Парите во пакетот на ВМРО-ДПМНЕ

Настани, симболи, алузии

Од дамнина е речено дека политиката е куртизана, ама колку што е куртизана толку е и пари. Нема политика што не е врзана за пари, како што нема пари да не се врзани за политика. Така е на меѓународно ниво, така е и на локално. Така е во светот, ништо не е различно и кај нас во Македонија.

Во валканата пингпонг-игра за уставните измени што ја водат двете најголеми македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ ја догради барикадата за нивна реализација поставувајќи изненадувачки и тешко совладливи услови. СДСМ прифаќа дел од нив формално, дел суштински, само за да ги протне низ иглени уши Бугарите во Уставот и да си ја зачува подгризената владејачка кожа.

Во вториот дел од понудата, односно во резервната верзија, освен избори наесен и гаранции од ЕУ-институциите за македонскиот многувековен идентитет, самоповиканата национална партија нуди предлог што никој не би требало да го одбие. Имено, ДПМНЕ бара „пакет помош“ од Европската комисија за македонската економија и за граѓаните, за побрзо подигнување на социјалниот и материјалниот статус на државата и стандардот на жителите.

За жал, таа точка преку која се бараат наменски пари од ЕУ е замаглена меѓу големите национални прашања и дилеми. А не е помалку важна од преостанатите. Нема сомневање дека тој предлог може да биде алката што обединува, за кој никој не би бил против. Не би требало СДСМ во заедница со ДУИ да се срами и да се плаши да отвори уста и отворено да побара од ЕУ финансиска помош за спроведување на уставните измени, за нужните реформи и за впишување на Бугарите во Уставот.

Примери за ваква практика во Европа има секојдневно. Поточно, за секој член или кандидат што прави некаква сериозна отстапка ЕУ обезбедува фондови и го наградува материјално, парично и со низа олеснителни финансиски околности. И не се тоа милостини, туку легални дебели средства што влијаат да се прават политички пресврти. Не треба да се докажува дека во светот нема услуга без пари.

Барањето специјален „пакет“ од ЕУ не би било уцена, не е плач на просјак туку легитимна владина дипломатска постапка додека се одвива процесот на скрининг или додека траат судирите за и против уставни промени. Добиените пари, всушност, би биле во корист на власта, не на опозицијата, а најверојатно и граѓаните би имале некоја материјална корист, некое материјално олеснување, можеби поголеми плати и заработки, кои се меѓу најниските во Европа.

Само Република Македонија (сега Северна) е европски исклучок што ги испушта финансиските аспекти во преговорите и договорите и подлегнува на понудени шеќерчиња или солени грицки, со кои се подзалажуваат децата од градинка. Формалните декларации за поддршка од некои западни држави во ниту еден пример во овие 30 години немале тежина на сериозност или практичност. Секогаш останувале само некорисен лист хартија, збор што не вреди ништо. Дека е така најдобро сведочи пресудата од Меѓународниот суд во Хаг според која Грција немаше право да бара промена на името, пресуда што беше бесрамно прескокната и практично прогласена за ништовна.

Дека Македонија е исклучок потврдува токму спогодбата за името со Грција потпишана во 2018 година во Преспа. Државата, поточно тогашната влада не го продаде името како што обично беше обвинувана. Да го продадеше, барем ќе имаше некоја материјална корист, ќе добиеше на конто стотици милиони или милијарда долари, најмалку.

Македонската влада на Грците и на меѓународната заедница им го предаде името на подавалник, иако името не беше нејзина сопственост. Го даде „пар-форфе“ без обесштетување, без каква било материјална компензација. Дури ни фудбалер не менува клуб без пари, камоли држава да смени име без да добие нешто. Целата претстава заврши на штета на Македонија, без да добие скршен долар или евро, не како награда, туку како заслуга, како наплата на националната болка. А сите знаеја дека боли. Познато е дека Грција токму во тоа време доби милијарди на подарок и ја крена наведнатата економска глава. Македонија остана на долната скала на сиромаштијата, каде што се наоѓа и сега.

Големите „државници“ Зоран Заев и Никола Димитров не се потрудија со европски или НАТО-пари да ги обезбедат ниту нужните трошоци за промена на личните документи на граѓаните, за промена на регистрациите на автомобилите. Поради нивната непромисленост сега граѓаните, кои ни лук јале ни лук мирисале, треба од свој џеб да ги компензираат неспособностите на македонските политичари.

Економскиот „пакет“ на ВМРО-ДПМНЕ нуди можност за поинаков, поразумен дијалог и поповолен исход. Може да послужи како појдовна точка за доближување на ставовите. Иако кавгите за пари се најголеми кавги, во случајов може да внесат одреден мир како меѓу партиите така и во македонското поделено општество.

Македонија колку што страда од лоша политика толку страда од немање пари. Не е срамота да бара и да се надева дека ќе добие, иако ниту Америка ниту ЕУ ниту НАТО се системи со широка рака кон земји каква што е нашата.

„Кој тропа ќе му се отвори, кој бара ќе најде, кој иска ќе му се даде“, вели Спасителот.

[email protected]