МИКРО – ДВОГЛЕД: Две мини колумни на Венко Андоновски

Јазикот на глупавиот

Паметниот човек единствено тој јазик не може да го научи, а глупавите го учат за еден ден. За јазиците треба да имате предиспозиција: криминалецот е „роден“ за јазикот на лагата. Чесниот, и да се преправа, нема никогаш да го научи јазикот на лагата. Дури и да одите на четири нозе и да мјаукате, тешко дека ќе се разберете со некоја мачка.
Едноставно, умното и глупавото никогаш нема да се разберат. Меѓу светлината и темнината немало и никогаш нема да има природна заедница: може да има само политичка и идеолошка заедница.
За жал, денес глупавите се (со чесни исклучоци) во врвовите на сите политички заедници. Тие се речиси бесловесни: освен партиски соопштенија, не читаат ништо друго.
Имам сосед што е поначитан од нив: секој месец чита бар водомери, зашто работи во „Водовод“. И во секој разговор покажува дека е човечко, словесно суштество што размислува. Затоа, необразованоста не значи и глупавост. Глупавоста денес се изразува со формулата интелектуална полутка + самобендисана целина.


Демократијата на дарвинизмот

Дарвин во општеството: законите на природата почнаа сурово да владеат во општеството. По што драмата на еден беден работник или земјоделец кому му пропаѓа семејството без леб е помала од драмата на една мушичка заплеткана во пајаковата мрежа? И пајакот, посилен, ја цица мушичката до последната капка крв како што и капиталистот го цица работникот (во нашиот дивјачки примитивен капитализам).
Посилниот опстанува: децата на функционерите, ситен троскот, им ја земаат влагата на моите деца винови лози, па тие венеат. Троскотот е посилен од лозјето, затоа што е паразит.
Но ние сме луѓе, нели? Би требало, во нашата човечка мера, паразитите и предаторите да не бидат најсилни, туку тоа да бидат умните и чесните. За жал, денес, знаењето, душата, честа и образот се сметаат за најголема слабост. Дарвиновата еволуција очигледно не завршува со човек, туку со еден вид неуспешен антропоид, човеколико општествено-политичко животно, жива слика и лика на сатана. Тука Дарвин станува, без да биде свесен, теолог, зашто неговата еволуција започнува со амеба, ама тој не можел ни да претпостави дека ќе заврши со сатана.