Искрен да бидам, не само граѓаните, туку кај нас и политичарите, кога се во опозиција, постојано на трибините, митинзите, ТВ-дуелите, прес-конференциите го поставуваат прашањето како и за што власта ги троши нивните пари. Дури, ако се сеќавате, се споменуваа и „милијарди евра потрошени или ограбени пари од народот“, кои по смената на режимот власта вети дека ќе бидат вратени во буџетот, а за тоа граѓаните ќе бидат информирани преку бројчаник што ќе биде поставен на триумфалната капија во центарот на Скопје. Но таквиот интерес на опозицијата за трошењето на буџетските пари по правило завршувал до смената на власта. По секоја смена на власта се менуваа и улогите на тие што критикуваа за трошењето на буџетските пари и на тие што го уверуваа народот дека парите на даночните обврзници се трошат во согласност со позитивните законски прописи. И така во круг
Не знам зошто, но барем јас лично имам таков впечаток дека ние како народ и држава отсекогаш повеќе сме ги ценеле и почитувале туѓите мислења отколку сопствените. На овие простори туѓите критики или пофалби имале многу поголема тежина отколку домашните. Па уште ако тие пофалби или критики доаѓаат од земјите членки на ЕУ или од Западот генерално, тие во најголем број случаи биле прифаќани како здраво за готово и поддржувани без никаква задршка.
Во изминaтите три децении од македонската независност, обичните граѓани безброј пати го поставувале прашањето каде се трошат парите на даночните обврзници. Но освен во одредени исклучоци, најчесто тие прашања останувале не само без одговор туку и незабележани. Ни јас, кој се трудам внимателно да ги следам таквите прашања и барања на граѓаните, не можам со сигурност да се сетам колку пати само сум ги слушал обичните смртници како се интересираат како и каде се трошат нивните пари, со кои се полни државниот буџет. Напротив, во голем број наврати тие дури барале од европските комесари или ментори и САД, кои како во куклен театар си играат со нашите политичари, да се заинтересираат како се трошат не само нашите туку и нивните пари. Но, за жал, освен во одредени исклучоци, одговорот по правило изостанувал.
Искрен да бидам, не само граѓаните, туку кај нас и политичарите, кога се во опозиција, постојано на трибините, митинзите, ТВ-дуелите, прес-конференциите го поставувале прашањето како и за што власта ги троши нивните пари. Дури, ако се сеќавате, се споменуваа и „милијарди евра потрошени или ограбени пари од народот“, кои по смената на режимот власта вети дека ќе бидат вратени во буџетот, а за тоа граѓаните ќе бидат информирани преку бројчаник што ќе биде поставен на триумфалната капија во центарот на Скопје.
Но таквиот интерес на опозицијата за трошењето на буџетските пари по правило завршувал до смената на власта. По секоја смена на власта се менуваа и улогите на тие што критикуваа за трошењето на буџетските пари и на тие што го уверуваа народот дека парите на даночните обврзници се трошат во согласност со позитивните законски прописи. И така во круг. Безмалку цели 30 години од македонската независност.
Деновиве кога холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп, (не) дипломатски ја праша власта како се трошат парите на даночните обврзници на Холандија многумина се сетија на прашањето како и за што се трошат парите на даночните обврзници.
– Неопходните реформи можеа да бидат направени пред 10-15 години, а не беа направени. Неиздржано е да се зборува за евроскептицизмот од тој аспект, дури е и навредливо, зашто по 20 до 30 години поддршка за да влезете во ЕУ, прашањето е каде се милијардите, каде се и што се случи со обуките што ги спроведувавме? Зошто сите нови правила и регулативи не се правилно имплементирани?… Па ние не сме слепи – рече амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, кој јавно праша каде отидоа парите што тие ги дале за реформите на нивните даночни обврзници.
Што кажа ново холандскиот амбасадор, а што ние не сме го знаеле и не сме го кажале досега, и тоа не еднаш, туку илјадници пати. Како и амбасадорот од земјата на лалињата, кој рече дека не е слеп и сѐ гледа, така и ние не сме слепи и гледаме сѐ. Но, за жал, државните власти без исклучок постојано се правеле глуви и до нив не допирале таквите критики на обичните смртници. Се покажа дека барем досега поставувањето на тоа прашање нив (пре)многу не ги допира.
