…Уф, се јави и Рик Моранис од „Свемирски топки“, наречен Бејли. Тамам во дуо со белгиско-британскиот Ричард Гир наречен Дејвид од „ЕУ за тебе“. Пред него беше оној Жан Клод ван Дајк ван Дирк или Дик ван дер Јан де Коп ван Дам, сеедно. Дојде и некој Марфи што не е забавен како Еди, па издрдоре некои политички коректни закани. Ме загрижува „меѓународната“, може е презафатена со Кина и Русија, кои полека им земаат чалам. А чекам, „цивилизациски“ да ни извадат од ракав полн западни вредности некој нов Хан, кој ќе порача да се спроведат „балкански методи“ за непослушни. Може го чуваат за крај. Јас секогаш се радувам кога ќе ја видам таа традиционална западна вредност, од колонијализам, преку робовладетелство, комунизам и нацифашизам, па до ова денес, нас што ни го прават, ама трендовски го маскираат во „балкански методи“.
Да, ама ВМРО, СДСМ, ДУИ…
Ако очекувате мои ставови и претпоставки околу последнава нордистанска политичка бурлеска, барајте си друг колумнист. Или вратете се на Фејсбук. Таму сите сè знаат, па нормално е да имате врвни политички и аналитички претпоставки и заклучоци. Ја знаете онаа стара српска… се тресеше шумата, ама го нема шумарот да намали музиката, оти човекот ги оправа државата и светот на „фејс“. Може не беше така поговорката. Сеедно дали ви пречи или не, јас воопшто не се вознемирувам околу нордистанските политички будалаштини, ниту се трескам од земја, ниту ми се вреска во дебатите за мудри потези или чисти предавства. Посебно не ме допираат оние „пророчки“ пискотници што сакаат да ми објаснат дека ова е последната фаза за ништење на Македонија.
„Ако и ова помине, тоа е крај за Македонија!“ Не можам да кажам, стара нордистанска поговорка. Нордистан е вчера родено зомби, па не може да биде старо. Значи, глупа нордистанска поговорка.
Ај, да ги отвориме картите. Уставните промени ќе значат крај за Македонија. Лага! Не може да има крај за нешто што веќе завршило. Македонија, сега засега е завршена приказна. Укината е во Преспа. Постои само во нашите глави… или срца… во стварноста има Нордистан, нацизомби родено во Нивици, создавано од разни домашни и странски „нимици“, поддржано со нивни дејствија и наше гласно премолчување. А-ха, за нецивилизацискиот нацистички договор со кој се укинуваат Македонија и Македонците има конкретни виновници, ама никој од нас не е невин. Да не мислите дека со тоа што сме ги искршиле тастатурите „врескајќи“ на Фејсбук или низ колумни, нешто конкретно сме презеле?
Ова што сега се случува или наскоро ќе се случи, не значи крај за Македонија, туку надградба на Нордистан. Доколку не се случи, како што најверојатно и нема да се случи, не значи дека Македонија се спасила или победила, туку дека Нордистан заглавил во ќор-сокак што секако не е лошо и нормално, му го посакувам. Сосе банкрот и крај на политичката моќ на неговите творци и спонзори, како повисоките однадвор, така и пониските однатре.
За намќор и циник како мене, ништо катастрофално не може да се случи, оти катастрофата веќе бидна. Сето ова се само опашки, последици од идентитетскиот геноцид врз нас, склопен и потпишан во Преспа. Оние што тогаш врескаа дека катастрофата е само во нашите небањати глави, а сега се разбудија, можам да им кажам „Добро утро, имајте убав ден, ама јас одам малку да дремнам“. Баш ми е гајле ако по мене фрлаат муабети од типот, Русјаков се предаде, ја продаде куќата, дава поддршка за ужасот што ќе ни се случува. Не сум се предал, затоа што на 17 јуни, 2018 година, ми ја стрелаа душата, куќа немам за да ја продадам, живеам под кирија… во протекторат под окупација и не давам никаква поддршка за ништо и некому, ужас не може да ни се случи, оти ужасот бидна кога нè избришаа.
Па зошто бе, Русјаков, досаѓаш, ако работата е веќе завршена?
Сега завршена, ама не е засекогаш затворена и за да не звучам толку апокалиптично, ако внимателно читате, забележавте дека напишав, Македонија, сега засега е завршена приказна. Тоа „сега засега“ е многу важно. Имам пристојно познавање на еврејската старозаветна историја, па така, „четириесет години талкање низ безводна пустина за да се стигне до ветената земја“ или „седумдесет години ропство во Вавилон“, се само мигови во однос на вечноста. За поединци, тие години биле цел живот, ама за историјата на еврејскиот народ тие се како зрнца во песокта. И ние, денес, сме тие зрнца во песокта, оти ќе дојдат идни генерации што ќе го чујат „гласот што вика во пустината“. Ние ја пропуштивме нашата шанса, талкаме низ безводна пустина, под ропство на новиот Вавилон, ама па не значи дека во иднина, следните поколенија, нема да си ја вратат ветената земја Македонија. Во истата таа старозаветна историја, од Исаија до Малахија, живееле едно чудо пророци, па им кажувале на Евреите што прават и што ќе се случи поради тоа што не треба да го прават. Евреите заклучиле дека тоа е само во небањатите глави на пророците, па едни ги каменувале до смрт, а други ги сечеле со пила на половина. Потоа, кога кажаното се случило, се трескале од земја, барале прошка и нови пророци… за да не ги слушаат и повторно да ги убијат. Звучи познато?
Нашата македонска приказна е слична со еврејската. Историјата секако ни се повторува. Ние сега сме во фаза како онаа по завршувањето на последната Римско-македонска војна. Следувале илјадници години без татковина. Исто така, денес сме во ситуација како онаа по пропаста на Илинденското востание. За момент умира надежта, ама не и идеалите. Или како во времето, по Втората светска војна, кога просечната, но вообразена црвена буржоазија ги убиваше, затвораше, прогонуваше идеалистите од претходната речница, па создаде систем каде што тие се испреплетени како свински црева, а самобендисаноста ја силува скромноста, конформизмот е над личната одговорност, ароганцијата ѝ го одзеде местото на интелигенцијата, систем од кој произлеговме сите ние што денес ја посравме работата. Но, нели, не очајувај мало стадо, вели Лекарот што ни ги пропиша љубовта и трпеливоста како терапија, оти светот постојано се менува, сеедно што ние мислиме дека по секој пораз, засекогаш завршува приказната, ама завршила за нас, не и за иднината, оти сите ние сме само миг во однос на вечноста.
И затоа продолжувам да пишувам, знам дека ништо нема суштински да сменам, ама добро е да остане збор што можеби некој утре ќе го најде во пустината.