Полошо од протекторат

Насловот на колумната е коментар на пријател на анализата на порталот „Призма“ за првичните ефекти од ангажманот на „Бехтел и Енка“, како и на јавното обраќање на Левица. Денеска, додека ја читате оваа колумна, во „нашето“ Собрание по скратена постапка ќе се промени половина законодавство: се менуваат законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културното наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, законите за шумите и за градење, па дури и законот со кој „Бехтел и Енка“ си доби зделка без тендер. Ова навистина го нема ни во протекторати, ние сме го усовршиле овој феномен до степен на уникатност.
И тука, всушност, нема ништо ново. Пред две години го напишав следното: „Македонското собрание со убедливо мнозинство донесе закон за изградба на автопатишта без тендер, од кој ќе се офајди американската корпорација ’Бехтел’ (во соработка со турскиот партнер ’Енка’). Потпишувањето на меморандумот со оваа компанија го реализира (вице)премиерот Артан Груби, во присуство на министерот Бочварски, директорот на ЈП ’Патишта’, Ејуп Рустеми, и американската амбасадорка, Кејт Брнз. Пендаровски, тој лојален американски пион, побрза да го потпише указот и се оглуши од сите што опоменуваа за прекршување на законите и Уставот. Имајќи го во вид билансот на сето она што досега го има (или нема) сработено ’Бехтел’, овој чин не е ништо друго туку озаконета геополитичка корупција. ’Бехтел’ доаѓа со сериозен багаж уште од ерата на Реган. Во 1982 година се обвинети за поткуп на владата на Јужна Кореја за добивање спогодба за градење нуклеарни постројки. Во времето кога се дознава за тој скандал, секретарот за одбрана Веинбергер и државниот секретар Шулц биле во врвот на извршните органи на ’Бехтел’ и морало да знаат за случувањата. Приказната (во која е инволвиран и американскиот амбасадор во Сеул) до јавноста ја соопштува ’свиркач’. Во поново време, бившиот потпретседател на ’Бехтел’ во 2014 година се изјасни за виновен пред судот за примање поткуп од египетската влада. Поблиску до нас, примерот на Косово го покажува следното (секоја случајност е намерна), преку напис на Форин полиси (Foreign Policy, 2015): Една од најсиромашните европски држави сакаше пат, па американскиот мегаконтрактор ’Бехтел’ ѝ продаде автопат … со помош на моќниот американски амбасадор.

Чудно е што автопатот едвај и да се користи, а амбасадорот сега работи за ’Бехтел’. Новинарот објаснува дека амбасадорот Дел бил предмет на сатира како ’главен макро’ во стрипот на локалниот уметник Фисник Исмаили, кој ја опиша локалната елита што командува со косовската демократија и ја распродава земјата на компанијата со највисока понуда, а за сметка на косовските граѓани. Во Македонија за хуморот и сатирата се задолжени грантисти поддржани од западни влади, па затоа не очекувајте вакви реакции. Сатирата е прохибирана како говор на омраза и исфрлена од јавниот простор, особено кога станува збор за ’сојузниците’. Заклучокот (уште пред шест години) беше дека балканските инфраструктурни проекти ја замаглија линијата меѓу американската надворешна политика и интересите на корпорациите. Сега, во залетот на мултиполарниот ривалитет, ова е уште поточна дефиниција од кога било порано. Сега, кога ставија трага на ова парче земја, нема шанса да пркне ниту една друга инвестиција или проект што нема да има значење (профит) за САД. И не станува збор само на корупциските бизниси, прескапите проекти што домашната економија не може да ги поднесе и дополнително се задолжува, туку и за робовладетелски однос кон градежните работници за кои нема да важи националното работно законодавство, односно се лишуваат од работничките права. Социјалдемократската влада нема проблем со сето ова сè додека Стејт департментот им дава индулгенции и ги брише гревовите на домашните олигарси за нивните валкани раце во домашните граници. Рака рака мие, и врана на врана очи не ѝ вади.“
Пред една година напишав: „Тоа што САД сакаат да владеат со светот со негово корумпирање (како поблага форма на окупација) е една работа, но она што загрижува е семето на зависност што ’рти и меѓу младите генерации… Најновиот случај е договорот со градежната фирма ’Бехтел и Енка’, во четири очи, на милионски суми. Рибата смрди од главата, а главата за жал неретко не ја избираме ние на слободни избори, туку ни ја даруваат со благослов од Калето. Иако звучи нереално, сепак вистина е дека ’и министрите (се) воодушевени од критиките на американската амбасадорка за корупција во нивните редови’, како што јавуваат медиумите. Министри задолжени за борба со криминал ѝ ги ставаат сите свои сили на располагање на странска амбасада. Но, можеби не е ова обичен Монти Пајтон, можеби тоа е договор за неказнивост, инвестиција во иднината.