Не знам дали има таква поговорка во Холандија, но кај нас, за жал, не само што ја има туку трае со векови – кучињата лаат, карванот си врви!
Поставувањето на прашањето каде и за што се трошат парите на даночните обврзници е круцијално за секоја демократска земја. Македонија пред неколку години дури формираше Министерство за транспарентност, кое го водеше министерот Роберт Поповски, кое имаше единствена задача да води сметка како министрите во Владата ги трошат парите на граѓаните. На почетокот ова министерство за транспарентност, во кое се удомија голем број новинари излегуваше дури и со редовни отчети пред јавноста со информации за тоа кој министер колку пари потрошил за кафиња, чаеви, пијалаци, вечери, деловни ручеци, седенки, патувања во странство. За жал, Македонија не се офајди многу ни од тоа министерство, кое брзо беше укинато. Очигледно власта, која троши милијарди евра народни пари, не сакаше да губи време со давање отчет за потрошени „ситни“ пари за кафиња, пијалаци, мезиња, коктели.
Изјавата на холандскиот амбасадор, која иако беше (не)дипломатска, сепак е доста поучна и ние како и најголемиот број европски држави да почнеме сѐ погласно и почесто не само да го поставуваме прашањето како и за што се трошат парите на даночните обврзници, туку на истите тие да бараме издржани одговори.
Но и Европа треба да се преиспита кому и за што ги доделува парите на своите даночни обврзници, зашто не е мал бројот на проекти финансирани со европски и наши пари што ги добиваат постојано исти луѓе и парите отишле во ветер или за пропагандни материјали, торбички, тефери, летоци, ручеци, семинари, конференции, седенки, консултанти. А такви случаи во Македонија има доста.
Македонија не е толку богата држава за да не само оваа туку и која било друга власт да може да се расфрла со парите на народот.
Но тоа што особено овие денови ја иритира јавноста не се само критиките на амбасадорот за трошењето на парите на холандските даночни обврзници, туку последиците од донесувањето на измените на Кривичниот закон, со кој поради застарување или намалување на времетраењето на казните за злоупотреба на службената должност многу обвинети и осудени лица со првостепени пресуди се најдоа или ќе се најдат на слобода. Последиците од измените на Кривичниот законик се најблаго речено катастрофални.
Во моментот кога не само граѓаните, туку и сите наши европски поддржувачи на европскиот пат, па и помагатели од ЕУ и САД бараа(т) од власта бескомпромисна и енергична борба против корупцијата и криминалот и кога почнаа да излегуваат црните листи за тие на кои поради разни злоупотреби им се забранува влез во САД, а јавноста со нетрпение ги очекуваше пресудите на повисоките судови за злоупотребите на државните пари и парите од буџетот од страна на обвинетите од СЈО, Владата се одлучи да ги донесе измените на Кривичниот законик, со кој не само што им се намалија казните на многу обвинети и осудени лица за злоупотреба на службената положба или за криминал туку на стотици осудени и обвинети лица им застареа обвиненијата и пресудите. Таков луксуз власта не смееше да си дозволи, барем не во овој момент. На сите досегашни избори, од осамостојувањето на државата, до денес, речиси сите политички партии, без исклучок, најавувале бескомпромисна битка против криминалот и корупцијата. За што поуспешно водење на тие битки сме ангажирале дури и разни експерти, од земјата и од странство, а голема политичка и финансиска поддршка сме имале од ЕУ и САД, но, за жал, освен во некои исклучоци од тие битки не сме се офајдиле многу. Напротив, од година на година државата сѐ повеќе заглавува(ше) во криминал, чии штети според некои упатени се мерат со милијарди евра.
Иако мотото на сегашната власт и на „шарените револуционери“, кога „го рушеа режимот на Никола Груевски“ беше „нема правда – нема мир“, Македонија многу не се офајди ни од „Шарената револуција“. Освен во мал број случаи, не се оствари паролата „Ќе си лежите!“
На триумфалната порта во Скопје барем досега не проработи ни часовникот што требаше да ни покажува колку пари ќе се вратат во буџетот.