Постарите читатели, но и филмофилите, ќе се сетат на култниот југословенски филм „Маратонците го трчаат почесниот круг“ на драматургот Душан Ковачевиќ (секоја сличност со презимето на премиерот е случајна, бидејќи ги делат не само различните семејни лози туку и многу други работи, како генијалноста на првиот и неспособноста на вториот) и режисерот Слободан Шијан. Интересно е што делото е резултат на гнев на драматургот (му пукнал филмот, би рекле – а всушност гневот резултира со извонреден текст). Преку сериозна (уметничка) критика на општеството во вид на трагедија, авторот сака да се пресмета со „нив“ (владетелите/гробарите), и тоа го прави преку драмски текст. Подоцна, во 1982 година, излегува играниот филм, но публиката ја промашува поентата и го прифаќа како урнебесна комедија. Таа дури не ја сфаќа ни алузијата на смртта на Пантелија, по што почнува распадот на погребното претпријатие, како референца на смртта на Тито. Очигледно, во тоа време публиката е несвесна за она што набрзо ќе ѝ се случи на Југославија. Иако, дејството се случува во друг историски период (по атентатот на Караѓорѓевиќ во Марсеј), Ковачевиќ ја опишува состојбата во која на власт се гробари, кои ги погребуваат талентите, умешноста, умот, младоста – односно сè што вреди во земјата. Според рецензентите, т.е. оние што продреле зад површноста на духовитите реплики и сцени, драмата зборува за тоа како оние што се расипани, неспособни и лакоми ги бркаат оние што се нивна спротивност надвор од земјата, односно подалеку од себе, за да се стекнат со поголема моќ. Во филмот сите ликови по правило загинуваат на еден или друг начин, освен главните протагонисти (семејството Топаловиќ), што е јасна порака колку е овој сој непобедлив и вечен. Тоа е приказна за „најстарата балканска фамилија“, толку стара што ни смртта не ѝ може ништо (како што вели авторот). Погледнат дури и низ денешна перспектива, или дури и низ призмата на секоја од бившите југословенски републики, актуелноста е поголема од кога било порано. Можеби овде веќе не станува збор за една фамилија, туку за цел сој (од кој како свински црева се изврзани сите фамилии, зетови, снаи, стрини, внуци). Тоа е оној што сите (ќе) нè закопа. Всушност, нè зомбифицира, а ние веројатно мислиме дека е ова судба од која нема бегање или добар виц, иронија на судбината.
Помислив, наместо осмислена колумна, да почнам да нижам само наслови на најударни вести (сега стигнуваат како цунами, по неколку дневно) што зборуваат за колапсот во кој се препелкаме. Ќе личеше на трагикомедија со невкусно претерување или на црна хроника… Се откажав од таа идеја, а сè уште не знам како да ја отплеткам оваа приказна чиј почеток и крај ги знаеме – и со кои сме се помириле. Звучи нестварно дека пензионерите се поборбени од младите; дека со ваква отапеност примаме вести дека тие/гробарите/вечните си ги качуваат веќе покачените (и незаслужени) плати, додека нас нè дисциплинираат и учат на „здрава храна“ со покачување цени на божем луксузни производи. Овде животот е луксуз, бидејќи ниту дете можеш да израснеш како што заслужува, ниту стар човек може во мир да си ги мине последните години. За лекување треба пари, за терање правда треба пари, за школување треба пари… уште малку и воздухот (загаден) што го дишеме ќе почнат да ни го наплатуваат. А ние тивко и срамежливо ќе прашаме: јаже за бесење или погребна опрема сами да си купиме или вие ќе ни обезбедите? Во ваква очајна атмосфера пред една недела се одржа вистински маратон. И тој стана предмет на поделби: некои го воочија контрастот на едвај 200 луѓе што протестираат (во случајов за скандалот со онкологија) наспроти десетте илјади луѓе со насмеани ликови што учествуваа (активно или пасивно) на маратонот. Далеку од тоа дека маратонците (професионални спортисти или љубители на физичките активности) не заслужуваат свој ден. Далеку од тоа дека Скопје не треба да ја одржи оваа традиционална манифестација. Но, бруталните факти зборуваат дека учесниците на овој настан се здрави, млади и (релативно) богати луѓе. Доволно е да фрлите поглед на спортските патики и другата опрема. Доволно е да ги видите нивните озарени лица со кои ја изразуваат среќата што го издржале напорот и стигнале до целта – тоа е она заради што и се одржува оваа манифестација (покрај вообичаениот комерцијален дел). Но, овој настан е луксуз за мнозинството, кое е прерано остарено, окапано, разочарано и заглавено во еден друг „маратон“, од мака до мака, од ден до ден да се преживее…
Прашањето не е зошто 10 илјади луѓе уживаат во денот на маратонот туку каде се тие кога се одвива овој другиов маратон, во кој „нашите Топаловиќи“ се неуништливи и вечни? Онака како што спортистите сакаат морална поддршка од страна, така и пензионерите, болните, обесправените бараат солидарност и емпатија. Овие два маратона, затоа, немаат допирна точка.
