Можна ли е алтернативна македонска надворешна политика?

Потребна е итна демократизација на мултилатералната дипломатија на македонското МНР, преобразба на Директоратот за мултилатерала во нервен центар на новата глобална македонска дипломатија, како и сериозен влез на Македонија во меѓународните мисии. Овој проект ќе ја професионализира, ќе ја динамизира и ќе ја надгради македонската дипломатија, но и целиот институционален систем до едно ново ниво што ѝ прилега на една земја на НАТО и земја-кандидат за членство во Европската Унија

(четврти дел – мултилатерала)

Зошто мултилатералата е толку значајна за помалите глобални играчи, како Македонија? Во дипломатијата мултилатералата важи за своевидна Премиер-лига. Претходно дури и историските епохи ги означувавме според мултилатералните конгреси каде што се кроеше судбината на светот, па, така, ерата на современите држави и на современата дипломатија започнува со Договорот од Вестфалија од 1648 година, кој го врами принципот на суверенитет во меѓународните односи. Парискиот договор од 1783 година овозможи раѓање на САД и своевиден извоз на европскиот концепт на суверенитет. Виенскиот конгрес од 1814/1815 година го изнедри Европскиот концерт, кој овозможи безмалку цел еден век мир на европскиот континент, со исклучок на револуционерната 1848 година, Кримската војна и француско–пруската војна, еманципацијата на христијанските нации од Отоманското Царство, како и судирите околу германското и италијанското обединување. Сепак, дури со Версајскиот договор од 1919 година доаѓа до институционализирање на мултилатералната дипломатија и до создавање перманентна глобална организација, прво во мртвородената Лига на народите, а по конференцијата во Сан Франциско од 1945-та и денешната Организација на Обединетите нации.
Постојат дури и теоретичари на меѓународните односи што исклучиво мултилатералата ја квалификуваат како „вистинска дипломатија“. И навистина, меѓународните организации се смислени како форуми во постојано заседание, каде што дипломатите работат на превенција на оружените судири помеѓу државите и создавање предуслови за траен глобален мир. Специјализираните мултилатерални организации, пак, се своевидни глобални регулаторни тела каде што глобализацијата добива некакво вканалување и тек.
Во светот на дипломатијата мултилатералците често важат за своевидна секта, за која злобниците велат дека се занимава сама со себе. Има некоја трошка вистина во тоа, затоа што требаат години посветен труд и работа за да се совладаат сите патеки во византискиот свет на мултилатералата. Успешна мултилатерална политика личи на играње повеќедимензионален шах. Веројатно тоа намерно е така уредено, со цел да се избегнат пренаглени потези што може да доведат до рушење на глобалната архитектура на меѓународните односи и повторно враќање на светот во „каменото време“ на војна на „сите против сите“.

Македонската приказна околу мултилатералата има свои врвови, во форма на претседавањето на Лазар Мојсов со Генералното собрание на ООН во 1977 година и потоа на д-р Срѓан Керим во 2007 година. Во последниот случај дури пет македонски дипломати беа ангажирани во кабинетот на претседателот на ГС на ООН, бесценето искуство за секого од нив. Покрај тоа Македонија претседаваше и со Советот на Европа, а сега претседава и со ОБСЕ. Сите овие искуства се драгоцени за македонската дипломатија.
Меѓутоа, на Македонија ѝ недостига многу поагресивна политика во доменот на мултилатералата. Дури и помеѓу мултилатералците во зградата на МНР е созреано мислењето дека е потребна своевидна „демократизација на мултилатералата“ во македонски контекст, па овој сегмент на работењето на македонската дипломатија да се отвори и кон академската заедница и кон другите институции во склопот на македонската влада, како и кон невладиниот сектор, бизнис-заедницата и другите чинители од македонското општество. За Македонија е нужно да пласира колку е можно повеќе дипломати во системите на мултилатералната дипломатија. Веќе се забележува дека стана практика насекаде низ светот да се издвои посебно тело во министерството за надворешни работи што ќе работи исклучиво на номинирање дипломати и личности од поширокото општество во меѓународните организации, како и постојан годишен буџет за глобални кампањи за промоција на македонските кандидати. Палатата „Борис Сарафов“ треба да се претвори во нервен центар, кој ќе ги осмислува, насочува и интегрира сите македонски државјани што се избрани на политички позиции во мултилатералата, но и кои работат на професионални позиции во меѓународните организации. Исто така, за Македонија одамна постои можност за упатување македонски дипломати и други професионалци во меѓународните односи, кои би биле платени од буџетот на македонското МНР, но би работеле во меѓународните тела, со полн статус на професионалци од тие институции. За малите земји, како Македонија, овој принцип овозможува влез во меѓународните тела и следење на сите глобални трендови, како и далеку поголема видливост во глобалните дипломатски коридори.

Во моментов, за жал, постои Закон за упатување во меѓународни организации и мисии, но тој е практично неприменлив, а дури ни влезот на Македонија во НАТО не ја предизвика Владата повторно да му се наврати на ова прашање. Македонските државјани што работат во меѓународните тела таму влегле исклучиво благодарение на својот ум и труд, па не чувствуваат потреба, обврска или одговорност да комуницираат или да соработуваат со МНР, што е сосема разбирливо. Една драматично преобмислување на оваа тематика може да роди една нова македонска мултилатерална дипломатија, со јасно осмислена стратегија, концепт и цели. Во МНР постои капацитет за да се влезе во еден ваков проект што би ја довел Македонија во една сосема нова димензија на нејзината глобална дипломатска активност.
Притоа, не зборувам тука само за организациите од системот на Обединетите нации, туку и за Советот на Европа, ОБСЕ, НАТО, па дури и во институциите на Европската Унија, каде што веќе имаме можност да упатуваме наши дипломати и други професионалци. Друга авенија на македонската мултилатерала може да биде и влезот на македонската војска, полиција и дипломатија во мисиите на Обединетите нации, работа што многу ја занемаривме. Трета можност се развојната помош и развојните политики. Македонија, порано и низ југословенската дипломатија, упатуваше свои дипломати, професионалци и специјалисти на работа во земјите од третиот свет. Имајќи предвид дека сме земја-членка на НАТО и земја-кандидати за членство во ЕУ, ние треба полека да се претвораме од земја што прима развојна помош во земја што дава техничка помош. Меѓу другото, самиот процес на европска интеграција ќе произведе и обврски за Македонија да се вклучи во европските системи за давање развојна и техничка помош на земјите од третиот свет, а сето тоа полесно ќе се изведе доколку на целото прашање му се даде и значајна национална компонента.
Да заклучам, потребна е итна демократизација на мултилатералната дипломатија на македонското МНР, преобразба на Директоратот за мултилатерала во нервен центар на новата глобална македонска дипломатија, како и сериозен влез на Македонија во меѓународните мисии. Овој проект ќе ја професионализира, ќе ја динамизира и ќе ја надгради македонската дипломатија, но и целиот институционален систем, до едно ново ниво што ѝ прилега на една земја на НАТО и земја-кандидат за членство во Европската Унија.

Ивица Боцевски

(продолжува)