Пензионери, во строј и напред (или дали 78 отсто е исто со 6 отсто)

„Пензионери од сите места во Македонија обединете се!“ Го користам како парафраза лозунгот напишан во Комунистичкиот манифест на Карл Маркс и Фридрих Енгелс од 1848 година што гласеше „Пролетери од сите земји обединете се!“ Беше тоа повик да се кренат на побуна угнетените работници и народи од целиот свет, да ја сменат социјалната слика на светот, работниците и сиромашните да ги добијат социјалните права и да имаат човечки третман.
Излегоа и допрва ќе излегуваат на протест пензионерите, кои својот работен стаж го поминале, главно, во Република Македонија, а сега земаат пензии од Северна. Голем дел припадници на поранешната социјалистичка работничка класа, сега поданици на капиталистичкиот систем. Протестот сигурно нема да биде нова „шарена револуција“ што ќе ја преврти државата наопаку. Нивните барања се простосмртни – брзо и задолжително зголемување на минималната пензија и линеарни покачувања. За сите исто, како што било во комунистичките и пролетерски држави и времиња.
Не протестираат од старост лудост, туку од старост грдост. Од тоа што нема ништо полошо од човек да е стар, болен и сиромав, какви што се поголемиот дел од македонските пензионери. И против социјалните неправди и сѐ поголеми класни разлики иако во Уставот пишува дека државата е социјална. Протестираат затоа што нивните власти се покажаа нестварни математички алхемичари. Ги убедуваат дека 78 отсто е рамно на 6 отсто. За 78 отсто ги зголемија платите функционерите, сега 6 отсто зголемување за пензионерите било иста рамноправна распределба. Толку вределе првите, толку заслужуваат вториве.
Не би требало да биде необично и чудно што излегува на површина една подзапоставена категорија граѓани, категорија за повеќекратна употреба, а често и за злоупотреба. Го крена гласот оној политички, социјално и материјално потценет слој на македонското општество, кое можеби е за сите, ама не е за пензионерите. Затоа напред и во строј за здраво општество. Тој строј што си го изврвил минатото не бие битка за иднината, но протестира барем да биде добра сегашноста.
Власта не бега од клишето дека зад секоја буна се кријат политички, а не социјални мотиви. Односно дека протестите се дело а опозицијата. Тука се поставува прашањето како зад 78 отсто не стојат политички мотиви, а зад минимална пензија од 10 до 12 илјади денари стојат? И што има чудно што протестите може да добијат политичка боја, да отвораат и политички прашања.
Кој може да им забрани кога се тие релевантен дел на државната структура и неизбежна слика на општеството. Бројката од 330 илјади пензионерите сочинува речиси една третина од населението што е тука во Македонија. Статистичките податоци не кажуваат многу, но осумдесет отсто се со просечни и потпросечни пензии. Преведено на прост јазик во тој процент се сиромашни. Актуелната власт мисли и ги убедува пензионерите дека живеат во рајот. Стара е поговорката „ситиот на гладниот не му верува“.

По сѐ судејќи изгледа дека никој од високите функционери не влегува во продавница за да ги знае цените на производите. Само за храна, не мора за друго. А тие „летаат кон небото“. И податоците на Државниот завод за статистика покажаа дека за една година, односно од јули лани, до јули годинава, храната поскапела за 12 отсто. Најголем пораст има кај зеленчукот од 21,5 отсто, кај овошјето од 17,7 отсто. Партиските соопштенија што се штанцаат во кабинетите и каде што негативните бројки се претставуваат како позитивни се далеку од реалноста на пазарот, со километри оддалечени од вистината.
Таа „сиромаштија“, таа геријатриска структура, е третина од гласачкото тело, кое не само што излегува на избори туку често го решава и победникот. Таа бројка е речиси половина од оние што излегуваат на референдум. Нема изборна кампања во која не се манипулира со пензионерите, нема власт што не ги изневерила нивните надежи и очекувања.
Веќе прекуглава им е од Бранко и Љупчо, од Грујо, од Заев и Таче, од Али и Груби, од Мицко, од ЕУ и ЕУ, од наконтени дами и господа, странски претставници што кинат усти за Бугарите, а молчат за маките на Македонците. Иако во години, не се слепи пензионерите та да не ги гледаат аферите со „Бехтел и Енка“, да не ја чувствуваат арогантноста на администрацијата и од лагите на министрите, од незаинтересираноста на партиите. Доста им е од државна корупција, криминал, од непотизам, од кражби.
Можеби е проблем, ама не е голем проблем, што државата ги смета старите луѓе, пензионерите, за нужно зло, за буџетски товар и за политички неподобен корпус. Ако ги погледнете кадровските стратегии на партиите, составите на пратеници, вработените во администрацијата, судството, болниците, што ќе заклучите? Таму се застапени сите групи, по познати критериуми: роднински, родовски, приватни, машки, женски, групите наречени враќање услуга за услуга, ти мене едно, јас тебе друго. Освен што се сликаат неколкумина познати восочни лица што траат со децении, нема пензионери на листите, ниту пак некој ги смета нив за потребен, достоен или, не дај боже, за рамноправен партнер.
А само пред неколку месеци политичари(ки), аналитичари, новинари, владини и невладини организации удираа на сите тапани за родова еднаквост и еднакви можности. Зошто никој не зборува и зошто тие проценти да не важат за пензионерите?
Сум напишал повеќепати дека триесет години со Македонија, со мали исклучоци, владеат кадри штотуку излезени од студентски клупи, плус некое дополнително школо во кафиќ или на плажа во Охрид или Грција. И после се чудиме не биле добри работите. Е па, не биле, како може да бидат. Не оти белите коси се нешто попаметни од голобрадите умови, но заслужуваат грам внимание, грам охрабрување пред да заминат од овој свет. Не се тие, ниту пак можат да бидат кандидати за родова еднаквост, но не може да се третираат како нееднакви во едно општество за сите.
Не се пензионерите класа што ќе ја создава иднината, но не мора да бидат и класа навредена, понижена и сиромашна пред крајот на својот животен пат. Не мора да доживуваат државна казна.

Во сите митологии староста е знак на мудрост и доблест. Видовитите луѓе, мудреците, народните творци изворно се старци. Мојсеј од својата 80 до своите 120 години ги водеше Евреите од Египет до Светата земја. Слепиот Хомер на стари години ги раскажувал (пеел) „Илијадата“ и „Одисејата“. Според преданијата, големиот кинески филозоф Лао Це се родил со бела коса и изгледал како старец и оттука неговото име што значи – стар учител. Буда го нарекуваат постариот брат на светот. Господ Исус Христос кога посакал да го покаже своето преображение на гората Тавор Затоа ги зел со себе Петар, Јаков и Јован и излегол со нив ноќе на гората Тавор, кога заблескало неговото лице, а облеката му побелела, како снег покрај него како сведоци се појавиле старците Мојсеј и Илија. И во Откровението гласот што го објавува крајот на светот е прикажан со бела коса.

[email protected]