Од политички и стратегиски аспект, како што видовме, интервенцијата во Украина е само операционализација на дипломатски искажаните амбиции за нов светски поредок. Во практика тоа се артикулира преку стравот од НАТО, загрозеноста од НАТО и иманентната опасност што, според Русија, ѝ дава легитимитет да употреби сила
Деновиве, оправдано, главна тема на сите портали, медиуми, дури и на социјалните мрежи и апликации е војната во Украина. Додека многумина зборуваа за ревизионизмот, најверојатно заборавивме дека предвидувањата за таа работа, која некои ја интерпретираа како навивање за да се случи тоа, нема да се баш толку фини. Секако, јасно е дека сенешто кога ќе биде извадено од својот комодитет ќе тежнее да си ја врати својата првобитна позиција. Енергијата за тоа, пак, да се предизвика промена, како и жилавоста на системот врз кој се врши интервенција за промена ќе одреди дали претходниот систем (каков било и во која било форма) ќе опстои.
Изненадувајќи го поголемиот дел од светската јавност, дури според првичните информации барем од она што ние можевме да го видиме, Путин, сепак, изврши инвазија врз Украина. Првин молскавично направи потег што многумина го очекуваа (ги призна одметнатите територии) и веднаш потоа реши да влезе на територијата на Украина, нешто во што изгледа ниту самите Украинци не веруваа или не сакаа да веруваат. На пример, сликите од луѓето што додека траеше инвазијата си купуваа намирници како за секој ден, изненадените новинари и буквалната прошетка на силите за напад до дел од градовите или клучните точки, барем мене ми дадоа таков впечаток. Но, било како било, Путин влезе во Украина. Следуваа неколку работи што се битни и кои ќе го одредат текот на сценариото како понатаму. За таа цел, пак, потребно е да објасниме како Путин (или врз база на што го темели овој потег) гледа на работите.
Според него, влезот во Украина (иако категорично не го кажа во овој формат) е заштита на граѓани и добра на туѓа територија. Историски, на полето на употреба на сила не е непозната практиката на сила на туѓа територија за заштита на граѓани и добра. Ваквата доктрина била применувана пред, но и по стапувањето во сила на Повелбата на ОН. Разликата е во тоа што употребата на сила пред усвојувањето на Повелбата била легална. Оправдувањето на вака употребената сила се базирало на правото на самоодбрана. По стапувањето во сила, Израел, а и некои други држави продолжиле да ја применуваат доктрината. Такви интервенции, на пример, беа интервенцијата во Уганда (на аеродромот „Ентебе“), без дозвола на властите на Уганда, или интервенцијата во Либан во 2006 година, без дозвола на властите во Либан. Во првиот случај операцијата беше ограничена, додека вториот случај е многу сличен на она што го гледаме во Украина.
Без да навлегуваме во правните анализи (кои ги има многу), би рекле дека мислењето на експертите (како дополнителен извор на правото во оваа смисла) е поделено. Додека пацифистите сметаат дека со Повелбата ова обичајно право повеќе не е применливо, бидејќи таа должност му е доверена на СБ на ООН, сепак, постојат група автори што инсистираат на тоа дека паралелно со постојниот режим на употреба на сила преживеал и обичајот да се употребува сила во самоодбрана, како што сега Русија тврди дека го прави тоа. Од политички и стратегиски аспект, како што видовме, интервенцијата во Украина е само операционализација на дипломатски искажаните амбиции за нов светски поредок. Во практика тоа се артикулира преку стравот од НАТО, загрозеноста од НАТО и иманентната опасност што, според Русија, ѝ дава легитимитет да употреби сила. Тоа, пак, само по себе, укажува дека во правна смисла можеби Путин се повикува на уште еден ревносен преседан во употребата на сила, а тоа е предвремената употреба на сила, кој беше мошне актуелен за време на глобалната војна против тероризмот.
Методи Хаџи-Јанев
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.