Обединета и неутрална Македонија под покровителство на ООН

На денешен ден се навршуваат точно 50 години од првата позначајна активност на Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и Драган Богдановски, преку која меѓународната јавност била запознаена со македонското национално прашање и било понудено решение за него

„Обединета и неутрална Македонија под покровителство на ООН“ беше конкретното решение за Македонија што го понуди тогаш најмасовната македонска емигрантска политичка организација во Западна Европа – Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ). Ова решение беше понудено до државите учеснички на Конференцијата во Виена по прашањето за мир и безбедност во Европа во септември 1973 година. Иако има тенденција денес да се маргинализира дејствувањето на македонската политичка емиграција на Запад, сепак таа во рамките на своите, па и преку своите можности максимално се вложуваше во насока на меѓународно актуализирање на нерешеното македонско национално прашање. И истата таа не само што остави трага туку и придонесе за демократизирање на Република Македонија, а со тоа и за реализацијата на независноста во 1991 година.
Една од тие активности што ќе ја споменеме е меморандумот што бил отпечатен на француски јазик во неколку стотини примероци и испратен до државите учеснички на споменатата Конференција во Виена.
Според тврдењето на составувачите на меморандумот, тој бил испратен и до сите влади во светот со цел да ги „запознае со македонското национално прашање и со вековните стремежи на македонскиот народ за слободен и самостоен национален живот“. Но исто така бил испратен и до поголемиот број дневни весници што излегувале во Југославија, Грција и во Бугарија, како и на некои англиски, француски, германски, италијански, шведски, белгиски и други весници. За комплетно запознавање на македонското општество со содржината на меморандумот бил испратен и до повеќето политички и научно-образовни институции како народното собрание на СР Македонија, Извршниот совет на СР Македонија, синдикатите на СР Македонија, МПЦ, Друштвото на писателите на Македонија, Институтот за национална историја и други институции.

На самиот почеток на меморандумот е објаснето дека ДООМ во Западна Европа дејствувал како „легална политичка организација на македонските патриоти“, а во балканските држави: Грција, Бугарија и Југославија дејствувала како „илегално револуционерно национално ослободително движење“.
Потоа бил даден краток историјат на македонскиот народ, со потенцирање на побитните настани. Историјатот започнал од доселувањето на Словените и нивното „смешување со староседелското население“, па сѐ до создавањето на СР Македонија во склоп на југословенската федерација, која „не ги исполни очекувањата на македонскиот народ, кој во неа гледаше остварување на вековните стремежи“, затоа што била управувана од „домашни послушни квислинзи“.
Во вториот дел од меморандумот следува директното обраќање до претставниците на владите на државите учеснички на конференцијата. Во тоа обраќање, меѓу другото, било потенцирано следново:
„Македонскиот народ денеска е најобесправениот и најугнетуваниот народ во Европа, и тоа во една историска епоха кога колонијалните народи во Африка и Азија дојдоа до своја национална слобода и независност. Македонците во грчката окупациона зона се изложени на варварска денационализаторска политика и геноцид, а скоро слична судбина имаат Македонците во бугарската окупациона зона. Националните права на Македонците во југословенската окупациона зона се ограничени на една културна и административна автономија.

