Северна е фалсификат на оригиналот

Настани, симболи, алузии

Република Северна Македонија, која до скоро го носеше името Република Македонија, ја дочека 22-годишнината од стекнувањето целосна државна независност. Ја дочека на две нозе, иако одамна ѝ се скршени колената. Не е јубилеј, но е празник што самиот ја поставува дилемата дали по тој повод да се пишува ода или пародија. Секако дека не треба народна тажаленка иако описот низ тој литературен вид не би бил невистинит и незаслужен.

Научниот и технолошкиот развој во светот е брз, драматичен и од епохално значење. Во светот се создава вештачка интелигенција, во Северна се убива природната интелигенција. Постепено се шири верзијата дека Македонецот е природно глуп затоа што не сфаќа што му се случува, уште помалку што му прават другите.

Република Северна Македонија не е ни бледа копија на оригиналот од 1991-та, кога ја стекна независноста. Ако се собере повеќе храброст, може да се опише и како фалсификат. Сама си го избриша името, го смени Уставот и излижа кај што плукаше. Изгубени се илузиите за напредок, одамна ги нема ентузијазмот и чувството за создавање нешто ново и вредно. Националниот занес се претвори во тешко разочарување.

Политичарите се живи и здрави, умрен им е моралот. Закржлавена е совеста, умира политичкиот и професионалниот морал.
Одговорноста е закопана длабоко под земја, мафијата е над земја. Тендерите и сумите го надвладуваат разумот. Наместо умот, владее силата. Државата стана царство на измамници, тврдина на неспособните, неуките, арогантните, полтроните и насилниците. Тие владеат со институциите. Писмените се веќе надвор од родната земја. За нив овде нема правда, нема мир. Завршија „либе“ шарените лаги. Шарено изродената Македонија наместо да поправа, редовно дорасипува, наместо да напредува – назадува, наместо да гради, разградува. Од надеж и занес, Северна стигна до неизвесност и очај на почетокот на новиот, дваесет и првиот век.

Ако во 1990 и 1991 година самостојна Република Македонија ги живееше деновите на гордоста, сега ги трпи деновите на пониженоста. И тоа само за три децении. За една држава е мошне опасно кога ќе потоне во паралелна реалност и во некаков вид колективна параноја, во која веќе не е во состојба да разликува што е реалност, а што манипулација, фикција, фатаморгана. Што е врапче во рака и гулаб на гранка.

По еден успешен век на национално освестување, македонската национална свест што беше споредувана со бетон, ја вратија на нулта степен. Бетонот се ситни во песок. Меѓу Македонците веќе нема национално единство ниту околу потеклото, генот и кодот, нема единство околу историското минато и личностите во него, нема национална солидарност и позитивен патриотизам. Народот е раскаран и разединет. Ниту една партија, ниту еден лидер не најде начин и не покажа способност да израсне во обединител. Голема лага е дека таквите личности се демоде во светот и дека патриотизмот е штетен за општеството.

Слично е и по социјално-економските прашања, дури и за дневните. Било да станува збор за економската политика, за финансиите во државата, за социјалната, здравствената, образовната, културната или спортската политика и кај власта и кај опозицијата како сѐ да е мотивирано со силна желба и чудна страст за самоуништување. Не само за компромитирање и омаловажување (дискредитирање) туку за уништување. Ги гледаме полните скопски улици, ама не ги гледаме испразнетите градови и полумртвите села.

Еден народ, две партии, два паралелни света, два паралелни живота, неколкугодишна карактеристика на македонското политичко поднебје. Како што течеа годините, така растеа разликите. Во дваесет и првиот век, по толку векови стара и децении нова историја, во време кога секое дете има таблет и мобилен телефон, Македонците се фатија во национална стапица од која не се знае како ќе се ослободат.

Државата е во неред, во страв, во уставен хаос, поголемо е чувството на вознемиреност одошто спокојство. Без разлика на која партија и националност му припаѓа, граѓанинот стравува пред иднината, со страв очекува што ќе се случи ако политичарите не најдат заеднички јазик и разумен компромис.

Партиите и државните институции „работат во корист на сопствената штета“. Аналогно на тоа, слободно може да се каже дека и македонскиот народ обилно работи во корист на сопствената штета. Свесно или несвесно си ја сече гранката на која седи. Политичарите за сите последици настанати за време на нивното владеење ја забораваат политичката, материјалната и моралната одговорност прво пред својот народ, а потоа и пред историјата. Партиските и личните интереси на поединци, кланови или групи се на врвот на нивните агенди. Укради и бегај. Народот осиромашува, политичката класа, без разлика на националноста, бескрупулозно се богати. Еден ден тој балон ќе пукне.

Македонија со децении се бори за влез во Европската Унија, а без борба со децении во неа влегува Азија. Кој не верува во оваа метафора нека прошета накај Бит-пазар во Скопје, не мора да оди кон Тетово и Гостивар. Таа пенетрација не подразбира договори, преговори, добивање визи, не бара отворање кластери и затворање поглавја. Тие врати се ширум отворени. Македонската политика наместо да се европеизира, таа се арабизира во многу видливи сегменти.

Северна Македонија не е во ситуација да раскажува и да плете бајки за прекрасен живот. Колку што однадвор е сцена на убави зборови, однатре е јама на несреќни случувања. Еден ден сѐ ќе излезе на видело. Прашање е само да не биде доцна.

[email protected]