Со правдина и патриотизам против гневот

Според најновиот извештај на „Галуп глобал емоушнс репорт“, македонските граѓани се во врвот на скалата, со високи 26 отсто, на акумулиран гнев на дневна основа, најмногу од сите земји во Европа. Кој е изворот на сиот тој гнев акумулиран низ годините и која е најдобрата терапија против него

Кога пред нешто повеќе од три децении на плоштадот „Македонија“ во Скопје илјадници македонски граѓани ја прославуваа независноста на својата држава, никој и не претпоставуваше дека оној изблик на радост, среќа и верба во подобра иднина подоцна ќе се претвори во очај, разочараност и гнев.
Од еден национално-романтичарски настроен народ на почетокот на 1990-тите, кој конечно дочека да живее во независна и самостојна држава, сега тој стана најгневниот народ во Европа, како што, впрочем, покажа и најновиот извештај на „Галуп глобал емоушнс репорт“, во кој македонските граѓани се во врвот на скалата, со високи 26 отсто, на акумулиран гнев на дневна основа, најмногу од сите земји во Европа, со исклучок на Турција, која е многу поголема и со територија, но и со население.
Нормално, секој од нас ќе си го постави прашањето од каде потекна сиот тој гнев што сега не само што се чувствува на дневна основа туку е присутен од минута во минута, буквално во секој момент можат да се забележат гневни изблици, почнувајќи од ситен сообраќаен прекршок, семејни расправии, посета на продавница…
Човек и не треба да е премногу паметен за да го открие изворот на сиот тој гнев акумулиран низ годините, што сега почнува интензивно да се манифестира.
Но да тргнеме со ред. Ако на почетокот на 90-тите години на минатиот век Арбитражната комисија на тогашната Европска економска заедница, на чие чело беше Роберт Бадентер, оцени дека од поранешните југословенски републики, единствено Македонија и Словенија ги исполнуваат условите да бидат признаени како независни држави, тоа значеше дека земјава требаше да биде признаена и примена безусловно во сите меѓународни организации. Но, за жал, тоа не беше така и државата уште оттогаш постојано се соочува со голем број уцени, условувања, блокади итн.
Како и секоја суверена држава, првиот чекор што го направи земјава е аплицирањето за членство во Обединетите нации, но и таму наиде на затворени врати и услов спротивен на меѓународното право, дека ако сака да биде членка на Светската организација, тогаш нема право да се именува како Република Македонија, туку ѝ беше наметната погрдна референца, која ја влечеше безмалку 30 години. Потоа следуваше грчкото ембарго, кога без никаков повод Грција воведе еднострана блокада на јужната граница, оневозможувајќи секаков дотур на енергенти и стока преку солунското пристаниште, загорчувајќи им го животот на македонските граѓани уште повеќе. Работата не запре тука. Во 2001 година Македонија се соочи со отворена агресија, со терористички напади и увезен конфликт однадвор, поради што под странски притисок со рамковниот договор, како и со територијалната поделба од 2004 година, беше направено целосно редефинирање на државата, која му беше буквално одземена на мнозинскиот македонски народ и беше претворена во административна територија на етнички заедници. Кулминацијата се случи со потпишувањето на Преспанската спогодба, повторно во режија на меѓународната заедница и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, со кои започна финалниот процес за бришење на македонското прашање од овие простори преку креирање нова вештачка нација.