Македонскиот народ и во трите дела на распарчената татковина никогаш нема да се помири со оваа негова ропска судбина и ќе бара патишта и начини за своето национално ослободување и обединување…“
Сѐ со цел нерешеното македонско национално прашање да не се претвори во „искра за воен конфликт“ меѓу балканските држави, во меморандумот се изнесени конкретни предлози како да се реши истото тоа. Па така, за да има „траен мир во Европа“ се предложува создавање на „една демилитаризирана обединета и неутрална Македонија под покровителство на Обединетите нации… Влегувањето на грчката и бугарската окупациона зона во обединета Македонија ги засегнува истовремено двата светски блока па затоа меѓу нив нема да биде нарушена рамнотежа. Југословенската окупациона зона и онака припаѓа во неврзана Југославија па нејзиното одвојување од Југославија нема да има никакво значење за рамнотежата меѓу блоковите и меѓу балканските држави…“ Понатаму се вели: „Обединувањето на трите зони од распарчена Македонија во неутрална држава по протекторат на Обединетите нации ќе му даде прилика на македонскиот народ да заживее слободен и самостоен национален живот, да се спаси од сегашното национално угнетување и понижување.“
Во меморандумот дошол до израз и демократскиот капацитет на ДООМ за признавање и гарантирање на правата на националните малцинства што живеат во Македонија. Тоа се забележува од следниов извадок: „Македонскиот народ сака обединета и неутрална Македонија да биде држава на сите националности што живеат во неа со полна рамноправност за сите и за секого.“
Во меморандумот е упатено барање до државите учеснички на конференцијата „да се заземат и изработат еден план за обединување на Македонија во самостојна државна единица под протекторат на Обединетите нации.“ Во тој план како основна гаранција за мир требало да се изврши „демилитаризацијата на Македонија од страна на двата воени блока. Базите и другите вооружени сили на НАТО и на Варшавскиот пакт да се повлечат од територијата на Македонија, а на нивно место, како и во сегашната југословенска зона, да бидат испратени вооружени сили на Обединетите нации под чија закрила и контрола да се спроведе обединување и осамостојување на Македонија“

Според меморандумот, целта за обединета и неутрална македонска држава можела да се оствари во неколку етапи. Па така, во првата етапа било замислено „бугарската и грчката окупациона зона да бидат издигнати во ранг на автономни републики во рамките на Бугарија и Грција, слично на автономната македонска република во Југославија.“ Во таа етапа Бугарија и Грција требало „да престанат со нивната денационализаторска политика над македонскиот народ, да дадат полна национална културна и политичка автономија на македонскиот народ во нивните окупациони зони.“
Во втората етапа требало „да се свика едно сеопшто македонско уставотворно собрание со овластени претставници од трите македонски автономни републики и со претставниците на сите националности што живеат во Македонија, на кое што да биде изработена конструкција (устав) на идната обединета и неутрална Македонија, чие што создавање треба да биде прокламирано од ова сеопшто македонско уставотворно собрание.“
Додека, пак, во третата етапа, „по прокламирањето на обединетата македонска неутрална држава силите на НАТО и Варшавскиот пакт, како и вооружените сили на Југославија, Бугарија и Грција (војската и полицијата) да ја напуштат Македонија, а на нивно место за обезбедување на внатрешен ред и за одбрана на земјата новата македонска држава да си изгради свои воени и полициски сили.“
Меморандумот бил завршен со следниве пораки: „Траен мир во Европа нема да се обезбеди сѐ додека има експлозивни зони поради нерешени национални прашања. Таков поробен народ е распарчениот во трите окупациони зони македонскиот народ, таква експлозивна зона е Македонија. Затоа ги молиме Вашите влади да постапат во духот на овој меморандум и по тој начин да му помогнат на македонскиот народ да дојде до национална слобода, а истовремено да се обезбедат услови за траен мир во Европа.“
Меморандумот бил потпишан од ЦК на ДООМ, заедно со имињата на претседателот Драган Богдановски, потпретседателот Благој Шамбевски и секретарот Јован Гарвански.

Овој меморандум бил прва посериозна активност на организацијата на меѓународно поле. Оваа нивна активност е дотолку повеќе важна што меморандумот им бил пратен на државите-учеснички на европската конференција, од кои повеќето за првпат се запознале со постоењето на оваа организација, а со тоа и со нивните цели. Меморандумот можеби не предизвикал некој особен интерес кај претставниците на државите учеснички на конференцијата, но бил предизвикан интересот кај тајните служби на Бугарија, Грција, а особено Југославија. Оттогаш се зголемува нивниот интерес за активностите на организацијата, а особено интересот на тајната служба на Југославија, која како најзасегната од дејствувањето на ДООМ се обидувала преку инфилтрација на свои агенти и соработници да го саботира нејзиното дејствување. За раководството на ДООМ, интересот на овие тајни служби значело и зголемување на опасноста по нивната безбедност, што во наредните години особено дошло до израз.

Проф. д-р Марјан Иваноски