Неистражениот живот не вреди да се живее

Во напредните општества, световните лица можат да дискутираат и да искажуваат мисли за црковните работи, како што црковните лица може да говорат за општествени, па дури и за одредени политички нешта

Цензурата е стара колку и човештвото, а првиот пример на ограничување или забрана за изразување на мислата во западниот свет, може да се датира во 399 година пред нашата ера во Стара Хелада. Имено, хеленскиот филозоф Сократ им пркосеше на обидите на атинската држава да ги цензурира неговите филозофски учења, поради што беше обвинет дека со своите учења ја расипувал атинската младина. На крајот, Сократ бил осуден на смрт. Обвинувањата имале политичка природа и атинската елита на суров начин го отстранила мудриот филозоф.
Денес, две илјади години подоцна, цензурата сѐ уште е составен дел од општествената дејствителност и покрај тоа што многумина се обидуваат да нѐ убедат дека живееме во подемократски и послободен свет.
Пред неколку дена, еден пријател ме запраша дали сум го слушнал обраќањето на македонскиот митрополит Петар. Мојот одговор беше дека не сум ја имал таа можност. Митрополитот, за време на еден од верските празници, говорел за одредени прашања што се надвор од делокругот на Црквата. Сакав да ги осознаам неговите видувања, но неговите искажувања не беа пренесени од ниту еден медиум, барем јас не можев да ги пронајдам.
Морав да направам кратко истражување за неговите ставови низ изминативе години. Она што го открив, прикажува црковна личност, но со изразен патриотски дух, личност подготвена да ги брани и заштитува македонските национални интереси. Далеку од тоа да му се додворуваме на митрополитот Петар, нашата мисла е дека е недозволиво во нашето современо општество, на некој начин да се ограничуваат одредени мисли, без разлика дали тие ни се допаѓаат или не.

Да се навратиме на митрополитот Петар. Споменатата личност со години има јасен став за историските и културните особеностите на Македонците. Во секоја можна пригода, тој на многу јасен начин говори дека на прво место ги става Црквата и верата.
Но без оглед на сето тоа, митрополитот Петар вели: „Очигледно е дека ние сметаме дека не треба да се откажеме, од она што е црковно, што се однесува до нашата црковна самостојност, исто така од нашата припадност, национална или етничка, по однос на она што ја сочинува нашата држава. Очигледно дека ние сме опстоиле на овие наши македонски простори и во време кога сме немале држава. Не можеме да кажеме дека потекнуваме само од 1945 година или од 1944 година, од АСНОМ итн… Некои велат, цар Самуил бил Бугарин. Некои велат дека бил Ерменец, некои велат Евреин бил. Не е битно чиј бил, на која нација припаѓал, битно е на која држава припаѓал. Државата била Самуиловото Царство, македонско царство. Дури и еден српски владика, Николај Велимировиќ, го именува Самуил Македонски… Треба ние строго да се трудиме, нашите посебности, што нас нѐ чинат посебен народ од другите народи, да ги негуваме, не со цел или намера нивните да ги потценуваме, дури напротив и да ги истакнуваме. Ама во која смисла. Ако некој вас ве почитува и вашето го цени, се однесува коректно кон нас. Не е коректно вие, јас, ние да се однесуваме некоректно кон таквиот човек…“
Тоа се мислите и ставовите на Петар, митрополитот преспанско-пелагониски. Можеме бесконечно да спориме околу неговите искажувања, но тоа не е суштината. Во едно општество што настојува да се прикаже себеси како демократско и слободно, недозволиво е ограничувањето на информацијата. Во овој пример тоа и се случи. За да ги осознаам видувањата на митрополитот Петар, што требаше да направам? Да стапам во директен контакт со него или да ја запрашам Преспанско-пелагониската митрополија за став! А пошироката јавност? Зарем сите треба лично да се обратат за да дознаат одредено видување.
Во напредните општества, световните лица можат да дискутираат и да искажуваат мисли за црковните работи, како што црковните лица може да говорат за општествени, па дури и за одредени политички нешта. Мој личен став е дека митрополитот Петар беше цензуриран поради неговите искажувања за одредени прашања, можеби не ја говорам вистината, но останува фактот дека никаде не успеав да го пронајдам споменатото обраќање.
Доколку сакаме да бидеме слободарско општество, не смееме да заборавиме дека Шведска е првата држава во светот што со закон ја забрани цензурата уште во далечната 1766 година.