Записи во несоница
Овој мал трактат за саможртвата, драг читателу, го пишувам мотивиран од кукавичлукот што нè зафатил во кукавичкото време на кое сме се согласиле да го живееме со срамен конформизам. In medias res саможртвата, смислата за неа, е највисок чин на себеостварување. Тоа е најблагородното осмислување на животот посветен и заради среќата на другите. Но во крајна инстанца со тоа истовремено и заради сопствената среќа од спознанието дека преку жртвувањето и самиот си се остварил како безусловно и безгранично битие. Слично на изворот што ја изнесува на површина длабочината од подземи, саможртвата го изнесува на виделина подвигот на мартирот, светецот и херојот во едно откровенско божествено Јас околу кое се вртат човештвото и вечноста. Себеси да се положиш во пресудни мигови на гранични ситуации во темелот на иднината што доаѓа. Тоа е идеалот на херојот и херојскиот живот кој не се помирува некогаш со кукавичлукот на времето и укинатата слобода на човекот да живее достоинствено и праведно, како времето во кое сега тука кај нас живееме кукавички и помирливо ние, помирувајќи се со комотната филозофија на глушецот и глувчешката дупка, наместо да го развиеме крилото и да излеземе на бришан простор наспроти судбината. Лице в лице со неа.
Постојат многу примери, но, се разбира, не можеме да најдеме поубав пример за саможртвата од онаа на Исус на Голгота, кој доброволно, како божји син се жртвуваше за спасение на човештвото, покажувајќи на тој начин, како што би рекол Шлаермахер, и како треба да изгледа како идеален лик општиот човек или човекот-човештво. Оти за да се даде пример за тоа дека човечкото и божественото се од иста супстанција и самиот себе тој почесто се нарекуваше Синот човечки, а не Синот божји. Времето од човекот во гранични ситуации бара чин на саможртва, која, се разбира, е наменета за избраните, тие што се способни за тоа. Тие, просто речено, што го имаат талентот да бидат мартири, херои, светци. Тоа го бараат критичните, катастрофични мигови за еден народ кога неговата загрозена егзистенција бара истата таа да се преобрази и осмисли во клучот на трансценденталниот хоризонт на идеалот. А тоа, пак, е хоризонт на верата, љубовта и слободата како највисоки вредности на постоењето како на индивидуата, така и на колективот на кој му припаѓа таа. И тој свет мотив, или внатрешен порив на дејствување, Карл Јасперс го дефинира како „безусловно барање“ што го поставува пред нас животот, кој без тоа ја губи вредноста на етичкото и моралното злато што му е дадено од Господ. Она што го рече и Кант: „Ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“, формулата што му е иманентна и на секој човек како слободно и ослободено од страв и кукавичлук битие. Битието што е полно со длабока вера. Оти секоја таква вера, драг читателу, е по дефиниција a priori религиозна, дури и кога Бог не е нејзин примарен „објект“ на верување, а кој сам по себе се остварува и искрснува во чинот на саможртвата што е света и секогаш со храмовен облик и суштина. Да. Оти само силата на верата е таа со која Исус можеше да чекори, за разлика од колебливите апостоли, по водата на морската површина, а Емпедокле без страв, како во ново трансцендентално искуство и со ведрина, да скокне во кратерот на Етна. Скок во вера, безусловно како што мислеше и Киркегард за да може од бездната на егзистенцијата како судбина да се извлече сонцето што ќе ја осветли темната ноќ во срцето на човекот и човештвото.
Сите митови поврзани со чинот и саможртвата во таа смисла и го содржат во себе иницијацискиот пат на скок во бездна, макар истата таа се викала и Вера, Љубов или Слобода. На тој пат херојот за да го оствари својот подвиг како сонценосец мора да мине низ подземје за да излезе на осветлен простор, кој по негова заслуга е добивка за сите. Доволен е како илустрација за тоа митот за Тезеј, кој го минува со конецот на Аријадна лавиринтот на подземјето каде што го убива минотаурот како егзистенцијална зададеност, за дури потоа да излезе на светлина на денот овенчан со лавровиот венец на подвигот.
Тоа. За саможртвата, пак, на Исус што го дефиниравме како архетип на тој план не треба повеќе многу да зборуваме. Тој исто така скокнува во бездна за спас на човештвото. Тоа е смртта, откривајќи ја на тој начин формулата на херојот со смрт да ја победува смртта и да мине низ портите на воскресението во вечниот живот и слобода. Така и само на тој начин се остварува чинот на спасението, како што посочува и Хелдерлин во песната „Леб и вино“, кога аподиктично вели дека „таму каде што е опасното расте и спасоносното“. Оти, еве, како што изгледа работата, драг читателу, само опасноста го раѓа херојот и неговиот чин на саможртва што носи спасение. Безусловно. Оти, како што вели и Јасперс: „безусловните постапки се вршат во љубов, во борба, во прифаќање на големите задачи“. И тоа без ничија помош и потпора отстрана освен со неустрашливоста на своето битие полно со електроните на слободата и остварено во безусловна вера, во „неможноста да не се верува“ како што вели без отстапка христијанскиот еретички мислител Киркегард. Да. И токму затоа, драг читателу, и Исус во Гетсеманската градина не ги вика на помош небесните чети на Отецот, туку за високата задача за која е испратен од небото решава без отпор да ја испие „досудената чаша“ (распетието), што е услов за спасение на човештвото.
