Неуспешното преслекување на Пулевски во Софија

Блаже Конески го има напишано можеби најкусиот а најдобриот омаж за една легендарна фигура на нашиот деветнаесетти век: Ѓорѓи Пулевски. И двајцата ѝ припаѓаат на истата онаа светлина на која јас и писателот Глигор Стојковски, во 2007 година, ѝ посветивме една луксузна, приватно финансирана, двојазична монографија (македонско-англиска), под наслов „Зеницата на Македонија“, со поднаслов: „Биографија на македонската светлина“. Како што реков во првата колумна, таа книга сега веќе „не важи“ (нема историска гравитација по преименувањето на државава). И, бидејќи тогаш им беше делена од страна на нашите политички великодостојници на странски амбасадори, политичари, медијатори, а не стигна до пошироката публика, ја користам овде во фрагменти или допишана, за да знае и народот што стоело во неа.
Во тој свој краток омаж за Пулевски, Конески ни кажува нешто што секој Македонец треба да го знае: дека Пулевски е роден во јуначката Мијачија на Кузман Капидан, поточно во Галичник, кој дал видни македонски уметници, врвни интелектуалци, исклучителни стопанственици, сјајни лекари (до мојот пријател, детскиот хирург д-р Маријан Камиловски, кому му ја посветувам колумнава). Конески го споменува големиот сликар Лазар Личеноски (1901-1964). И веднаш додава: „Галичник родил многу сликари, но само еден таков јунак каков што бил Ѓорѓија Пулевски“.
Визурата „јунак“ можеби најдобро го опишува овој наш чуден просветител: со оружје во едната рака, со перо во другата. Од перото излегува неговиот прочуен „Речник од четири јазика“ (печатен во Белград, 1873 година), во кој македонскиот текст се преведува на турски, грчки и албански јазик, јазици што самиот Пулевски ги владеел, како „дете на Балканот“ (израз на Конески). Како што се гледа, уште Пулевски го сфаќал Балканот како „отворен“, како палимпсест од повеќе различни јазици, но тоа не му пречи да ги издвои своите Македонци како посебен народ: „Народ се велит људи кои се од еден род и који зборувајет еден збор, и кои живувајет и се другарат едни со други и који имајет еднакви обичаји и песни и весеља.

Така и Македонциве се народ и местово нивно е Македонија“. И како тогаш тој Македонец, патриот (денес би бил етикетиран како националист поради своето сфаќање дека Александар Велики бил предок на денешните Македонци), можел во 1862 година космополитски да се бори за ослободувањето на Белград од Турците (како наредник)? Во Руско-турската војна, од 1876 до 1878 година, „Ѓорѓи учествувал како заповедник на одред македонски доброволци во битката на Шипка. Веднаш потоа бил назначен за прв околиски управител на градот Ќустендил и за своите заслуги добил орден ‘Св. Георгиј’ и сабја од рускиот император. Со орденот и со таа сабја на колкот тој се фотографирал во својата галичка носија“, вели Конески. Пулевски бил и во штабот на Кресненското востание, но го сфаќа рулетот што со Македонија го играат големите сили, па неговиот сон за слободна Македонија пропаѓа. Оди во Софија да бара служба.
И таму се случува најважното нешто во животот на Пулевски, нешто што е кажано на почетокот од омажот на Конески, а кое јас, како студент, кога сум го читал овој портрет – целосно сум го превидел. Познато е дека кога читаме, превидуваме многу клучни места поради наше незнаење, но тие места подоцна „доаѓаат по своето“ и си ја наоѓаат смислата. Така е и со оваа епизода, на која тогаш не сум ѝ придавал значење, ниту на опомената што Конески таму ја оставил, а денес ги сфаќам сета нејзина трагика и пророчка димензија. Ја наведувам во цитат, за да не импровизирам:
„… учествувал во борбата за ослободување на Белград од Турците во 1862 година. Во таа борба учествувал и Георги Раковски, позната личност од бугарската историја. Го споменуваме тоа не случајно, ами и поради фактот што тие двајцата носат некои заеднички одлики по својот живот и по силата на својата фантазија. Ликот на Раковски ни е зачуван на фотографија што го прикажува во тогашна европејска облека. Ликот на Пулевски, и тоа е голема разлика, е дојден до нас по неговата галичка носија од домашна клашна. Ѓорѓи Пулевски држел особено до таа носија, којашто е денеска скоро излезена од употреба и е станата повеќе реквизит на фолклорните групи. Во таа облека тој се јавувал на приеми во Белград. Кога по ослободувањето на Бугарија се нашол во Софија и побарал државна служба, побарале од него да ја симне таа носија и да се облече европејски, како услов за да ја решат позитивно неговата молба“. Се разбира, Мијакот не сакал ни да чуе за тоа: си останал цел живот „архитект галички“.