(Да се разбереме, јас не верувам дека Груевски ќе им побегнеше да немаше амин од ’горе’, тој беше потенцијална политичка пречка во пресрет на Преспа и требаше да се отстрани безболно.) Мнозина од нас се веќе подготвени за уште една фарса во издание на Холивуд. Во име на борбата против корупцијата, експедицијата за санкции ќе скрши неколку ’рбети, најверојатно во собраниските редови. На ред е уште една ’доброволна’ операција врз идентитетот и Уставот, а за тоа се потребни барем неколку (врзани) раце што ќе го притиснат вистинското копче. Додека не им пратиме јасна порака на оние во амбасадата (Вашингтон е далеку и е зафатен со други поважни нешта) дека не се потребни, ќе бидеме слични на луѓе што сами си ја купуваат јамката на која ќе ги обесат. Кисинџер е една од личностите на кои може да им се одрече моралот, но не и умот. Нему му припаѓа изреката: ’Да им бидеш непријател на САД е опасна работа, но да им бидеш пријател е фатална’.“
Што да додадам сега? Да потсетам дека Антикорупциската комисија поднесе иницијатива за оцена на законот, но дека Уставниот суд ја одби иницијативата пред две години и го прогласи законот за уставен иако беше очигледно дека е наменет за американско-турскиот конзорциум. Денес Таче им порачува на антикорупционерите дека нема ништо против да го прочешлаат случајот со „Бехтел и Енка’, но дека нивната постапка нема да го попречи процесот на изградба? Дека надзор над работата ќе врши фирма што до вчера изработувала долна облека? Дека градежен техничар, човек со средно образование што завршил со „солидна двојка“ ќе биде инспектор за надзор на објекти на терен со плата од над 5.600 евра месечно? Овој е само еден од мнозината. Дека еден куп советници и соработници ќе се офајдат од кајмакот? Дека во надзорот е вклучен човек бегалец од правдата? Дека во бранот закони што наменски ќе се променат за да се приспособат на барањата на „Бехтел и Енка“ тие ќе профитираат дополнително (со многубројни даночни, царински олеснувања и дополнителни народни пари и привилегии)? Дека јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција сè уште „не слуша зло, не гледа зло, не зборува за злото“? Ислам Абази е совршено свесен дека не смее да претне пред Груби (ако воопшто и има таква намера), а цела влада застана во одбрана на „првиот вицепремиер“.

A тој најфраерски веќе кажа дека изградбата на коридорот 8 е политичко прашање, што значи нормално е да го координира министерот за политички систем, а не тој за транспорт и врски. И нормално е политиката да е над правото, а ако правото не е во согласност со политиката – дотолку полошо по него. Ќе се смени по итна постапка. Груби и не крие дека идејата е поврзување (обединување?!) на Албанците од Македонија со тие од Косово и Албанија. Сакате да кажам дека во сиот овој процес се жртвува не само суверенитетот и владеењето на правото туку и културното богатство? Дека доколку во текот на изградбата се наиде на археолошко наоѓалиште, тоа ќе му биде соопштено на некој од инженерите, но не и на институциите? Конечно, дали ви е јасно дека сето ова ние, народот, ќе го позлатиме? Освен Американците и нивните извршители, за сето ова време функционерите ќе добиваат, по сила на одлука на Уставен суд, плати зголемени за 78 отсто?
Ах, бре, Македонче… И после ќе плачеме над Уставот и историјата? Не, не, ние не сме ни за плачење ни за жалење, ние сме срамота за и пред самите себе, пред предците и идните поколенија.
Толку.