Не грижете се: ние живееме во еден сосема издвоен свет, недопирлив речиси, затворени во македонскиот/албанскиот меур, несвесни за тоа што се случува малку подалеку. Несвесни или несовесни… Во математиката, паралелни линии се оние што се протегаат една покрај друга во бескрај, понекогаш и на сосема мало растојание, но никогаш не се допираат или вкрстуваат. Ние, ќе речете, припаѓаме на една европска (или поточно западна) траекторија и тука нема што многу да се мудрува низ геополитичка (или хуманитарна) смисла. Ние сме НАТО; ние сме речиси ЕУ (само Унијата да ги отвори портите, иако во меѓувреме внесува нови граници и меѓу државите членки – од безбедносни причини). Еве, и Урсула доаѓа повторно да нè охрабри да се самоизбришеме со еден потег на перото и веднаш сме Европејци. Откако ги видов и слушнав сите бајни западни демократи што отидоа на поклонение кај еден корумпиран злосторник како Нетанјаху, му ја стегнаа срдечно раката иако натопена со невина крв, искрено речено – ми се смачи (дополнително). Урсула, меѓу другите, кажа дека Хамас и Русија се едно исто, и дека ЕУ стои до Израел – додека овој самоодбраната ја реализира низ геноцид и гранатирање на соседните земји (друга работа е што окупаторот според меѓународното право не е жртвата, ниту има право на самоодбрана од тие што ги окупирал, а најмалку преку злосторства против човечноста. Но за миг да го оставам тоа по страна…). Само Клер Дели, европратеничката од Ирска, ја „исшамара“ за таквиот потег и ѝ кажа дека таа нема право да зборува во име на сите граѓани на ЕУ. Не дека наскоро ќе станеме членка на ЕУ, бидејќи наскоро нема ни да ги отвориме преговорите поради балканските национализми и европската хипокризија, но во вакви времиња станува по малку и непријатно да се декларираш за таа божем демократска унија, која не само што миже пред воени злосторства туку и ги поддржува. Толку за овој наш затворен свет, кој никој не го „запишува“, а тој самиот се јаде однатре како уроборос (онаа змија од легендите што си ја јаде сопствената опашка и се изедува себеси). Шарената револуција тукушто си го излижа сето она што го поплука (само парите и грантовите не ги врати). Сега сме на истата точка од која тргна приказната „вратете ги парите/провизиите“, „ќе си лежите“ итн. Она „никогаш повторно“ се претвори во „засекогаш истото“.
Таква ситуација на ѓаволски круг од кој нема излез веќе не наоѓам ни причина да ја анализирам сериозно, бидејќи татнежите од Газа не ми оставаат мир. Ми се чини дека ќе се засркнам при секој залак, секоја чаша вода ја пијам со чувство на вина, сонот е луксуз што милиони деца не можат да го сонуваат. Тоа е тој свет, таа една паралела, кон која сакаме да се приближиме. Тоа е милитантен свет, чии усти се полни со „западни вредности“, а кој нема проблем да одзема од устите на сиромашните и гладните за да му помогне на воениот сојузник (клон) на другиот дел од светот. Вчера се одбележуваше историски јубилеј од формирањето на Македонската револуционерна организација; еве, ни за тоа не ми се пишува – од срам! За каква македонска борба можеме да зборуваме вакви ничкосани, па уште и во сојуз со тие што нè газат.
Среде крвавиот вител, токму кога со гранатирање болница загинаа 500 луѓе, на другиот крај на светот, се одбележуваше еден друг свет или друга визија за светот. МИА (што би требало да биде, а и беше, назив за Македонска информативна агенција, сега преименувана во Медиумска информативна агенција) пренесе куса вест за одржувањето на самитот по повод десетгодишниот јубилеј на иницијативата „Појас и пат“ во Пекинг. Разбравме дека присуствувале претставници на над 130 држави во светот (повеќе од две третини), но никој не спомна дали Македонија имала свои претставници и на кое ниво. Тој податок МИА го сметала за неважен, а во текстот далеку повеќе простор беше дадено на фактот дека на самитот присуствувал Путин и дека срдечно бил дочекан од кинескиот претседател Си. Разбравме дека присуствувале 37 шефа на држави и влади (главно од глобалниот југ), но и Вучиќ и Орбан. Дури знаеме и какви нови договори склучил српскиот претседател. Таму се обрати и генералниот секретар на ООН. Но до ден-денешен не знаеме официјално дали некој од Македонија присуствувал на овој светски настан, и тоа во годината во која одбележуваме и три децении дипломатски односи со НР Кина. Дали се пикнале во глувчешка дупка, или кришум и тивко се прошетале до Пекинг ама без никој да каже, или… Или можеби има вистина во шепотењата по кулоарите дека во западните кулоари се размислува за напуштање на иницијативата на членките на ЕУ, ама и на земјите кандидатки? Наскоро и тоа ќе го дознаеме, веројатно од некој странски медиум. Во овие десетина години, властите направија сè што е можно да ја компромитираат Кина, да ја прикажат не само како корумпирана (познатите „провизии“, предмет што застари и за кој никогаш и немаа докази, освен телефонски разговор) туку првенствено како неспособна. Земјата што гради спектакуларни градби низ светот, сè до Аргентина, ете, кај нас не успеа да изгради педесетина километри автопат.
