Министерот за финансии Фатмир Бесими објави колумна насловена „Најтешкото е зад нас!“, во која анализира актуелни економско-финансиски теми: СМАРТ-финансии, Глобален и домашен економски контекст, Борбата со кризите го чинеше буџетот 2,7 милијарди евра, Стратешки пристап кон фискална консолидација, Намалување на каматните трошоци и покрај заострувањето на финансиските пазари, Промена на буџетската структура: одржливост и развој, Над милијарда евра буџетска поддршка за компаниите, Одржлив систем за плати и пензии, Унапредување на фискалната децентрализација, Ниту 2024 година не навестува „мирна пловидба“. Во интерес на јавноста решивме да ја објавиме колумната во целост, а поради големината ја поделивме во два дела. Првиот излезе вчера, а вториот го објавуваме денеска.
Колумна на министерот за финансии Фатмир Бесими (2)
Би сакал да нагласам дека спроведувањето на фискалната консолидација не е само во насока на рационализација на расходната страна на буџетот туку и преку подобрување на наплатата на приходната страна. Тука ќе ја спомнам даночната реформа за проширување на даночната основа со која се подобри наплатата на приходите без притоа да се зголеми кој било данок. Во насока на подобрување на приходната страна на буџетот е и борбата за сузбивање на сивата економија, која се врши стратешки и плански, системски, преку низа мерки, кои вклучуваат дигитализација на процесите, како и јакнење на даночниот морал.
Намалување на каматните трошоци и покрај заострувањето на финансиските пазари
Една од клучните реформи кои се спроведени во јавните финансии во насока на фискалната одржливост е воведувањето на фискалните правила и на Фискален совет кој ќе го надгледува нивното спроведување. Со носењето на реформскиот Закон за буџети во 2022 година, утврдени се нумерички правила за висината на јавниот долг и буџетскиот дефицит согласно мастришките критериуми. Инаку, Парламентот ги избра членовите на независното тело коешто го надгледува спроведувањето на фискалните правила, односно Фискалниот совет, и тој е целосно оперативен во моментов.
Фискалниот совет во своето мислење за буџетот за 2024 година даде многу значајна опсервација, која е уште еден показател за ефектите од управувањето со јавниот долг. Имено, тие посочуваат дека „сите анализи поврзани со цената на финансирање на тековните дефицити, како и исплата на втасаните долгови и камата, покажуваат дека во последните 2-3 години е забележано подобрување, и покрај влошените состојби и кризните состојби на пазарите на капитал, што е охрабрувачки индикатор за прудентна фискална политика и одговорно управување со јавните финансии“. Со одговорно управување се намалува каматниот трошок кој државата го плаќа. Тоа е всушност нашата стратегија за одржливост на долгот – од една страна, сѐ повеќе да се намалува јазот помеѓу приходите и расходите во буџетот кој треба да се финансира, како и истовремено да се оптимизира цената на задолжувањето и рочноста. Тука значаен придонес имаат историски најниската каматна стапка на еврообврзница издадена во 2021 година со 1,65 отсто, како и портфолиото на буџетска поддршка со програмите склучени со меѓународните финансиски институции, како што се Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Германската банка за развој, ОПЕК, Банката на Советот на Европа, како и Макрофинансиската рамка од Европската Унија и финансирање на инфраструктурни проекти со поволни заеми од ЕБРД, ЕИБ, Светската банка и други институции. Сличен пристап се користеше за обезбедување поволни заеми за стопанството преку нашата Развојна банка со заеми од горенаведените меѓународни финансиски институции.
