Јас сум светлината на светот Исус Христос
Насловот на денешната колумна, веќе знаеш, драг читателу, ти го сугерира и почетокот на новата година. Неа ја пишуваме неколку дена во пресрет на Рождеството на Божјиот син во Витлеем пред цели два милениума. Тоа е вториот голем настан по создавањето на светот од Бог за шест дена. Првиот ден најпрвин Господ ја создава светлината како најважен елемент меѓу елементите на неговата Менделеева таблица: „И Бог рече: ’Нека биде светлина!‘ И бидна светлина. И Бог виде дека светлината е добра; и Бог ја одвои светлината од темнината“ (Битие 1:3-5). Потоа негде пред крајот, тој го создава од оживеаната глина и Адам, а по него и Ева од неговото ребро. Со тоа тој го заокружува својот Opus mundi и седнува седмиот ден да се одмори. За осмиот ден по тоа ништо не се зборува, дали тој продолжил со својата работа. Според приврзаниците на деизмот на кој му припаѓал Волтер, но и Спиноза во една пофлексибилна варијанта. И тој го изедначува Бог со природата (Deus sive natura), но за разлика од францускиот картезијанец смета дека Создателот стои и дејствува над природата и располага со закони што ѝ се туѓи нејзе и кои го овозможуваат феноменот на чудото. Деистите веруваат дека Бог откако го завршил создавањето се повлекол, оставајќи ги природата и нејзините неизменливи закони да сведочат за него. Но модерната астрофизика покажа дека вселената катадневно се шири со нови ѕвезди и соѕвездија.
Да. А најважен факт дека Бог не спие е и раѓањето на Богомладенецот, неговиот син што го испрати на земјата за спас на човекот и човештвото. И тоа рождество ја означува новата епоха, епохата на Новиот Адам, Богочовекот како образец на новата обожествена човечка личност. Него 860 години како „големата светлина што ќе се роди во Витлеем“ го претскажа во визија и старозаветниот пророк Исаија. За тоа божје чудо на отелотворувањето на Синот во човек е избрана жената на дрводелецот Јосиф, Марија од Назарет, потоа Богородица. Таа сега, како што вели Јунг, го комплетира машкото Свето Тројство во идеалното четворство на кое до неа му недостасувал елементот на женскиот принцип, анимата, „вечно женското“ како што вели Гете. Таа го раѓа Богомладенецот во пештерата, во јаслите пред очите на добитокот, како и пред очите на ангелот што ја објавува новата блажена состојба на човештвото што влегува во Бог: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!“ (Лука 2:14)
Колку, пак, оваа божја порака ја гледаме како остварување на земјата добро ни е познато. Еве ја како илустрација сликата на Газа, Палестина и ѕверствата во неа над невиниот народ, и тоа, за да биде парадоксот поголем, од „избраните“, старозаветниот народ на Јахве. Тој што ја бараше и смртта на Спасителот, заглавен во јудаизмот, кој до денес не го признава него. Нужна дигресија, драг читателу, за да се објасни и проклетството што го следи човештвото и по раѓањето меѓу него на Божјиот Син, Новиот Адам. Оти веднаш почнува ѕверска потера по него, па мораат со него да бегаат во Египет Марија и Јосиф. Во меѓувреме, пак, јудејскиот цар Ирод, денес прототип на жестоката западна цивилизација, не би ли го убил Богомладенецот, ги коле до едно сите витлеемски деца. Сега воленс/ноленс како аналогија на тоа ми доаѓа и сликата на македонските витлеемски деца убивани од напалм-бомбите на англиските бомбардери во Егејска Македонија во 1948 г. Од западниот цивилизациски Ирод што ги убива Бог и божественото кај ќе стигне по светот. Сега најсурово во Палестина, но пред неколку години и нас сурово нè уби идентитетски. Впрочем тоа го распна и уби на Голгота и Христос. Лукавите Евреи него го осудија на смрт, но неговото распнување им го препуштија на римските војници на Пилат, кој се обиде да го спаси, но не успеа. Аналогијата нè тера, пак, да ја гледаме западната цивилизација како природен наследник на суровиот Рим, на неговиот суров менталитет за покорување и распнување на цели народи што го демонстрираа и со нејзиниот колонијалистички авантуризам, материјален грабеж и бесрамно понижување на помалите и послабите. Ние Македонците добро го знаеме тоа.
