Мртво слово на хартија: Колку Бугарија ги исполнува правата на македонското малцинство?

По Втората светска војна, со затоплувањето на односите меѓу Југославија и Бугарија, Македонците во пиринскиот дел краток период уживале културна автономија. Македонците биле признаени како национално малцинство во Бугарија и, паралелно со преговорите помеѓу Јосип Броз-Тито и Георги Димитров за една јужнословенска федерација, се унапредуваа правата на Македонците во пиринскиот дел на Македонија. Па, така, во училиштата почнало да се изведува настава и на македонски јазик, се отворале македонски книжарници, а во Благоевград започнал со работа Обласниот македонски народен театар.
Но со Резолуцијата на Информбирото (1948), југословенско-бугарските односи се нарушиле, а процесот на културна автономија на Македонците во пиринскиот дел беше блокиран и правата што ги уживаа Македонците укинати. По оваа година, започнале старата реторика за непризнавање на македонската националност и груба асимилација на Македонците.
Следнава анализа се однесува на периодот од крајот на 1950-тите години во НР Бугарија.
Основните правни обврски на НР Бугарија по Втората светска војна спрема националните малцинства, па според тоа и на македонското, се засновале на одредбите од Мировниот договор и Уставот на НР Бугарија.
Според Мировниот договор, Бугарија била задолжена „да ги преземе неопходните мерки и на сите лица што се наоѓаат под нејзина јурисдикција, без разлика на раса, пол, јазик или вера, да им обезбеди користење на човековите права и слободи, вклучувајќи ги и слободата на говорот, печатот и изданијата од религиозните култови, политичките сфаќања и јавни собири“.
Во Уставот на НР Бугарија оваа материја е опфатена во глава VIII, членот 71: „Сите граѓани на НР Бугарија се рамноправни пред законот. Не се признаваат никакви привилегии засновани на народноста, потеклото, верата и имотната состојба. Секакво проповедање на расна, национална или верска омраза се казнува со закон…“
Членот 79: „Граѓаните имаат право на образование. Образованието е светско, демократско и од прогресивен дух. Националните малцинства имаат право да учат на свој мајчин јазик и да ја развиваат својата култура, со тоа што учењето на бугарскиот јазик е обврзувачко…“
Овие обврски во однос на македонското национално малцинство подоцна се конкретизирани и потврдени во 1947 година, со потпишувањето на Бледскиот договор, кој требало да ги регулира прашањата на политичката и културна автономија на македонското национално малцинство, како и нејзиното евентуално припојување кон НР Македонија.

Меѓутоа, во октомври 1947 година, Владата на НР Бугарија се откажала од тој договор и од законските прописи и донесените законски прописи што го обезбедуваат неговото применување, Специјалниот закон од 1947 година врз чија основа е воведена настава на македонски јазик во училиштата. Во практика, ако го исклучиме краткото време непосредно по потпишувањето на Бледскиот договор и непосредно пред објавувањето на Резолуцијата на ИБ (1947-1948), кога на македонското население му била дадена извесна културна автономија, одредбите на Мировниот договор, како и Упатствата на НР Бугарија во однос на македонското национално малцинство, не биле спроведувани.
Во членот 79 од Уставот на НР Бугарија се говори дека „националните малцинства имаат право да учат на својот мајчин јазик и да ја развиваат својата национална култура, со тоа што учењето на бугарскиот јазик е обврзувачки…“ Со специјалниот закон од август 1947 година, кој Владата на НР Бугарија го донела непосредно по потпишувањето на Бледскиот договор, на територијата на Пиринска Македонија била воведена редовна настава на македонскиот литературен јазик и македонската национална историја. Во тоа време, за потребите на наставата, од Македонија, на основа на договорот помеѓу Владата на НР Македонија и Владата на НР Бугарија, биле испратени 93 учители и организирани курсеви за учителски кадар, преку кои поминале 135 учители. Исто така, од НР Македонија биле увезени одреден број учебници на македонски јазик.
По Резолуцијата на ИБ, забранета е наставата на македонски јазик во училиштата, запалени се сите учебници и протерани се сите учители.
Oбразовниот процес служел кон тежненијата за асимилација на македонското население. Спротивно на македонското национално малцинство, турското национално малцинство во Бугарија ги уживало сите малцински права; употребата на јазикот во администрацијата, училишта на турски јазик, малцински народен театар, печат, издавачка дејност, културно-просветни друштва и сл.
Сето ова оди во насока дека државата Бугарија не го применувала во практика она на што се обврзала со Уставот. Правата на малцинствата загарантирани со Уставот биле обична формалност и служеле како алиби од евентуални критики од меѓународната јавност и нејзино прикажување како дел од демократскиот напреден свет.

Марјан Иваноски