Македонскиот (просечен) политичар не остава зад себе конзистентен целовит резултат или политички печат како последица на своето владеење, туку лавиринт од матни неразјаснети околности во кои се вовлекла неговата нечесна совест и во која (привидно) е засолнета неговата проблематична етика. И како многупати во историскиот развиток, сведоци сме на „истата стара приказна“ за отапено револуционерно сечило, за револуција што наместо да ги изеде сопствените револуционери, им го јаде лебот на сопствените деца, од кои половина милион се разбегаа по белиот свет
Аљоша Симјановски
Според степенот на развиток, општествено-политичките и економски турбуленции, плурална и независна Република Македонија можеме да ја подведеме во графата како држава во револуција. Паралелно со создавањето и зреењето на македонската државна творба, носителите на тој бременит, но светол историски чин, нејзините најдобри синови „израснуваат и пораснаа“ во транзициски револуционери, како репрезент и двигател на севкупните општествено-историски тежненија, во процес на создавање политички кадар што е детектиран, промовиран и верифициран на непосредни демократски избори како израз на слободната волја на активното гласачко тело.
Во услови на транзицискиот галиматијас, многу од протагонистите ја сфатија политиката како легализирано средство за хистеричен грабеж на материјални добра од транзицискиот колач, што подоцна со силата на матно дефинирана и неразјаснета теоретско-политичка аргументација и релативизација ги приопштува како трајно сопствено добро. Така е конституирана т.н. првобитна транзициска елита што општествените богатства ги трансформира во сопствени велелепни имоти и банковни конта најчесто надвор од земјата, подалеку од очите на јавноста, и од сѐ поголемото незадоволство на армијата економско деградирано мнозинство.
Во таквиот невротичен амбиент, во кој историјата се одвива молскавично, безмалку елиптично, тече процес на создавање политички авторитети, кои во нашата плурална пракса се најчесто изникнати и градени врз нереална подлога и претставуваат тотална импровизација, инцестуозна политичка бламажа со реални последици што настапуваат и го откриваат во политиката кусиот пат до богатства како израз и материјализација на политичката моќ.
Политичката борба и натпреварот на визии и идеи, македонскиот (просечен) политичар ги напушта брзо по освојувањето на власта и се впушта во потрага по плен, кој најчесто е резултат од матни транзициски трансакции. Во спротивно ризикува да испадне наивен и смешен во очите на сѐ порамнодушната јавност, која одамна ја апсолвирала политиката како масовно средство за богатење, а политичките транзициски профитери како првоборци ветерани сега ги уживаат привилегиите и нечесно стекнатите богатства и навлекувајќи на лицата маски на уморни лажни револуционери сѐ повеќе се дистанцираат од политичката арена и се повлекуваат внимателно во дипломатијата или во некое безбедно место во белиот свет (заедно со богатиот транзициски плен), претворајќи се притоа несвесно во највисокиот степен на развиток на сопствените фрустрации.
Во тоа своевидно „бегство во комфор и привилегии“, македонскиот просечен политичар станува потпросечна жртва на сопствената револуција. Македонскиот (просечен) политичар не остава зад себе конзистентен целовит резултат или политички печат како последица на своето владеење, туку лавиринт од матни неразјаснети околности во кои се вовлекла неговата нечесна совест и во која (привидно) е засолнета неговата проблематична етика.
И како многупати во историскиот развиток, сведоци сме на „истата стара приказна“ за отапено револуционерно сечило, за револуција што наместо да ги изеде сопствените револуционери, им го јаде лебот на сопствените деца, од кои половина милион се разбегаа по белиот свет.
И за крај од овој обид – скица, портрет, да споменеме и можеби една од клучните причини за неуспехот на безброј револуции и морално етички дебакли на голем број револуционери, протагонисти во тој своевиден театар на апсурдот, а тоа е – топлата бања. Таа /бањата, комфорот…/ уништила повеќе револуционери и револуции отколку сите контрареволуции во светот заедно… нотираат циниците.