Секоја победа си има своја цена, како што секој пораз си има своја болка. Уште од студентските денови ми останала во спомен една карикатура што сум ја видел во весниците. Илустрацијата прикажуваше торзо на маж без една рака, без една нога и без едно око. На плочката од скулптурата имаше наслов „Победник“. Човекот што ја гледа скулптурата се прашува: „Ако вака изгледа победникот, баш ме интересира да видам како изгледа поразениот“. Така некако изгледа и денешната замислена скулптурата на нашата држава: пропагандно извајана како победничка а без име, без идентитет, со непризнаена историја, јазик, писмо и култура.
Откако постојат светот и векот, откако постои човекот, прапотопска е само борбата меѓу доброто и злото, меѓу светлината и темнината, меѓу Господ и ѓаволот, меѓу силниот и слабиот, поголемиот и помалиот. Таа борба е вечна тема во митологиите и приказните, неизбежна и во современата наука. Но и покрај вложениот голем труд, речиси никогаш нема јасна граница за да се дознае кој е победникот, кој е поразениот. Секако, слатка е победата, горчлив е поразот.
Што можеме да научиме од таквите приказни што некогаш, во дамни времиња ги раскажувале нашите баби и прабаби. Во митологијата, победата е подигнувана на ниво на божество. Така се појавиле Ника во грчката и Викторија во римската митологија. Ника, божица на победата и триумфот, е прикажувана како убава девојка со крилја и со венец на главата. Летала по бојното поле и ги наградувала победниците во војната. Не само нив туку ги овенчувала и победниците на атлетските игри. Подоцна Римјаните го презеле митот на Ника и ѝ дале име Викторија, која ги носела истите митолошки симболи и ги вршела истите задачи. Била важен фактор во Римското Царство, во нејзина чест се подигнати староримски храмови. Речиси да нема човек што не посакал или не посакува, не копнеел, да има нивна наклоност да го почувствува слаткиот вкус на победата над што било и над кого било.
Не постои некој кому не му е познат фактот дека „победникот ја пишува историјата“. Насекаде во светот во чест на победата победникот гради споменици, триумфални порти, високи кули, меморијални центри, стадиони, паркови, други разни зданија што ги именува по имиња на оние што дале придонес за победата. По јунаци се именуваат градови, улици, важни установи, а понекогаш и објекти од никакво значење. Ги наградува заслужните со имоти и пари, со големи материјални добра, со високи функции и привилегии, ги одликува со ордени и разни други одликувања. Така било отсекогаш, така е и денеска.
Победата се слави со силни (изнасилени или насилни) емоции, се пеат славенички песни, се извикуваат борбени пароли и восклици, се веат знамиња. Се поддржуваат победникот, лидерот, водачот, војсководачот, се извикуваат неговото име, титула или прекар. Се организираат славенички поворки во кои се покажуваат трофеи, како на пример, запленето оружје, заробеници или отсечени противнички глави. Се излева гнев врз победеното племе, народ, партија или противничкото семејство, кое застанало на поразената страна.
Но историјата е полна со примери за послепобеднички одмазди и цивилни масакри. Има и примери, кога победниците набргу по победата почнувале меѓусебна војна до истребување. На крајот, сепак некој победувал, иако тоа не значело дека победникот ќе има корист, зашто позната е и поговорката: двајца се караат третиот користи (победува). Има и победници што постојано сакаат да победуваат, но при првиот тежок пораз сфаќаат дека сѐ било попусто, дека сите претходни победи воделе кон еден непоправлив животен пораз, негов личен и на неговите идеи и дела.
Меѓу покарактеристичните видови победа е таканаречената – Пирова победа. Тоа е израз со кој се означува победа за која е платена премногу висока цена. Називот го добила по Пир, кралот на Епир, кој кон почетокот на 3 век пред нашата ера ги поразил Римјаните во две битки. Притоа претрпел огромни загуби и во луѓе и во борбени средства. Според легендата, на своите потчинети им се пожалил со зборовите: „По уште една ваква победа ние сме загубиле“. Како своевидна спротивност на поимот „Пирова победа“ се наведува еден друг поим – „херојски пораз“, што од практичен аспект е своевидна иронија. Можеби не ѝ е овде место на споредбата, но вреди како логичен редослед да се наведе дека Македонија со преговарачката рамка и со протоколот потпишан со Бугарија не дојде ни до Пирова победа, а претрпи херојски пораз.
Доста блиска до Пировата, на некој начин, е моралната победа. Многупати сме слушале или сме читале за некој што бил морален победник, кој одлично се борел, направил сѐ што било потребно, но на крајот сепак загубил. Според некои циници, категорија морален победник не постои, бидејќи во суштина тоа значи губитник. Фразата за моралниот победник е фиктивна компензација и шарен превез за покривање на вистинскиот пораз. Интересно е што никој досега не ја сковал или не ја употребил синтагмата „морален губитник“.
Кога се пишува за победата и победниците, нормално е да се спомне нешто и за поразот и за поразените. Има илјадници книги во кои се објаснува психологијата на победата и победникот, но нема или се сосема ретки студиите и прирачниците за психологијата на поразот, односно на губитникот. Дотолку повеќе што победникот веднаш станува дел од решението, а поразениот дел од проблемот.
Позната е поговорката дека победата има илјада татковци, а поразот е сирак. Има десетици фрази за таквите ситуации, дури и такви што се бесмислени, но присутни, како на пример: „посилни сме по поразот“, „од секој пораз излегуваме посилни“ и слично. Иако е речено дека мудрите ги кријат своите порази, не треба да се објаснува дека и по најмал пораз човек е разочаран, се чувствува мал, депресивен, безначаен, безвреден, тешко наоѓа самоутеха.
Како по непишано правило, на губитникот, веднаш или полека-полека, пријателите му вртат грб, му откажуваат поддржувачите (спонзорите), го напуштаат поранешните ласкавци и полтрони, му бегаат жените што му биле додворувачки или љубовници, со презир гледаат роднини, па дури и сопствените деца понекогаш. Низ историјата на светот, а и нашата не е далеку од неа, се случува славни личности, херои на своето време, заслужни за својот народ и држава, при промена на историски или други политички околности, едноставно да бидат заборавени, фрлени на буништето на историјата.
Прикажувањето на победите и на поразите е пропагандна игра, вештина на употреба на зборови и фрази. Не е мал бројот на случаи кога поразот се прикажува како победа. Таков е македонскиот случај со Спогодбата од Преспа со Грција, во тоа светло актуелните неспособни политичари ги прикажуваат и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и сето она што следуваше по нив.