Да. И таа „досудена чаша“, што е судбинска, ја пијат сите саможртви мартири, херои, светци. Таа чаша, без да се опира, во божествена ведрина ја испива како пример на освестена етичка саможртва и Сократ, жртвата на шупливата, лажна грчка демократија на која толку многу ѝ се восхитува денес уште пошупливиот Запад. А истата чаша ја испива и Сенека во суровиот Рим, кој долго ја очекувал смртта, без да се брани пред да ја донесе неа кај него Нерон. Посебно херојска е и саможртвата на Џордано Бруно, кој не се поколебал во своето сјајно научно откритие за хелиоцентричното устројство во вселената, спротивно на теоријата на Птоломеј, зад која стоела суровата католичка цивилизација. И во име на Вистината, толку многу скапоцена за вистинското битие на човекот, тој доброволно, како Исус на крстот, се искачил на врвот од огнените јазици на смртта на инквизициската клада. А по него можел исто како него да настрада и Галилеј, кој не можеме да го означиме како кукавица, иако не ѝ се спротивставил на теоријата на инквизицијата, ама сепак на заминување од нејзината страшна ватиканска канцеларија го промрморил она толку многу славно: „Сепак се врти“.
А ние Македонците, мала дигресија драг читателу, не сме способни денес ни за такво мало ама храбро мрморење, оти останавме целосно неми додека нè ставаше во идентитетска гробница модерната инквизиција на Европа, сега под хипокритската маска ЕУ, за да не ги препознаеме нејзините бескрајни минати злосторства.
Доволно и предоволно се примерите што ги набројавме за мотивот на саможртвата, драг читателу, во име на верата, слободата и љубовта како основни онтолошки и трансцендентални хоризонти на преобразената трансцендентална димензија на човековото постоење. Да. Ама кај сме ние сега во овој егзистенцијален контекст? А имаше многу примери на херојски саможртви кај Македонците. Не само Гоце и Јане.
Тука се сите комити што се бореа под највисоките принципи на постоењето, под слоганот на знамето што го сугерира тоа „Слобода или смрт“. И тоа е најграничната ситуација за борба, за подвиг на саможртвата кога борбата води кон ослободување од мракот не само на сегашноста туку и на иднината, ослободување егзистенцијален простор и за идните генерации, оние што сега, по година или дури и по столетие се зачнуваат и што доаѓаат од иднината кон нас. Е, за тоа се бореа, драг читателу, нашите илинденски комити и војводи, а потоа и асномските партизани, сите до еден мартири, херои и светци за кои треба да изградиме цркви во ова кукавичко време во кое живееме кукавички. И не прашувај, драг читателу, зошто. Па, добро знаеш дека нè ништат идентитетски од Брисел и Вашингтон, а ние кукавички молчиме додека нè водат на клање. О, боже, колку е тоа срамно и понижувачки. Што би рекле на тоа илинденците и асномците, кои без многу размислување ги положија скапоцените животи како саможртви во темелите на нашата татковина и иднина за сега да ги срамиме со својот кукавичлук и филозофија на глушецот и глувчешката дупка со која од ден на ден преживуваме со ќебапи и пиво без да знаеме дека катастрофата стасала до над нашето теме и нема спас од неа освен со чинот на саможртвата. Така драги писатели, на кои им припаѓам и јас, а кои, кукавици, ништо не сфативме од чинот на саможртвата на Рацин, Вапцаров, Неделковски… И со таа филозофија, драг читателу, нè одведоа, како што во визија вели Исаија за Исус, на клање без да трепнеме и збор да кажеме. Добро, ама тука има голема разлика, оти (само)жртвата на Исус беше херојска, избрана од Отецот, ама и самоизбрана. А нашата „жртва“ без она само (саможртва) беше кукавичка, без никаков благороден плод од неа, оти без напор нè заклаа во идентитетската касапница Преспа 2018. Оти ние не покажавме способност за саможртва. Никој од нас. Во никого немаше ни трага, генетски отпечаток од Гоце и Јане, од илинденските комити и асномските партизани. Не!!!
Многу тажно, драг читателу. Затоа да ја завршиме тука нашата денешна колумна. А до следната сме препуштени на de profundis размисли, чекајќи, оти секоја секунда го чекаме тоа, да се повлече потопот на летаргијата и кукавичлукот што нè поклопил од петици до глава и од кој само Господ може да нè извлече, ама со силен гром, со електрошок, ако можеме да го издржиме. А ако не, такви, нека нè снема.