Настани, симболи, алузии
Три клучни меѓународни договори има потпишано Република Македонија како самостојна држава. Тоа се Договорот за пријателство со Бугарија, Спогодбата за името со Грција и договорот со НАТО за членство. Несомнено дека тие во интервал од нецели десет години ја променија оригиналноста на независноста, а придонесоа и за промена на уставното име. Промените се длабоки и суштински како од домашен така и од меѓународен аспект. Епитетот историски договор може да го носи само договорот со НАТО, со кој Северна Македонија станува дел од најсилната воена алијанса на светот. Таков статус, како македонски народ, а не како држава, имала Македонија само во Втората светска војна, кога била составен дел на силите што извојуваа победа над фашизмот и нацизмот.
Не треба да се бега од вистината дека договорите не се оригинална, автентична идеја на Македонија и земјите потписнички, туку тоа е дел од големиот американско-европски проект за нормализација на односите и заокружување на регионот Западен Балкан во нивната политичка и воена сфера. За разлика од други кризни подрачја во светот, каде што Американците користат груба и воена сила, овде ја форсираат доктрината непријателствата да се гаснат со пријателства. Тоа е едната страна на медалот. На другата се скептиците, кои веруваат дека Американците и Западот го прават сето ова со цел да ги избришат Македонците од мапата на народите и да ја припојат Македонија кон Бугарија, како конечно решение за стабилноста на европскиот континент.
Ако договорот со НАТО е од глобално значење, договорите со Бугарија и со Грција се од локално. Барем такви требаше да бидат, чисто билатерални. Договорите со двете соседни земји влеваа надеж дека конечно ќе се затвори „македонското прашање“ посочувано како вековен регионален проблем и ќе се угасне фитиљот на „бурето барут“ на Балканот. Всушност, за Република Македонија требаше да значат дефинитивно потврдување на своите територијални граници и границите на двете други потписнички – Бугарија и Грција, потврда на нејзината историја, историјата на македонскиот народ, на неговите културни традиции, јазик и писмо. Такви беа ветувањата, такви беа убедувањата на македонските власти.
Иако јасно не се нагласува, договорите по својата внатрешна динамика, на еден или друг начин, содржат елементи на мировни спогодби за прашања што влечат корени уште од времето на Балканските војни и поделбата на географска Македонија на три дела, според Букурешкиот договор. Егеј и Пирин конечно им припаднаа на Грција и Бугарија, завршена е приказната со „Солун е наш“, заврши сонот за Македонија од три дела. На нив се надоврзуваат и надминувањето на последиците и исправањето на наводните грешки од Првата и Втората светска војна.
Целата реализација требаше да се одвива врз принципите на добра волја и меѓусебно разбирање. Но набрзо по потпишувањето и прифаќањето наместо отворање на вратите за европска надеж, се отвори Пандорината кутија, од која излегоа повеќе зла на штета на македонскиот народ во сопствената држава. Се покажа дека македонската преговарачка екипа не ги предвидела сите замки поставени од другите искусни страни. Некои познавачи на тогашните преговарачки процеси веруваат дека бившиот претседател на Владата Зоран Заев и неговата екипа намерно играле на асиметричност, на македонска штета, од само ним познати причини.
Од надежни, договорите попримија обележја на ризични, дури и опасни за македонската страна. Она што Грците го прават дипломатски, тивко, трпеливо, но остро, бугарската политика го прави сурово, наметливо и арогантно. Од позиција на големина и на сила, а не на пријателство и блискост, сака да ја присвои македонската историја, да го искорени јазикот и да го смени писмото. Не може да се негира реалната ситуација: убедливо мнозинство од членките на НАТО и ЕУ е на страната на Грција, уште поубедливо на нејзина страна е Америка. Се разбира, и на страната на Бугарија како нивна формално рамноправна членка. И тука тешко може да се сменат улогите.
Да бидеме искрени: Република Македонија (сега Северна), според европските стандарди, спаѓа во мали, недовршени, недоволно организирани и слаби национални држави. Сите европски извештаи нагласуваат недостиг од демократија и слобода на говор, корумпираност на државните органи и поединците во нив, слабо и корумпирано судство, финансиско-тендерски криминали на буџетска штета, недоволно изграден институционален систем и низок политички и морален капацитет на лидерите.
Иронијата на позицијата на државата на меѓународната сцена е дотолку поголема што нема никакво сомневање дека Македонија во сѐ е во право околу името, идентитетот и јазикот, ама во европски очи ништо не е така како што им изгледа на Македонците или како што самите се обидуваат да докажат. На Македонија ѝ остануваат само формални права и емотивно-историски докажувања, но тие не играат никаква улога. Македонските вистини немаат никакво значење во европските институции. Тие се почитуваат, но не се земаат во обѕир како факти кога се зборува за иднина и за перспективи.
Денешната реалност ни покажува дека неспособните македонски политички елити, учесници во договорите, работеле (и продолжуваат да работат) на штета на сопствената држава, особено на штета на позициите на македонскиот народ во неа и надвор од неа. НАТО најверојатно донесе воена стабилност, но цивилна неизвесност. Не донесе ниту прогрес ниту пари како што направи во други земји. Наместо збогатување, граѓаните на Македонија во овие три години од членството стануваат сѐ посиромашни. Цените стигнуваат „до небото“, социјалните разлики растат, иселувањето на младите се зголемува наместо да се намалува. Надежите за влез во ЕУ се топат како пролетни снегови на Шара.