Промена на буџетската структура: одржливост и развој
Третиот аспект за фискалната одржливост е за што се трошат парите. Од исклучително значење за развојот е јакнењето на инвестициската компонента на буџетот, односно промената на неговата структура. Имено, последните два буџета се скроени според златното правило во јавните финансии, задолжувањето да биде само за инвестиции, кои потоа ќе донесат додадена вредност во економијата. Значително е зголемена сумата за капитални владини инвестиции, односно удвоена во однос на период од три години. Капиталните расходи минатата година ја надминуваат сумата на буџетскиот дефицит, додека нивната реализација е 707 милиони евра, што е всушност историски највисока реализација и како номинален износ и како релативен износ. Реализацијата во однос на планот е 97 отсто. За споредба, низ годините, реализацијата на капиталните расходи се движела околу 70 отсто (на пример, во 2005 година изнесувале 69 отсто, во 2016 година 76 отсто). Во однос на 2022 година, капитални расходи се повеќе за 52 отсто и достигнуваат ниво од 4,9 отсто од БДП за разлика од претходниот просек од 3 отсто од БДП.
Подобрувањето на реализацијата на капиталните инвестиции, како развоен дел од буџетот, се должи на повеќе механизми кои ги воведовме во изминатите три години. Еден од тие механизми се „казнувањето“ и „наградувањето“ на институциите, согласно успешноста во реализацијата на капиталните расходи, попознато како КАПЕФ. Со овој механизам се премости еден значаен проблем кој со години постоеше во буџетирањето, односно капитални расходи „само на хартија“. Овој проблем дополнително се решава и преку среднорочното буџетирање кое го воведовме со усвојувањето на новиот Закон за буџети, со кој се зајакнува процесот на планирање според индикаторите за успешност, што е особено важно кај крупните капитални проекти, кои се реализираат во повеќе фискални години. Зајакнувањето на реализацијата на капиталните расходи се должи и на воведувањето на единиците за планирање и контрола на јавните инвестиции, односно Единицата за оценување на јавните инвестиции (ПИМА), како и Комитетот на ниво на Влада за утврдување на приоритетни проекти.
Над милијарда евра буџетска поддршка за компаниите
Кога зборуваме за структурата на буџетот, а во контекст на развојната компонента, би сакал да нагласам дека значајна поддршка за приватниот сектор и приватните инвестиции се дава и преку директна буџетска поддршка, која во изминатите три години изнесува 550 милиони евра. Тука спаѓаат мерките и активностите на Развојната банка, на Фондот за иновации, Дирекцијата за ТИРЗ, како и поддршката според Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Со овие средства во изминатите три години се поддржани 11.491 компанија со 119.000 вработени. Со тоа се поттикнати инвестиции од 2,1 милијарди евра од страна на стопанството во нашата економија. Кога на ова ќе се додадат и средствата предвидени со буџетот на 2024 година и последниот пакет на антикризни мерки, поддршката за компаниите од буџетски средства и поволни заеми надминува една милијарда евра. Ќе истакнам и дека со издавање на нови финансиски инструменти на пазарот на капитал се мобилизираат дополнителни средства во различни фондови (како на пример Фондот за зелени инвестиции и слично), кои ќе се наменат за поддршка на инвестициската активност на приватниот сектор. Исто така, поддршка за приватниот сектор имаше во континуитет и преку други владини програми, како и активните мерки на пазарот на работна сила преку Агенцијата за вработување.
Одржлив систем за плати и пензии
Во насока на одржливоста на јавните финансии, во изминатите три години се направени многу важни системски реформи, за утврдување на минималната плата, како и систем за усогласување на пензиите и платите во јавниот сектор. Овие системи се поставени на здрави основи за да обезбедат одржливост, а воедно и праведност и заштита на стандардот на граѓаните. Како резултат на нив, во континуитет гледаме зголемување на минималната плата, пензиите, а исто така во повеќе наврати секторски, како и со последното минатогодишно линеарно покачување, се обезбедува постојан раст и на платите на вработените во јавниот сектор. Тоа што не смее да се испушта во оваа пригода е фактот дека клучно е во иднина да се поддржат структурни реформи кои ќе придонесат во зголемување на продуктивноста, а со тоа и конкурентноста на нашата економија со цел овие политики за подобрување на стандардот на граѓаните да бидат одржливи на среден и долг рок.
