Македонските националисти

На 22 декември се навршија 113 години од раѓањето на Коста Солев Рацин, авторот на стихозбирката „Бели мугри“, основоположник на современата македонска литература, истакнат и убеден социјалист и една од нашите најважни историски личности, која, чинам, современието сè уште ја нема доволно растајнето во неговата вистинска величина и достигнувања. Особено во неговото непоетско творештво. Тој е првиот Македонец што пишува за богомилите, а секако и меѓу првите што пишува философски текст. Во оваа пригода ќе ви приведам еден подолг дел од еден негов текст („Решен ли е македонскиот вопрос“), кој се чува во неговата оставина, во архивот на МАНУ. Иако ќе го наведам во оригинал, обидете се да го читате како да е напишан денес и ќе видите дека ние Македонците како вечно да се занимаваме со истите историски „вопроси“, како постојано да се вртиме во истиот маѓепсан историски круг, не успевајќи вечно да излеземе од него и да ги решиме основните историски прашања, со кои другите нации завршиле уште во XIX век.
„’Македонија е ослободена… Вековните желанија на македонскиот народ се постигнати… македонскиот вопрос е решен..!‘ – со тија пароли и радосни и радосни речи, блгарските фашисти го поздравија разгромуењето на бивша Југославија и германското окупирање и присоединение на Македонија кај фашистичка Блгарија […] Така сега мислат и говорат Хитлеровите агенти у Блгарија и Македонија: Југославија е разгромена, Македонија присоединета кај ’мајка Блгарија‘. Со това се става крај на македонско-националната борба. Ако порано српските шовинисти и фашисти признаваја само еден народ у Македонија, српскиот, така исто денеска и блгарските фашисти признавајат да у Македонија живејат само Блгари. Разбира се, за това и едните и другите имајат купишта ’научни‘ и ’историски‘ доказателства и тапии…“
Зарем!? Прво, зарем овој текст Рацинов не изгледа како да е пишуван денес!? И второ, зарем, оф зарем „фашистичка Блгарија“, изговори ти Рацине!? Зарем!? Зарем и „српските шовинисти“ исто така полагале право на ова парче земја? И конечно, зарем и тогаш, како и сега, и обете нудат „купишта ’научни‘ и ’историски‘ доказателства и тапии“!? С’што како денешните „историски комисии“ за утврдување факти! Зарем и ти побратиме Рацине, нè жигосуваш како националисти!?

На 19 декември, се навршија, пак, сто години од раѓањето на уште еден велик македонски син, на џинот од Небрегово – Блаже Конески, кому со Рацина, животните врвици на чуден и по малку мистичен начин им се вкрстуваа. И обајцата беа дел од тоа исто „смачкано племе“ и тој и Рацин знаеја дека: „Сум избран — сета невола и тага/И сета ропска потиштеност грда/На еден народ да ја истрадам,/Молчаливо и тврдо да ја носам./И бележен со некој пален знак/Јас треба да ја сетам цената/На секој подвиг што напред нѐ води,/Дволичноста на сека победа.“
Самиот Конески си припомнува на радоста кога за првпат, Страшо Пинџур на македонските студенти во Белград им ја донел „Бели мугри“. А подоцна самиот, како веќе етаблиран научник, посветува неколку писанија за Рацин. Во еден од нив, Блаже Конески го анализира Рациновиот текст за богомилите, насловен едноставно: „Богомилите од Коста Рацин“. Анализирајќи ги мотивите што стојат зад интересот на Рацина за богомилите, Блаже Конески јасно заклучува дека клучен мотив за анализа на богомилското движење од страна на Рацин, било укрепувањето на македонската национална свест. „Во народот требаше да се влее вера и гордост: вера во силите негови, гордост од тоа што веќе го постигнал во минатото. Зошто само народ свесен за своите сили и исполнет со благородната национална гордост – може да ја љуби вистински слободата, та да се бори за неа.“
Зарем!? Зарем и ти брате Конески говориш за национални чувства!? Зарем и ти си националист!? И ти ли како и Рацина зборуваш за укрепување на националната гордост!? Па нас овде, драги Рацине, драги Конески, нè учат и поучуваат дека националната гордост е зло! А вие згора и левичари! Та и комунисти, дури! Зарем? Зарем и левицата ја интересираат националноста, национализмот, нацијата и националната гордост!? Нас овде нè учат и поучуваат дека тоа не е прашање на левицата, дека тоа не треба да ја интересира левицата и дека таквата левица е псевдолевица, та дури и фашистичка (што и да им значи тоа). Нè учат уште и дека нациите, националните митови и националната гордост се застарена работа, работа на минатото и нè бележат со тој „пален знак“, како „регресивни“ сили во општеството! А ти, ти Конески, во заклучокот уште и појасно ги забележуваш мотивите на Рацина во текстот за богомилите: „да ги мобилизира нашите луѓе за најважните задачи на денот: 1. да ја закрепи нивната национална свест и 2. и укажувајќи на нивните борбени традиции, да ги сплоти околу пролетеријатот, околу неговата партија што водеше борба како за националното, така и за социјалното ослободување на македонскиот народ.“

Оф, ете ја задачата на левицата, велиш! Националното ослободување да ти било неразделно од социјалното ослободување на македонскиот народ! Зарем!? Па овде, побратиме, сострадалнику Конески, нè учат дека тоа не ги личи левичарите. А ако не ги личи левичарите, веројатно уште помалку ги личи десничарите. Или, пак, и тоа не ќе да е така? Да се оддалечиме од нашите умни глави и да прашаме една странска. Еве, на пример, што вели Роџер Скрутон, англиски политички философ: „Демократиите ѝ го должат своето постоење на националната лојалност..“! Ајдее, зарем!? И уште додава: „Онаму каде што чувството за националното е слабо, или не постои, и демократијата не успева да пушти корени“. Зарем!? Па овде Скрутоне нè убедуваат дека демократијата е доволна per se, па дури дека таа се исклучува со националното, и уште дека да се биде „демократ“, значи да се биде „Европеец“, отворен и космополит, та скоро и анационален! Зарем и ти „конзервативизме“ нè изневери!? Па од каде сега нашата универзална, анационална, космополитска, добрососедска, европска, натовска, светска… „нација“ да ја црпи основата за својата „наднационалност“!? Не може лево, не може десно, не може кај левите, не може кај конзервативците, не може кај домашните умови, не може кај странските!? Па каде да се укрепи оваа наша генијална, „анационална нација“, која гордо ја градиме!? Во кои умови од минатото и сегашноста да ја најдеме теориската втемеленост на таквата генијална измислица на нашата и само нашата наднационална универзалност!?
Јас предлагам, да не одиме толку далеку ниту во просторот ниту во времето, ниту до Блаже, ниту до Рацина, уште помалку до Скрутона. Доволно ни е концептот за „едно општество за сите“! Дотаму ѝ е сосема доволно на оваа генерација, која уште долго, можеби никогаш нема да роди такви горостаси на мислата како Блаже и Рацин! За оваа генерација Македончиња и тоа е сосема доволно! А тоа дека „само народ свесен за своите сили и исполнет со благородната национална гордост – може да ја љуби вистински слободата, та да се бори за неа“… тоа? Ах, па тоа е дел од застареното и регресивно минато на некоиси шовинистички атавизми. Или можеби, само доказ, дека никогаш не сме ја заљубиле слободата и никогаш нема да се избориме за неа!

Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија