Која е суштината на македонското претседателство? Функцијата претседател на Република Македонија останува една од најспецифичните карактеристики на македонскиот политички систем. Начинот на избор на македонскиот шеф на држава нè сместува во редот на држави со силен претседател. Претседателот кај нас се избира на непосредни избори и го добива мандатот директно од граѓаните. Оттука, претседателството има иста политичка тежина како и Собранието, затоа што сите граѓани се повикуваат на избори за да им дадат демократски легитимитет и на двете тела. Меѓутоа, според ингеренциите, македонскиот претседател не спаѓа во редот на силните претседатели. Изостануваат некои ингеренции, како можноста за распуштање на законодавниот дом, кои дополнително би ги урамнотежиле односите помеѓу претседателството и Собранието.
Исто така, околу функцијата претседател се соочуваме и со еден апсурд. На претстојните избори Македонија ќе потроши околу шест милиони евра за спроведување на претседателските избори. Потоа, во следните пет години ќе се потроши истата сума, околу шест милиони евра, за поддршка на претседателот и на неговиот кабинет, односно неверојатни 0,15 отсто од годишниот буџет на Република Македонија, кој е предмет на оцена на шефот на државата. Преостанатите буџетски средства ги троши Владата, чиј диригент е премиерот. Во политичките науки се вели и дека помоќен е оној што е одговорен за поголем буџет. Каква е тогаш моќта на функционерот што е одговорен само за 0,15 отсто од државните расходи?
Меѓутоа, од друга страна претседателството, токму поради директниот мандат има и една своја мистика. Претседателот ја претставува и ја застапува државата, таа или тој е врховен командант на вооружените сили, а во услови на вонредни или на воени околности шефот на државата е вистински суверен. Исто така, претседателот му го врачува мандатот за формирање влада на идниот премиер, располага и со ветото, како инструмент, а ги именува и разрешува амбасадорите и генералите. Претседателот е олицетворение на актуелниот момент на македонската држава, ги отелотворува вредностите на македонското општество. Токму вредносната и моралната димензија на претседателот ја прави оваа функција специфична во македонскиот политички систем. Македонските граѓани очекуваат шефот на државата да биде над дневната политика и меѓупартиските препукувања, да обезбеди дека Македонија ќе ја зачува својата стратегиска ориентација.
Вистински претседател не треба дури да не работи воопшто ништо. Доволно е таа личност, со својот политички габарит, со својот морал и со своите вредности, да биде заштитен бедем против претерувањата на Владата, на партиите, на олигарсите и на другите моќници во општеството. Заканата од интервенција на претседателот, било со јавен настап, со говор, со обраќање во Собранието, па и со вето, е голема пречка за корозивните партикуларизми, за тесните интереси на моќните клики во едно општество.
Во Македонија претседателството има и уште една улога. По имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, во Македонија се губат обединувачките демократски избрани функции, за сметка на консоцијативните елементи. ДУИ успеа да изгради вистинска мини-парадржава и да воведе де факто вето во сите демократски избрани тела. Претседателството остана единствената институција што има изворен демократски мандат, даден од сите граѓани. Оттаму е и отпорот на ДУИ. Остана уште шефот на државата да се преобрази во некое друго тело, па наместо претседател на Републиката да имаме претседателство, составен од претседател и потпретседател, од кои барем едниот е избран од заедниците што не се мнозинство во државата, секако со врзан потпис. Тогаш сегментацијата на македонското општество ќе биде целосна и ќе се заокружи лазечката федерализација, прокламирана од ДУИ.
Во зората на демократизацијата, за жал, југословенските експерти по уставно право немаа многу искуство за секојдневното функционирање на демократските поредоци. При пишувањето на постјугословенските устави влегоа одредби со задолжителен одзив на граѓаните, најчесто од 50 отсто од вкупниот број избирачи во вториот круг. Нивната идеја била да се обезбеди висок легитимитет на функцијата претседател. Меѓутоа, проблемот е тоа што во воспоставените демократски системи не постојат уставни или законски механизми што спречуваат да се заокружи демократскиот процес, односно изборите мора да успеат. Нема логика граѓаните да бидат повикувани да гласаат, а притоа нивниот глас да не се прелее во институциите. За среќа, повеќето постјугословенски држави брзо се сепнаа, па ги укинаа овие чудни одредби од нивните устави и законите. За жал, во Македонија тоа не се случи, па кај нас постои можност да пропаднат претседателските избори, доколку на нив излезат помалку од 40 отсто од вкупниот број граѓани (видовме и дека останала одредбата од задолжителни 25 отсто од излезените граѓани и за избор на градоначалник). Оваа одредба е вистински динамит во македонскиот политички систем, затоа што неизбор на претседател автоматски ќе значи влез во уставна и во институционална криза. ДУИ се заканува дека ќе го детонира изборниот процес и дека ќе ги повика своите приврзаници на бојкот на вториот круг. Овој пат заканата не произлегува од нивниот проект за „лазечка федерализација“. Сега ДУИ се бори за повторен влез во Владата по изборите и за да го зачува статусот на доминантен чинител кај македонските Албанци, статус што го загрозува големата коалиција „Вреди“. ДУИ тактички кажува дека е битен и дека кај него сè уште е клучот за стабилноста на државата.
Во македонската политичка наука и во македонската јавност често дебатиравме за целисходноста од зачувување на начинот на избори и на ингеренциите на функцијата претседател на Републиката. Сепак, практичниот живот ни го укажа излезот од оваа дебата. Македонија мора да има барем една функција каде што сите граѓани, независно од нивната етничка, политичка и друга определба, ќе гласаат демократски и мнозински ќе ѝ дадат легитимитет на една личност да ја води државата. Исто така, имајќи предвид дека една од првите одредби на Охридскиот рамковен договор е унитаризмот, во Македонија мора да остане барем една државна функција што целосно го отсликува унитарниот карактер на македонската држава. Претседателството е последниот остаток од унитаризмот и мора да се зачува во постојниот облик за да се потцрта овој клучен принцип за иднината на државата.
На претстојните избори граѓаните повторно ќе избираат претседател. Овој пат ќе избираат и заштита на уставниот поредок и на институционалниот систем. Македонија мора да избере претседател на 8 мај, а потоа и да отвори дијалог како повторно да го придвижиме клатното кон унитаризмот и кон демократијата.
Ивица Боцевски