегнати во величање на култот на Зоран Заев, поранешниот претседател на СДСМ, а не на СДСМ и новото раководство. Јас не се сеќавам еден македонски премиер или претседател од независноста наваму да не ја посетил Вселенската патријаршија или не праќал писма. Така што успехот е на генерации посветени на возобновување на Охридската архиепископија во МПЦ-ОА.
Неколку збора и за Србија. Србија и СПЦ со овој чекор обезбедија повеќе работи: се промовираа во лидер во регионот, способни за решавање полувековни јазови, на „Отворен Балкан“ му дадоа нов импулс со откажување од СПЦ-хегемонизмот кон Македонија, Македонија и Србија немаат ниту едно битно отворено прашање… Според Марјан Николовски, новинар што следи црковни прашања, СПЦ ѝ помогна и на Руската православна црква во борбата со Вселенската патријаршија. По низата еднострани признавања и од РПЦ и од Вселенската патријаршија, автокефалноста на МПЦ-ОА по неколку децении ќе биде прва автокефалност „по правила“, односно со признавање од мајката црква (став на РПЦ/СПЦ) и од Вселенската патријаршија.
МПЦ и СПЦ, како и Македонија и Србија, покажаа дека и тука, на Балканот, може да се реши историски полувековен проблем, со договор и на начин што е достоинствен за двете страни и кој двете страни ќе го слават како заеднички успех!
Авторот е аналитичар*
*Члена на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek #МПЦ #Автокефалност