Речиси 100 отсто од населението во Утрехт може да оствари девет основни потреби, како храна, здравствена заштита, образование и спорт, во рок од 15 минути со велосипед

Станува збор за концепт за урбано планирање чија цел е да се намалат штетните емисии и патните дистанци. Но некои стравуваат дека тоа ќе го ограничи движењето, ќе доведе до изолација или ќе се засили надзорот

Нов концепт за урбано живеење

За многумина можеби звучи како добра идеја да се намалат секојдневните патувања на 15-минути пеш, со велосипед или со јавен превоз, со цел да им се помогне на граѓаните подобро да ги задоволат основните потреби. Ова е она што треба да го постигне 15-минутниот концепт на град. Карлос Морено, професор на парискиот универзитет „Сорбона“, кој е заслужен за развојот на концептот, вели дека е потребно да се направат градови каде што ќе може да се пешачи, да има повеќе медицински услуги, едукативни активности, да можат полесно да се задоволат секојдневните потреби и да се направат градовите попогодни за живеење.

Изолирани во маала?

Досега неколку града низ светот дебатирале или во некои случаи го спровеле овој концепт или нешто слично на него, вклучувајќи ги Париз, Барселона и Шангај. Но, 15-минутниот концепт на град сѐ повеќе станува фокус на дезинформации на глобално ниво. Концептот од 15 минути е помалку за дизајнирање планови за секое поединечно соседство, а повеќе за овозможување на основните потреби достапни во рок од 15 минути, смета Крис Брунтлет, застапникот за урбана мобилност.

Утрехт како град од 15 минути

Холандскиот град Утрехт веќе го спроведе концептот за 15-минутен град. Истражувањето засновано на податоци од 2019 до 2021 година покажа дека речиси 100 отсто од населението во Утрехт може да оствари девет основни потреби, како храна, здравствена заштита, образование и спорт, во рок од 15 минути со велосипед. Дополнително, урбанистот Морено изјави дека 15-минутниот концепт „е хуманистички концепт за борба против актуелните сегрегации, дозволи и гентрификацијата“. Според него, целта е да се промовира полицентричен град, со повеќе центри и град поотпорен на климата со јавни простори за луѓе, а не за автомобили.

Загриженост за ограничување на движењето

Меѓу жителите на градот Оксфорд во Велика Британија се раширија гласини дека ќе им треба дозвола да го напуштат својот округ од 2024 година. Меѓутоа, се измешаа два концепта: новиот план за филтер на сообраќајот за градот Оксфорд, со пробна фаза што започнува во 2024 година и планот за 15-минутен град како дел од пошироката стратегија за оксфордски локален план до 2040 година.
Во однос на планот за филтер на сообраќај, тој беше усвоен во ноември 2022 година од Советот на округот Оксфордшир, со цел да се постават сообраќајни филтри на шест патишта во градот Оксфорд. Планот има за цел да го намали сообраќајот со ограничување на употребата на приватни автомобили во овие области за време на сообраќаен метеж. Планот не важи за пешачење, возење велосипед, користење на автобус, такси и други превозни средства. Жителите можат да поднесат барање за дозвола за возење низ филтрите до 100 дена годишно. Сепак, властите јасно ставија до знаење дека луѓето сепак ќе можат да стигнат до секој дел од градот со автомобил во секое време, но можеби ќе треба да користат алтернативни маршрути. Шемата ќе се следи со камери, но нема да има физички контролни точки. Ова не е поврзано со 15-минутниот градски план за Оксфорд.

Петнаесетминутни кругови во заедницата

Во однос на моделот за 15-минутниот град, властите во Шенжен, Кина, планираат да ги спроведат идеите од овој концепт на урбанистичко планирање. Локалната власт во Шенжен објави дека формирала таканаречени „15-минутни кругови за домашни услуги“. Општо земено, оградувањето на населбите е во спротивност со концептот на 15-минутен град, бидејќи луѓето ќе треба да ги заобиколуваат. Лиу Даизонг, директор на кинеската програма за одржливи градови при Светскиот институт за ресурси, вели дека затвореното земјиште го разбива урбаниот пејзаж и ги усложнува иницијативите за планирање.
Во меѓувреме, Ева Хајнен, професорка на Универзитетот во Дортмунд, Германија, како и дизајнерот на концептот, Карлос Морено, изјавија за „Дојче веле“ дека не располагаат со информации за 15-минутни градски концепти кои планираат да ги оградуваат населбите или да користат системи за препознавање лица. Исто така, градовите како Утрехт, Париз или Барселона, кои се на пат или веќе го имаат спроведено концептот, не ги користат овие ограничувања.