Невроразвојот и агресијата

Агресијата може да биде директна и индиректна, импулсивна или планирана. Исто така, не постои единствена, ниту едноставна причина за оваа појава. Биологијата може да игра улога, но и факторите на животната средина (како што се нашето воспитување и изложеноста на агресивни влијанија) и психолошките фактори (вклучувајќи ги и состојбите на менталното здравје како биполарно растројство и ПТСД). Без разлика на причината, таа може да има сериозно влијание врз нашата благосостојба и односите со другите. За среќа, постојат работи што можете да ги направите за подобро да се справите со чувствата на агресија, вклучувајќи техники за релаксација и терапија

Сведоци сме на речиси ендемската појава на агресијата во целиот денешен светски поредок. Војните, убиствата, тепачките, навредите и психолошките тортури станаа речиси секојдневни настани за кои слушаме или читаме преку медиумите. Дали било вака и во поранешните периоди не можам да кажам со точност, но сега сме многу брзо и детално информирани за сите случувања, па се чини дека овие негативни појави се многу почести и пожестоки.
Веќе пишував за агресијата како појава кај луѓето и го поставив прашањето дали е таа нормална кај хуманиот род. Додека животните се агресивни само ако се гладни, ако го бранат потомството или ако се самите животозагрозени, луѓето манифестираат агресија и кога не се во прашање овие наведени причини.

Да потсетам, во психологијата, поимот агресија подразбира низа однесувања што можат да резултираат со физичка и психолошка штета на самиот себе, на другите или на предмети во околината. Сепак, кога ќе кажеме агресија мислиме дека таа главно се фокусира на повредување друго лице – физички или ментално.

Агресијата може да биде директна и индиректна, импулсивна или планирана. Исто така, не постои единствена, ниту едноставна причина за оваа појава. Биологијата може да игра улога, но и факторите на животната средина (како што се нашето воспитување и изложеноста на агресивни влијанија) и психолошките фактори (вклучувајќи ги и состојбите на менталното здравје како биполарно растројство и ПТСД).

Без разлика на причината, таа може да има сериозно влијание врз нашата благосостојба и односите со другите. За среќа, постојат работи што можете да ги направите за подобро да се справите со чувствата на агресија, вклучувајќи техники за релаксација и терапија.

Прашањата што се поставени како задача на најновото истражување, кое тукушто е објавено, се:
– Кој регион на мозокот се изучува за да се разбере агресијата?
– Како траумата од раниот живот влијае на агресијата подоцна во животот?
– Кои технологии се користат во ова истражување?

Всушност, агресијата не е само проблем во однесувањето – таа има длабоки невробиолошки корени, особено кога е обликувана од траума во раниот живот (најраното детство). Новото истражување покажува како неволјите во детството ги пренасочуваат мозочните кола што ги контролираат емоциите, меморијата и вниманието, зголемувајќи го ризикот од импулсивна и патолошка агресија.

Клучен фокус за агресијата е таламичното јадро reuniens, регион на мозокот што ги поврзува префронталниот кортекс и хипокампусот, кој се чини дека дејствува како центар за промени во однесувањето поврзани со траума. Наодите од ова истражување би можеле да доведат до целни терапии што го олеснуваат товарот на агресијата предизвикана од траума врз поединците и заедниците.

Неконтролираниот бес е проблем на јавното здравје. Тој е карактеристика на неколку психијатриски и нарушувања во однесувањето и придонесува за општествените предизвици, вклучувајќи насилство во заедницата, затворање и меѓучовечки конфликти.

Но што ако подобро ја разбираме невробиолошката основа за агресија и како раните искуства го обликуваат развојот на мозокот, дозволувајќи ни да идентификуваме потенцијални цели за терапија?

Невронаучниците во институтот за биомедицински истражувања „Фралин“ во ВТЦ, добија петгодишен грант од 3,2 милиони долари од националните институти за здравство за да проучат како траумата во раниот живот ги менува мозочните кола што ги контролираат агресијата и вниманието.

Ова истражување би можело да доведе до нови стратегии за третман за да се олесни товарот од агресијата поврзана со траума врз поединците, семејствата и заедниците.
Истражувањето се фокусира на разбирање како неволјите во детството можат да доведат до долгорочни промени во функцијата и однесувањето на мозокот, вклучително и зголемена импулсивност и агресија.

Траумата рано во животот е фактор на ризик за когнитивен пад и патолошка агресија подоцна во животот. Затоа, ако може да дознаеме повеќе за невролошката основа за агресија, тоа би можело да помогне да се идентификуваат неопходни насочени терапии.

Затоа, тимот на истражувачи ја проучиле улогата на специфична структура на мозокот позната како таламично јадро reuniens, регион што ги поврзува префронталниот кортекс и хипокампусот. Јадрото е вклучено во меморијата, емоциите и донесувањето одлуки, а неговата дисфункција е имплицирана во однесувања поврзани со анксиозност и клинички нарушувања како што е, на пример, шизофренијата.
Прелиминарните студии кај глувци, вклучувајќи го и претходното истражување на научниците од овој тим насочени на навиките за прејадување и социјалната дисфункција предизвикана од стрес, покажаа дека и раната траума и активирањето на одреден калциумов канал во невроните во колото што го поврзува јадрото со хипокампусот доведуваат до импулсивна агресија и нарушено внимание.

Користејќи напредни технологии како што се КРИСПР (CRISPR) уредување на гени, оптогенетика и снимање на мозокот во реално време кај глувци, испитано е како промените поврзани со траумата во овие кола влијаат на агресивното однесување.
КРИСПР-технологијата e кратенка за „групирани редовно интерпросторни кратки палиндромски повторувања“ и е моќна алатка што се користи за уредување гени со прецизно сечење на ДНК на одредени локации. Првично беше откриена како природен одбранбен механизам кај бактериите од вируси и оттогаш е адаптирана за различни апликации во медицината, земјоделството и научните истражувања.

Со детално проучување на овој мозочен пат, постои надеж дека ќе се промени начинот на кој луѓето размислуваат за импулсивната агресија – од тоа да ја гледаат како проблем само во една област на мозокот, до нејзино разбирање како дел од поширока мрежа на мозочни региони што работат заедно.

Значи, истражувачите се фокусираат на таламичното јадро, кое ги поврзува областите на мозокот за меморија, емоции и донесување одлуки и може да игра клучна улога во импулсивната агресија по доживеана траума.

Траумата за време на детството може да ги промени мозочните кола што ги регулираат вниманието и контролата на импулсите, зголемувајќи го ризикот од патолошка агресија и когнитивен пад во зрелоста.

Клучни факти

Нарушување на колото: Раната траума ги менува мозочните мрежи поврзани со вниманието и агресијата.

Целна област: Јадрото reuniens ги поврзува клучните области на мозокот за емоции и меморија.

Потенцијал за терапија: Истражувањето може да доведе до третмани за агресија предизвикана од траума.

Пораката на оваа статија би била: најбитно за родителите и воспитувачите е во кои услови детето се развива во најраниот период на животот. Токму тие услови (заедно со генетиката) го трасираат патот на невроразвојот. Затоа, да се внимава со какви било неповолни влијанија во најраното детство за тие да не бидат причина за идните агресивни испади во возрасниот период.