Да. Туку да се вратиме конкретно на Христос. Со неколкуте дигресии понапред испаѓа дека неговата мисија за која е испратен тој на земјата е неуспешна. Но не е. Напротив. Тој му ја покажа патеката по која треба да се движи кон божественото на загубеното и потонато во зло и темнина човештво. Покажа каков треба да биде новиот човек-човештво, како што би рекол Шлаермахер. Богочовекот, Новиот Адам во кого е втемелен Светиот Дух на божјата правда и вистина. А за сè тоа да се оствари науката на Христос има само еден единствен збор Љубов. Тоа е интимната на нашето и космичката енергија на врховното битие во синергиска врска (Атман и Брахман кај Индусите), која го обожествува и спасува човекот. Божјиот зрак, кој нуди директно просветление (сатори кај будистите). И тој зрак просветли и обожестви некои индивидуи, не и цели народи, за жал, како што мислиме, иако Македонците во еден важен миг кога дојде кај нив апостол Павле беа во колективно божествено просветление, пренесувајќи ја радосната вест и пошироко во Европа, која, за жал, и покрај прекрасните катедрали до денес остана со пагански нарав.
Формулата на Христос за љубовта е едноставна и исцелителна: „Сакај го ближниот свој како што се сакаш себе си“. Според богомилот и бунтовник против хиерархизираното и подржавено христијанство Толстој таа реченица е сублимација на целокупното учење на Христос и на христијанството. Ништо повеќе не треба.
Големината на Христос, драг читателу, е посебно и во тоа што тој иако Божји син на своите апостоли и обичните простосрдечни луѓе им се претставуваше како Човечки син, за да покаже дека, имено, човекот е тој што е создаден според образецот на божјата лика, ама заборавил на неа. Постојат многу примери во Светото писмо што го илустрираат тоа, но веројатно најекспресивен меѓу нив е Христовото миење на нозете на апостолите на Тајната вечера пред збогувањето со нив. Тие силно се вчудовиделе од таквиот чин на Учителот, но тој со тоа им го дал примерот како да бидат слуги и како да им служат на другите, со панхуманата и божествена визија секој на секого да е слуга и секој секому да му служи. Тоа е според Христос практичната и духовната филозофија на понизноста, која не е понижение, како што обично ја сфаќаат суетните неа, туку е еден од најубавите божествени дарови на секое едно човечко битие. Оти таквата понизност на божествени слуги треба да ја имаат и владетелите кон народот. А какви се нашите владетели од власта, гледаш, драг читателу. Тие кај нас се дерикожи, а не слуги на народот. Покрај другото му го извадија како канибали и идентитетското срце од живите гради.
Се ближиме кон крајот на просторот, оти не се завршува во пет-шест страници оваа бескрајна тема. Затоа можеби треба да го извлечеме како збито резиме генералниот заклучок: што се случи по раѓањето и распнувањето на Божјиот Син, по што, покажувајќи ни го патот за спасение, се врати кај Отецот на небото. Заклучокот е депресивен. Западот како најагилен во безбожништвото ги измисли крстоносците, темпларите и крстоносните походи, кои под претекст за ослободување на божјиот гроб од муслиманите тргнаа во колонијалистички грабеж, и до денес не се откажа од тој свој шемен порок. Човекот одби да го прифати Новиот Адам, Богочовекот. Наместо тоа, како што вели Николај Берѓаев, рускиот религиозен филозоф, тој го прифати сатанистичкиот концепт на човекобогот. Тоа е Големиот инквизитор, новиот демон на човештвото, за кој зборува Достоевски, а тука е според Берѓаев и концептот на натчовекот на Ниче, иако германскиот филозоф е амбивалентен во однос на неговата проекција. Па зарем во таа смисла е случајна и неговата претсмртна воздишка: „Сакам да бидам како оној распнатиот.“
Според Берѓаев, средишна и најважна анегдота за откривање на богочовечниот карактер на Христос е онаа на неговото искушување од страна на сатаната за време на неговиот четириесетдневен престој во пустината. Тој требало да одговори на три ултимативни искушенија. Прво, ако е вистина Божји син, според сатаната, тоа требало да го докаже со претворањето на камењата во лебови со кои ќе се нахрани гладното човештво. На тоа Христос одговорил дека човекот се храни не само од леб туку и од Божјото слово. Духовен леб. Второ, сатаната му предложил да скокне од високата карпа и ако е вистинскиот ќе се јави ангелот, ќе го фати за рака и ќе го спаси. Тука Христос одговорил дека Бог не треба да се искушува. Според Берѓаев со тоа тој се изјаснил за верата како чудо по себе, а не барање на чудо за да се верува. Таа тајна ја знаат сите саможртви херои. Ја знаеја и солунските гемиџии и нашите илинденски комити и асномски партизани. А што се однесува до претворањето на камењата во лебови, тоа „чудо“ им е блиско според Берѓаев, исправно, на атеистичките социјалисти (комунистите), кои се откажале од Бог и духовниот леб. И на крајот е третото искушение што му го поставува сатаната на Христос, да се откаже од Бог, за што како награда ќе ги добие целокупното царство и богатство на земниот свет. Тој категорично со „бегај сотоно од мене!“ вели дека неговото царство не е од овој свет. Која е пораката до човекот тука: духовен, а не само физички леб, верата како чудо само по себе, а не барање на чудо за да се верува, и божјото царство во себе, а не светското царство заради површно задоволство, суета и егоизам.