Сета врева за договори во четири очи и мито одеднаш стивна, за да не се сетиме за криминалниот договор со „Бехтел и Енка“, кој има потенцијал да ја проголта и онака непостојната економија и финансиска стабилност на земјава.
Да ја немав започнато колумнава со метафората за паралелните светови, ќе се замислев дали можеби несвесно сум ја „присвоила“ поентата искажана во интервјуто на професорот на универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, за еден алтернативен американски медиум. Зборувајќи за контрастот на вестите што истовремено стигнуваат од Газа/Израел (и целиот регион на Блискиот Исток) и оние од самитот во Пекинг, тој го употреби изразот „поделен екран“ (split screen), она кога на мониторот или ТВ-приемникот паралелно гледаш две сосема различни слики. Тоа беше и мојата асоцијација, а веројатно и мисла на секој совесен човек што се обидува да излезе од пропагандниот и контролиран меур во кој нè држат намерно. На една страна се одвива хуманитарна катастрофа без преседан (можеби и полоша од оригиналната Накба на палестинскиот народ), се крши буквално секоја норма на меѓународното хуманитарно право во име на „самоодбрана“, а САД ставаат вето на резолуцијата што бара итен прекин на огнот и хуманитарен коридор за спасување на цивилите. Резултатот во Советот за безбедност беше 14:1! Победи тој 1, исто како и педесетина пати претходно кога по сила на ветото САД ги блокираше сите резолуции против Израел. Така, низ децениите помогна да се изгради чудовиштен режим на апартхејд. Од другата страна ја гледаме Кина, која прво самата си помогна себеси со елиминација на масовната сиромаштија и неразвиеност, за потоа да почне глобално да ја шири својата „мека моќ“ (поим што оригинално се применува на ЕУ како нешто благородно, ама не е пожелен да се примени на Кина кога таа го прави истото). Каква е таа моќ на Кина? Како се гледа? Едноставно, низ инвестирање и помагање на најсиромашните земји и на тие во развој во делот на инфраструктурата (патишта, мостови, железници, аеродроми, пристаништа итн.), поттикнување трговска размена, културна соработка и сл. Не треба да сте експерти за ова, само размислувајте логично, здраворазумски: дали е подобро да се држите до западната религија (бидејќи таму веќе нема место за идеологија, а сите „вредности“ се удавија во крв) и империјална визија, или на светот му треба „геополитика на мирот“ (да го цитирам повторно Сакс), која се заснова на мирољубива коегзистенција меѓу народите?
Што би рекол Гоце во кого се крстиме? Знам дека прозападните фундаменталисти ќе почнат да зборуваат за недемократските одлики на оние што се собраа во Пекинг, но каква е оваа воена демократија што владее на Запад? Оваа што и нам ни ја крши кичмата, а која забранува во контекст на Газа да се спомнат злосторства или дури и да се протестира или вее палестинското знаме? Идејата на дипломатијата и соработката во меѓународните односи постои за да гради мостови, па и пријателства, меѓу оние што имаат проблематични односи и/или се разликуваат меѓу себе. Дипломатија не е кога имаш хор на истомисленици што како папагали повторуваат сè што ќе им издиктира најмоќниот. Кинезите имаат една стара изрека: ако забележиме дека некој е непријателски настроен кон нас, ние не размислуваме како да му одговориме на ист начин, туку како да го направиме пријател. Во западната реторика, градењето е злобен чин и „малициозно влијание“, а уривањето и убивањето цивили се самоодбрана и одбрана на западните вредности. Тие и од пријателите прават непријатели. Да бидеш нечиј пријател во смисла на меѓународна соработка не мора да ги прифаќаш сите негови принципи и политики; доволно е да разговараш, да бараш компромис и минимум заедничка почва за комуникација и разбирање.
Дури ми е и чудно кога зборувам за ова, кога генерации од бивша Југославија пораснаа врз таквата филозофија на надворешната политика. Како, по ѓаволите, стигнавме до тука да мижеме пред злото и да се срамиме од градење пријателства? Синофобијата, како и русофобијата генерираат не само недоверба туку и злоба, легитимирање на секоја одмаздничка акција, дури и кон мртвите поети. Полицајците на мислата ќе ви кажат дека Кина е опасна зашто ги заведува слабите држави и ги турка во должничко ропство, а мене пред очи ми излегува третманот на ЕУ кон Грција во 2015-та.
Ќе излеземе ли од својот меур на патетика и самосожалување? Ќе го погледнеме ли поделениот свет? Имаме ли доблест и сила да градиме пријателства без диктат и на наша штета? Или барем да размислуваме за овие два света што се сега намерно направени паралелни, а не мораат да бидат – бидејќи човештвото е едно, а нашата Земја е Гаја.