Ова се клучните моменти што сите овие години продуцираа гнев, кој директно го потхрануваа Европа и, воопшто, меѓународната заедница и кој само тлееше меѓу македонските граѓани. И додека сите овие неправди Македонците само тивко си ги земаа при срце и длабоко ги криеја во себе, некој друг не може така лесно да го притаи гневот и да дозволи да биде уценуван, омаловажуван и понижуван.
Таков пример е Полска, каде што тамошните власти жестоко се спротивставија на дволичноста и непринципиелноста на Брисел, обвинувајќи ги европските бирократи дека наметнуваат владеење врз принципот на империјализам, односно се врши тортура на помалите од страна на поголемите членки. Полските власти не го дозволија тоа, но македонските власти постапија спротивно. Во ниту еден момент не се спротивставија на бруталната и бесмислена лицемерна политика на Европа кон Македонија, туку слепо ги исполнуваа директивите од Брисел, навлекувајќи уште поголем гнев кај своите граѓани, кои со право се прашуваат чии интереси се штитат, на некои членки на Европа, кои очигледно не ни мислат добро, или, пак, на Македонија.
Земјава никогаш не возврати со никаква контрамерка или политика, постојано правдајќи се дека не сака да се замери со истата таа Европа, но и со целата меѓународна заедница, кои од позиција на сила и моќ, спротивно на меѓународното право, дозволија нејзино обезличување. Притоа, кога велиме возврати, мислиме да се возврати со силината на аргументите, вистината и со силината на меѓународното право. Иако тоа е на наша страна, ние секогаш одбираме да молчиме и трпиме.
Затоа е сиот овој гнев, а прашање е што ќе се случи ако тој гнев продолжи да се акумулира и во следниве 20-30 години додека преговараме со ЕУ, а Бугарија и Грција продолжат да уценуваат и да бараат постојано нови отстапки. Епилогот на ваквото сценарио е јасен, или создавање аморфна незаинтересирана маса, која дигнала раце од сè и која секој може да ја обликува и нарекува како што ќе посака, или, пак, нејзино целосно исчезнување и претопување во соседните народи, односно распаѓање на државата.

На акумулацијата на сиот тој гнев кумуваа и домашните политички субјекти, кои сите овие години на плурализам гледаа како повеќе да си ги наполнат сопствените џебови наместо да обезбедат благосостојба за граѓаните. За три децении целосно ја сотреа економијата, ја уништија инфраструктурата без да се направи нешто ново, ги пеплосаа шумите, ги исцрпеа реките и езерата, едноставно уништија буквално сè до што се дофатија. И згора на тоа, уште не го вадат од уста народот и постојано повторуваат дека работат во негов интерес. Чиста патетика, во која повеќе не веруваат ниту малите деца. И тоа ги разгневи македонските граѓани, а гледајќи како се расправаат во Собранието, како не функционираат институциите, како цветаат криминалот и корупцијата, како се полни администрацијата со партиски послушници, како се празни буџетот за луѓе што не одат на работа, гневот веќе станува дури и редовна состојба на умот.
Вистинска енигма е како по сето ова човек да остане нормален, смирен, толерантен, креативен и посветен на својата земја. Оние што не можеа да го најдат одговорот, веќе си ги спакуваа куферите и си заминаа, да зачуваат барем уште малку од нервите што им останаа.

Сепак, оние што не им мислат добро на оваа земја и овој народ и кои мислат дека правејќи го гневен полесно ќе го разнебитат, занемариле една клучна работа. Овој македонски народ е жилав, колку и да го разгневуваш, тој уште повеќе ќе се шири, исто како пирејот. Затоа на сиот овој акумулиран гнев треба да му се најде издувен вентил, а тоа е враќање на идејата на македонистиката, патриотизмот, односно враќање кон нашите корени, нашиот национален супстрат, нашата посебност. Ако овој народ пет века под турско не успеале да го разнебитат, иако и тогаш во него тлеел повеќевековен гнев, нема да можат ниту сегашниве меѓународни „креативци“ на нови нации. За да се ослободи нашиот гнев, треба да застанеме обединети и да ги отфрлиме сите уцени, притисоци и непринципиелни политики што ѝ се наметнуваат на земјава, а на тој начин ќе се ослободиме и од гневот и фрустрациите. Со такви мудри политики ќе се врати здраворазумното одлучување, одлучување во интерес на државата и нејзините граѓани, а не во интерес на некои туѓи центри, на кои најмалку им е гајле за сите неправди што овој народ ги трпел и ги трпи. Така гневот ќе се трансформира во една нова енергија, енергија што ќе го движи општеството напред. Тука веќе нема место за политикантство, туку само за луѓе што со своето знаење и сила можат вистински нешто да направат за оваа земја. Само низ една таква нова енергија може да се неутрализира гневот. Енергија за нови проекти, градење, нови визии за својата држава. Енергија за општество без партизирани институции, без корумпирано судство, без неефикасно здравство и образование, без загадување, со силна и развојна економија.
Тогаш, македонските граѓани повторно ќе бидат она што биле отсекогаш – достоинствен, мирен и кроток народ во срцето на Балканот.