Едноставно со тоа Христос сакал да му ја дари на човекот вистинската слобода, која се остварува со принципите на Верата и Љубовта. Со ништо друго. Со откривање на безграничниот простор на божественото во себе. Читајќи го Светото писмо, Христос изгледа зачудувачки едноставен, но тој е во основа исклучително сложена личност. Тој е поим за љубов дури и кога римските војници му ги забиваат клинците на крстот, па вели: „Боже прости им не знаат што прават“. Оттука, имено, и ја наследуваат Толстој и Ганди животната филозофија на непротивење на злото. Да. Арно ама Христос можеме во некои ситуации да го видиме и страшно гневен и воинствен. Го гледаме како со гнев ги исфрла трговците надвор од храмот на Татка си, а во Откровението на Јован пред почетокот на светската апокалипса гледаме како од неговата уста излегува место книга меч со две острици. Итн. Тој е во основа револуционерен дух кој и со филозофијата на верата и љубовта ја озаконува божествената цена на саможртвата за божја Правда и Вистина. Можеби и со интуиција таа филозофија на саможртвата ја прифатија гемиџиите, илинденците и асномците кај нас. И последната порака што им ја даде Христос на апостолите пред неговото распнување говори во прилог на неговото сфаќање на животот како борба.
Имено, тој им рече ним дека ги испраќа меѓу волци, а не во манастири да тихуваат како монаси и аскети што се јалово самоизмачуваат за да се докопаат до милоста на Бог, една од девијациите, како што мисли и Берѓаев, на историското христијанство. А дека апостолите безрезервно го усвоиле ставот на својот Учител говори и фактот дека од дванаесетте колку што биле тие, единаесет, меѓу нив и нашиот македонски Павле, загинале во таа нерамна борба со злото во светот со маченичка смрт, а само природната на Патмос ја дочекал апостол Јован, може и за да го прими Откровението за апокалипсата што го очекува човештвото кое го распна Богочовекот. Човештвото, кое како што стојат работите, наместо Христос го одбра антихристот, сатаната, наместо Светлината, темнината, наместо Доброто, злото и наместо Љубовта, омразата. И пак, којзнае по кој пат, драг читателу, морам да кажам дека тој контраст најжестоко се рефлектира во Западната колонизаторска цивилизација, која најмногу го обесвети срцето на човекот, удирајќи го и со своите темплари и крстоносци печатот врз него на антихристот. Па кога размислувам за тоа, драг читателу, не случајно воленс/ноленс ми иде во свеста мислата зошто, на пример, кај Богомладенецот во Витлеем доаѓаат да се поклонат со дарови мудреците од Исток, а меѓу нив нема мудрец од Запад. Случајно ли е тоа? Или не? А? Или треба да ја прашаме на ова прашање да одговори нововековната историја на моќниот Запад по Христа, на неговите моќни нации што ги понижуваат, ограбуваат и убиваат помалите и послабите. Оти што се случуваше последните сто и кусур години со Македонија и особено сега со нејзиниот идентитетски геноцид од страна на Брисел и Вашингтон, и што се случува сега со Палестина од истите тие што му даваат зелено светло на „избраниот“ народ раководен од старозаветната филозофија „око за око, заб за заб“ да направи нова Хирошима од неа. Итн.
Така. Пребогата и сложена е личноста на Христос, кој ѝ бега на догматската анализа на официјалната католичка, православна, или протестанска теологија. Надвор од таа рамка треба да се каже дека, како што тоа убаво го забележа и мојот Филип дека тој е далеку пред Маркс, Бакунин, Кропоткин, Прудон и другите првиот вистински анархист, кој наместо земната држава како „апарат за угнетување“ (Маркс) ја препорачува теократската држава на сеопштата љубов меѓу луѓето, „Небесното царство“ како што ја нарекува неа Тој, а кое се наоѓа во нашето срце кое, како што самиот рече, е попространо и посвето од секој храм, па и од храмот на Соломон, да го прими неговиот Татко со бескрајната љубов како единствена спасителка на човекот и Човештвото.
Тука ставаме точка, драг читателу. Тоа беше нашиот кус прилог кон Рождеството Христово, кон раѓањето на Светлината и Љубовта, кои и по саможртвата на Христос останаа дефицитарни во суровиот свет. Тоа како да го претчувствуваа интуитивно и првите христијани, па ја пееја песната „Господе дојди што поскоро“, макар и со очистувачката апокалипса, чија слика ја доби како Откровение Јован на Патмос. А таа апокалиптична слика маркирана со поимот Воскресение фасцинантно е проектирана дури и со копнежот на мртовците во гробовите облечени во бела руба, кои ја очекуваат со нетрпение неа. Ја очекуваат и Македонците закопани во Преспа 2018. А ние живите, драг читателу? Ние какви што сме во овој безбожен свет по сè изгледа сме помртви и од мртовците за кои говори Откровението на Јован. Nocturno, de profundis, memento mori.