Тоа се паралелни светови, кои не се среќаваат: едниот е маратон на маките и на сиромашните, другиот е на љубителите на трчањето (и на помодарите, меѓу нив), а третиот маратон е оној најпогубниот, од кој страдаат луѓето од првите два. „Топаловиќи“ се рециклираат, се подмладуваат, се „шалтаат“ од позиција на позиција, понекогаш божем се во кавга, ама пленот и привилегиите заедно ги цицаат – од нашата крв, од нашата пот, од нашата жолч… И тие себеси се ставиле над правото, над правдата и над моралот. Ги слушаш како (бесрамно) беседат пред ТВ-камери, мислиш ореол на светци им стои над главата, додека нè прават будали при она малку здрав памет што ни остана. Едно новинарче (ова е, признавам, малициозен збор што намерно го употребувам, иако човекот за кој зборувам е мал само во морална и професионална смисла), еден од камарилата што се грижи за нивното векување на троновите, без срам и перде вели: „Мене ми е веќе смачено да слушам само кукање и жалење. Луѓето треба да направат нешто и сами за себе“. Нему, со сигурна плата, му се смачило! Пази богати! Тој барал акција, самопомош, сами да сме ги решавале проблемите! Тој е оној што на „погребното претпријатие“ (наречено државна власт) му обезбедува реклама и уште ветува „вечен сон“, „божја милост“ и слични флоскули. Смртта е навистина „најсигурниот бизнис“ во оваа земја, а луѓето можеш да ги убиваш на рати, симболично или вистински, со загаден воздух или без пристап до лекови… можеш да ги убиваш и додека умираат од смеа кога слушаат дека лутеницата и цвеклото станале луксуз.
Кога некој сега би ме прашал: а чаре? Првата асоцијација би ми била: Бастилја! Но, потоа би се сетила што станува и со француската (петта) република. Во духот на (по малку сатиричната) веста дека Скопје ќе било град на културата, најпригодни за крај ми се зборовите на Ковачевиќ (од 2015 година): „Се разбира, во промени мора да се верува наспроти фактот дека оние што одлучуваат за овој свет длабоко презираат сè што личи на уметност, бидејќи таквите (не)дела ги навредуваат и споменуваат како извор на злото. Така, уметниците меѓусебно се допишуваат и едни на други се жалат како силата на власта е нехумана, нечовечна, погубна за животот. Кога ќе се исплачеме во едно дело, почнуваме ново, кое ќе биде уште ’пореволуционерно’… И така, еве, веќе неколку илјади години“.
Така и јас: се исплакав во една колумна, до следната пореволуционерна ви посакувам среќа. А ако ја немаме, тогаш да ја имаме на ум репликата на филмот „Маратонците…“: на секој што ги запознал овие, ни пеколот нема да му падне премногу тешко. Ако ни е добро, тогаш – ништо. Кој ќе преживее, ќе раскажува. А може и в година ќе трча на маратонот исполнет со среќа, адреналин и серотонин.