Унапредување на фискалната децентрализација
Една од значајните реформи, која ја оставив за заокружување на ова излагање, е унапредувањето на фискалната децентрализација, која игра значајна функција во економскиот развој. Реформата се состои од три столба – подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, зголемување на фискалната дисциплина, како и на транспарентноста и отчетноста во нивната работа. Во рамките на реформата е зголемување на средствата коишто им се распределуваат на општините од наплатените давачки во централниот буџет, но и зголемување на сопствените приходи на општините, како и фондови коишто го поддржуваат добриот перформанс, односно Фонд за перформанси и Фонд за воедначување. Општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи ќе добијат средства од Фондот за перформанси, а од Фондот за воедначување ќе се обезбедат средства за општините коишто имаат пониски приходи, но истите тие покажуваат фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.
Со буџетот за годинава и претходните две години по основа на планирано зголемување на процентот на приходите од ДДВ за општините, сумата е зголемена од 4,5 отсто на 6 отсто од сумата на наплатениот ДДВ во претходната година. Истиот пристап за зголемување на приходите за општините се примени и за данокот на личен доход, каде што уделот што оди за општините во последните три години се зголеми од 3 отсто на 6 отсто. Тука се и структурните обврзници за општините, со кои се олеснува управувањето со ликвидноста и општинските долгови.
За да ги сумирам пошироко сите реформи спроведени во изминатите три години во јавните финансии, ќе треба навистина многу повеќе простор. Но, целта на оваа колумна и не беше сумирање на сѐ што е направено, туку разгледување на тековните ефекти од реформи кои требаат да дадат долгорочен придонес кон економскиот развој и фискалната одржливост.
Ниту 2024 година не навестува „мирна пловидба“
Живееме во многу непредвидливи времиња за глобалната економија, која, како што се констатира во Проспектите за 2024 година на Обединетите нации, „под превезот на ранливата отпорност, се соочува со ризици и ранливости“. Во извештајот се предупредува на ризиците од подолготрајните заострени кредитни услови, слабите инвестиции и геофрагментацијата наспроти глобализацијата, поради што глобалната трговија ја губи улогата на придвижувач на економската активност. Фискалниот простор кај голем дел од земјите е доста стеснет, што ги прави ранливи на евентуални потреси. Економистите ги лоцираат ризиците во продолжувањето на војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток, кризата која потекна од пазарот на недвижности во Кина, германската индустрија, претпазливоста на централните банкари, иновациите во артифицијална интелегенција, нуклеарната енергија и други предизвици, вклучувајќи ги и изборите во повеќе земји, меѓу кои и изборите во ЕУ и во САД. Сето ова ни кажува дека ниту во 2024 година на глобален план не може да очекуваме „мирна пловидба“, а дополнително кај нас во мај имаме и парламентарни и претседателски избори, кои секако ќе имаат свое влијание врз динамиката на економските активности.
Постојано ги спомнуваме стапките на економски раст од 5 отсто за нашата економија побрзо да ја постигне конвергенцијата кон европската економија и повеќето граѓани да ги почувствуваат придобивките на тој раст. Тие стапки не се недостижни, напротив сметам дека доколку глобалниот контекст беше поинаков и доколку не се соочевме со кризи без преседан, какви што се гледаат можеби еднаш во едно столетие, многу веројатно ќе беше дека тие стапки ќе беа испорачани. Во оваа колумна ги дадов основите, а во следната ќе се надоврзам на градењето на економија која испорачува забрзан, инклузивен и одржлив развој, кој ни е потребен за обезбедување на попросперитетен живот за граѓаните. Евалуација, добра стратегија, солиден план, инклузивен пристап, детално конструирани мерки и реализација. Тоа е патеката кон економскиот развој.
(Крај)