Ги сакам писмата на Џојс до Нора. Го сакам и писмото на Кафка до неговиот татко. Достоевски го запознав и засекогаш го засакав, читајќи го неговиот епистоларен роман „Бедни луѓе“. Епистоларен роман не е „испукан“ или пишуван со пиштол, туку роман составен од писма (и друг вид документи, дневнички записи). Емотивно созревав со „Страданијата на младиот Вертер“ од Гете. Сега се токмам да ги читам писмата на Сергеј Довлатов испратени до неколку жени. Има нешто чудно и мистично што ме привлекува во овој вид интимна книжевност. Ама не знам дали сум му погрешил нешто на бога што мора да живеам среде оваа епистоларна гротеска на американската амбасада со нордистанскиот судски систем. Ајде, ајде, не туку се жали, си зборувам сам со себе, живееш фарса на која Марк Твен и Емброус Бирс може да ѝ позавидат.
Читајќи ги насловите изминативе денови, оти подлабоко одбивам да нуркам во нордистанската баруштина, мојот циничен ум веднаш забележа дека американското мешање во тукашното судство преставува типична манифестација на руско влијание, пропаганда и роварење низ независноста на судската власт. Баш откачено, нели? Американската амбасада не е задоволна од судскиот систем што самата, со кеш и притисоци, го програмираше, откако насила, по спроведена специјална војна, ни октроира власт и нè обезличи како народ и држава, поддржувајќи криминално прекршување на Уставот и законите, по што следуваа укинување на демократијата и претворање на Македонија во нордистански гулаг. Патем, кога зборувам за САД, не мислам на Марк Твен и Емброус Бирс (тоа е мојата Америка), туку на Стејт департментот, Белата куќа, Пентагон и НАТО.
Да имаше дното име, ќе се нарекуваше нордистански судски систем, тоа и на мали деца им е јасно, само не знам зошто американската амбасада е разочарана кога токму нивните милионски спонзорства, притисоци и влијанија доведоа до ова. Самиот факт дека по затвори скапуваат невини луѓе, судени и осудени во полициско-политички монтиран судски процес, како во најцрните денови на комуњарската црвена буржоазија, со цел да се влее страв кај Македонците за да не им текне да кренат глава во борбата за своите основни човекови идентитетски права, кои, преку еден нов, софистициран, нацистички метод, им беа одземени по октроирањето на Заев и неговите, од страна на САД и оние лицемерни манекени (кукли во американски излог) од ЕУ, ни докажува дека фарсата и гротеската се длабоко навлезени и господарат со секоја пора на битисувањето.
Русјаков, многу сереш, хулиш на светата соборна евроамериканска политика на меѓународната заедница, најдобро ќе биде да ти се спакува еден демократски политичко-полициски монтиран прогон како на неподобен рубља-патриот, па да видиш кој Кафка црн процес преде, односно каде е моќта и како судството и полицијата наеднаш стануваат прозападни, добри и реформирани кога спроведуваат „демократија на преки суд“ врз такви како тебе.
Вака некако звучи фарсата што, по Информбирото, ни се повторува како историја. За да биде уште пострашна вистината, симболично и буквално, и тогаш и денес, имаме по еден Ченто како жртви на безумието на моќта. Кога за време на специјалната војна против Македонија пишував дека по насилната и криминална промена на името ќе се случи токму ова што ни се случува, не можев да замислам со колкава жестина ќе се разголуваат лицемерноста и варваризмот на октроираната моќ. Не дека некој забележува или му е гајле ако забележал, ама барем мене ми е задоволена страста за вистина. А страст значи страдање и денес, едни страдаат по затвори за вистината, други ја запишуваат иако никој не ги есапи, ама сепак ја има, излегува на виделина, макар за идните генерации.
На руски, „шутка“ значи „шега“, а јас како панкер сакам „шутки“ (панкерско доживување на музиката, во оригинал: пого), па затоа, да ја злоупотребам фарсата која гласи „ако не си за Американците, тогаш си рубља-патриот“ и да исфрлам една теза што ќе ја започнам со заклучокот дека со нас Македонците, битисувањето си игра „шутка“, а ние секако треба да се запрашаме зошто. Ако земеме предвид дека евроатлантистите наречени меѓународна заедница, на власт ни октроираа коалиција од црвена буржоазија и марксисти-ленинисти, ако МВР има амин да се однесува како НКВД, а судството ни се води според „прекиот суд на моќта“, ако мејнстримот од новинари, експерти, вистиномери и интелектуалци изгледа како налудничава журка на Црвени Кмери и чекисти што спроведуваат еден вид кинеска културна револуција среде овој НАТО-гулаг изрежиран од „повисоките однадвор“, тогаш може да заклучиме…
Да бе, Русјаков, а Русите што ја создадоа Санстефанска Бугарија?
…тогаш може да заклучиме дека ова зомби наречено Нордистан всушност е евроамериканска Санстефанска Бугарија, а она што некогаш беше Америка, денес е Русија, додека сегашниов САД е Советски Сојуз. Барем според тоа како практикуваат политика на насилство врз нас, оти дома, иако се многу моќни, сè уште не можат дотолку да аздисуваат. Направете само споредба меѓу американскиот и нашиот „27 април“ и ќе ви стане јасно за што зборувам. Звучи морбидно, но изгледа дека сите оние вистински забегани комуњари што очигледно не биле на списокот на лудиот Макарти (не Пол, туку Џозеф), дошле тука и си направиле свој гулаг, наречен Нордистан. И доста на оваа тема, мислам изнесов доволно материјал за да кренам паника во срцата на оние што ме сакаат, оти нема да знаат кога ќе дојде по мене темницата на демократијата за да ме изеде.
Океј, на ред е Џек Керуак, оти не се само Твен и Бирс, мојата Америка. Тука секако се Хемингвеј и Фокнер, Витмен и Паунд, Вонегот и Остер, но овој пасус е за „дарма-скитникот“. Како Џек би го почнал своето ремек-дело „On the road“ ако живееше тука и сега?
Таа година, се сеќавам како да е вчера, оставив „кохонес“ на коридорот 8… бројот на бесмртноста како бесмртните божества од пантеонот Кале… јас на пат кон изгрејсонцето на слободата што се бара со испружен палец кон недостижната вселена. Кркам провизии како пејоти од Навахо-ритуалите, со звуците на би-бап шаманите, џез-дуото Бехтел и Енка, кои ми шепотат ноти во ушите преку слушалките дури заминувам по бескрајниот коридор, оттука кон вечноста, за да побегнам од апсурдот на безумноста среде нордистанската прерија, каде што завиваат којотите на стварноста од октроираната депресија… бегам што подалеку за да го пронајдам совршениот Мисисипи, крвоток низ срцево што има форма на мојата Америка…
Добар сум, брате Џек, а?