Овде прекинувам со цитатот, за само, со чудно ежавење во духот, да се прашам: зар не е тоа истото она што денес ни се случува со македонофобите на власт во Бугарија? Зар „европејска Софија“ не бара повторно од Македонецот да ја симне носијата на Пулевски, да се откаже од македонскиот идентитет, да се облече „по европејски“, да се откаже од јазикот и неговата вековна историја, за да „добие служба“? Можно ли е Конески да го предвидувал сето ова што денес ни се случува, додека пишувал за оваа навидум неважна епизода од животот на неговиот славен претходник, јунакот Мијак Пулевски? И еве го, конечно, тој коментар на Конески што завршува со лоша пророчка реченица за иднината на нашата „носија“: „Можеби е ова еден од најкуриозните судири меѓу стариот бит и новите времиња на Балканот – тој обид да го пресоблечат Ѓорѓи Пулевски. Во тоа се покажува судбинската поврзаност на Ѓорѓи со старината. Но едновремено во тоа има и спонтана реакција против обидот да го бирократизираат, на ситна работа, војводата од мијачкиот крај. Така тој насетил еден СУШТИНСКИ ПРОБЛЕМ НА ИДНИНАТА“ (истакнатото е мое).
Е, тој „суштински проблем на иднината“ денес се јавува како „суштински проблем на сегашноста“. Иста цел, друго растојание. Иста плоча се врти на софискиот грамофон кога се пее за Македонија. И тешко дека нешто ќе се промени. Имав потреба да го пренесам сето ова од Конески, затоа што мака ми е кога гледам дека денес некои наши Македонци не само што ја слекуваат „носијата“ во „европејска Софија“ туку се слекуваат и по долна облека.

И затоа, слава нека му е на Мијакот и на целиот тој јуначки крај, за кој, како и за Македонија, допрва ќе учиме КОЈА БИЛА, а не само КОЈА ТРЕБА ДА БИДЕ. На пример, дури во 2013 година, 95 години од потонувањето на „Титаник“, дознавме дека на менито на славниот брод се наоѓал, како ексклузивен специјалитет – галичкиот кашкавал. Некој потомок на Пулевски, Ламбе, му понудил на сер Самјуел, еден од сопствениците на бродот, „тврдо жолто сирење“, кое овој многу го бендисал. Ламбе отпатувал за Галичник, ги натоварил вреќите кашкавал на коњи и магариња, ја преминал Албанија, од Драч со брод заминал за Италија и потоа преку Ла Манш стигнал до Велика Британија. Петнаесет тони галички кашкавал бил складиран на „Титаник“ и ставен на ексклузивното мени. Ова стои запишано во Кралската национална библиотека на Велика Британија, меѓу документите што се однесуваат на трагедијата на „Титаник“. Не стои само дали тој Ламбе бил облечен „по европејски“ или застанал пред сер Самјуел во истата носија на Ѓорѓија Пулевски. И да бил во таа носија, бил поголем Европеец и економист од сите Европејци и економисти во сите наши досегашни влади. Е, толку.