Мерки и критериуми за вреднување на квалитетот на високото образование во Република Македонија

АКРЕДИТАЦИЈАТА И ЕВАЛУАЦИЈАТА КАКО ПРОЦЕС ЗА КВАЛИТЕТНО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ (2)

Авторот на анализата, која во наредните денови ќе ја пренесуваме на страниците на „Нова Македонија“, во неколку продолженија се осврнува на предизвиците на акредитацијата како потврдување на студиските програми и евалуацијата како процена, вреднување и признавање на високообразовната установа и на студиските програми за вршење високообразовна дејност и одржување на квалитетот на високото образование. Анализата елаборира аргументи преку кои авторот тврди дека „акредитацијата е клучен сегмент на високообразовниот систем на секоја земја“…

Во согласност со Законот за високо образование (ЗВО), оценувањето на квалитетот на високото образование во Република Македонија го врши Одборот за акредитација и евалуација (евалуација значи процена, вреднување односно нормативно оценување на квалитетот на високото образование во согласност со Законот) и опфаќа:
– одобрување, потврдување и признавање на високообразовната установа и на студиските програми за вршење на високообразовната дејност што се остварува преку акредитацијата;
– процена на квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, управувањето, финансирањето, академските и другите активности и нејзините приоритети, што се остварува преку системот на евалуација;
– други активности и механизми преку кои се развива и одржува квалитетот на високото образование утврдени со законот и актите на телата што го оценуваат квалитетот на високото образование.
Евалуацијата се врши преку евалуациски методи заради обезбедување воедначен квалитет на високото образование на единствениот европски простор за високо образование, се применуваат постапките, стандардите и насоките од Европската асоцијација за евалуација во високото образование (European Association for Quality assurance Higher Education-ENQA)) и од други институции, организации и асоцијации што вршат обезбедување на квалитетот на високото образование.
Во согласност со Законот за високо образование, Одборот за евалуација, (теоретски постои – практично не функционира) кога би функционирал со своите права и обврски:
– би утврдувал дали во проектот за основање високообразовна установа и поднесената документација се исполнети условите за вршење високообразовна дејност;
– би одлучувал за акредитацијата на научната установа што сака да ја врши високообразовната дејност на студии од втор и трет циклус;
– би утврдувал дали високообразовната установа ги исполнува условите за организирање студии за нови студиски програми и би го утврдувал капацитетот за студирање на високообразовната установа;

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– најмногу на секои пет години би го следел и оценувал квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачка, уметничка и стручна работа, на академскиот кадар и на студиските програми на високообразовните установи и врз основа на оцената би ја продолжувал или одземал акредитацијата;
– од својата работа, Одборот за евалуација би објавувал извештаи за резултатите од надворешната евалуација, би доставувал извештај до Владата на Република Македонија и би го информирал и министерот што е надлежен за работите на високото образование за одобрените акредитации и за резултатите од евалуацијата.
Организацијата, работата, начинот на одлучување, методологијата за акредитација и евалуација, како и други прашања во врска со работата на Одборот, поблиску се уредуваат со правилник, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.
Во согласност со донесениот правилникот може да се констатира дека функционира постапката за акредитација. (Што е акредитација? Тоа значи потврдување или докажување на некој документ, во конкретниот случај акредитирање студиски програми што ги поднесуваат универзитетите од нивните соодветни факултети.)
Од горенаведеното од акредитираните универзитети, односно единици на факултети, односно нивни студиски програми, за жал, може да се констатира дека Одборот за акредитација и „евалуација“ ги акредитира сите достасани барања за акредитирани студиски програми, иако во поголем дел приватни, како и некои јавни универзитети и нивните дисперзирани единици, потфрлаат по наведените критериуми и нормативи, не ги исполнуваат акредитираните решенија и решенијата за почеток за работа добиени од Министерството за образование и наука, односно од Агенцијата за квалитет на високото образование.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија

Продолжува в понеделник со: Рангирање на квалитетот на универзитетите во Република Македонија