„Рачна“ за Трамп

Во тек е нова правна постапка што има цел да го спречи Доналд Трамп повторно да ја преземе претседателската функција следната година. Поддржувачите на оваа постапка се потпираат на третиот дел од Четиринаесеттиот амандман на американскиот устав, со кој функција му се забранува на секој што „учествувал во бунт или востание… или им помагал на непријателите“ на Соединетите Американски Држави.
Поднесени се голем број тужби со тврдење дека поради учеството на Трамп во бунтот на 6 јануари 2021 година – дали како настан сам по себе или како дел од пошироките напори за поништување на изборите во 2020 година – треба да биде дисквалификуван. Дали уставната одредба усвоена во 1868 година навистина може да ја спаси американската демократија во 2024 година?
Третиот дел од Уставот досега веќе беше успешно искористен за смена од функцијата на комесарот на округот Ново Мексико по име Куи Грифин, инаку организатор на „Каубоите за Трамп“, кој помогна да се соберат припадниците на толпата што навлезе во Капитол на 6 јануари. Но, обидите да се отстрани Трамп од гласачкото ливче добија дополнителна поддршка од неодамнешната статија напишана од двајца угледни професори по уставно право, Вилијам Бод од Правниот факултет на Универзитетот во Чикаго и Мајкл Стоукс Полсен од Правниот факултет на Универзитетот во Сент Томас, кои тврдат дека Третиот дел навистина е применлив во овој случај.
Бод и Полсен тврдат дека она што се случило на 6 јануари очигледно било бунт, бидејќи повеќето од оние што учествувале користеле организирано насилство за да се обидат да спречат законски пренос на власта. Трамп се вклучил директно во тоа или им дал „помош или утеха“ на учесниците со тоа што одбил да ја повика Националната гарда да го спречи насилството и покрај постојаните барања во период од неколку часа.

Текстот му посветува посебно внимание на случајот „Грифин“, „неповолно мислење“ што е дадено од главниот судија на Врховниот суд, Салмон П. Чејс, во 1869 година, кое најверојатно ќе има улога во секоја тужба против Трамп. Бидејќи ова не било мислење на Врховниот суд, неговото преседантно значење и понатаму останува нејасно. Во тоа време, судиите на Врховниот суд сами одлучувале по одредени жалби. Во секој случај, мислењето на судијата Чејс е важно бидејќи тој бил судија на Врховниот суд, поранешен член на Владата на претседателот Абрахам Линколн и значајна политичка и правна фигура. Ова е исто така важно затоа што ни кажува како САД постапувале со проблемот на своеволните владини претставници во минатото.
Во случајот имало жалба на пресудата изречена од судија во Вирџинија, кој бил законодавец во државата Вирџинија (а со тоа и службеник во Конфедерацијата) за време на Граѓанската војна. Обвинетиот (Грифин), кој бил осуден за кривично дело, тврдел дека судијата бил дисквалификуван според третиот дел. Но, судијата Чејс констатираше дека е невозможно да се поверува дека Конгресот имал намера да го дисквалификува секое лице што имало каква било официјална функција во Југот, а камоли да се поништи судењето по таа основа. Под таквото буквално толкување на текстот, Чејс напишал: „Ниту една реченица, ниту пресуда, ниту декрет, ниту признавање на дело, ниту запис за дело, ниту продажба од шериф или комесар – накратко кажано, ниту еден официјален акт – не е со најмала важност. Невозможно е да се измери злото што таквата конструкција дополнително би го нанела на веќе постојната несреќа што им се случи на луѓето во овие држави“.
За Чејс беше несфатливо тоа дека Југот, кој веќе беше сведен на економска пустелија, исто така ќе биде лишен и од власт и ќе се сведе на анархија, и тоа во предвечерието на разговорите на претседателот Линколн за помирување и обнова. Таквиот исход ќе им помогне на оние што беа ослободени исто толку колку и на поранешните бунтовници. Според тоа, Чејс сметал дека третиот дел не се „извршува самиот по себе“ и, наместо тоа, му го даде овластувањето на Конгресот да донесе законодавство за да го спроведе.

Се чини дека судската државничка способност на судијата Чејс даде плод: Конгресот уредно донесе закон за „чистење“ на одредени функционери од Југот. Според Првиот закон за „Кју клукс клан“, донесен во 1870 година, третиот дел од Уставот ќе се спроведува само против оние функционери што се мешале во обновата, а не против буквално секој обичен службеник. Конгресот потоа донесе и широка амнестија во 1872 година.
Историчарите гледаат на третиот дел од Уставот како на еден од многуте обиди да се постигне помирување по завршувањето на Граѓанската војна во САД. Дали да го казнуваме Југот, дали се помириме со него или да целиме по малку на двете? Овие беа многу тешки прашања, за кои беа потребни децении за да бидат решени – ако воопшто се решени. Чејс јасно увиде дека, веднаш по завршувањето на војната, во Конгресот немаше расположение внимателно да расправа и на тој начин ја направи класичната грешка на одмазда. Како што тоа го сфатил неговиот поранешен шеф, претседателот Линколн, помирувањето било неопходна компонента за обновата на земјата.
Спротивно на тоа, Бод и Полсен го осудуваат судијата Чејс за тоа што е направена техничка грешка во судското толкување, поради тоа што направил „класична грешка“ на „замена на оригиналната намера за оригинално значење“ кога го толкувал амандманот од Уставот. Нивно мислење е дека судијата Чејс требало да ги наметне непромислените импулси од Конгресот, какви и да биле тие, и исто така дека денешните државни секретари треба да ги спроведат истите тие непромислени одмазднички импулси онака како што се отелотворени во текстот и како што биле оригинално разбрани во 1868 година.
Импликацијата од ова е дека тие треба да го игнорираат целосно различниот контекст на денешницата – елиминација од гласачкото ливче на поранешен претседател и фаворит на Републиканската партија – и покрај тоа што ваквата одлука би довела до обесправеност на огромен дел од електоратот. Тешко е да се замисли подобар начин од овој за дискредитирање на демократијата и владеењето на правото, и сето тоа со еден удар.
Навистина е примамливо да се повика deus ex machina за да се ослободи земјата од човек што направил повеќе да ја поткопа американската демократија од претседателот Џеферсон Дејвис досега. Останува прашањето – дали тоа што би се дозволило изборите во 2024 година можеби да бидат решени од електоратот од 1868 година ќе ја оживее демократијата во САД или дополнително ќе ја ослабне?

Ерик Познер

(республика.еду.мк)