Македонската европска интеграција по француско-германскиот извештај

Што значи за македонската европска интеграција новообјавениот извештај за реформи на ЕУ, изработен од француско-германска група на експерти? Прво, мора да се нагласи дека европската јавност долго го очекуваше овој нов обид за сеопфатна реформа на Европската Унија. Над главите на сите во Брисел сè уште види злодухот на пропаднатиот обид за европски устав, изработен од Конвенцијата за иднина на Европа, која најамбициозно се повика на наследството на американската Уставна конвенција од 1789 година, со надеж дека нивниот производ ќе добие еднаква слава и веков одек низ историјата како и врвниот американски правен акт, усвоен во Филаделфија на споменатиот собир. Не помали беа и очекувањата на самите членови на европската конвенција, предводени од веќе покојниот француски претседател Валери Жискар Дестен, за нивната лична улога во идната европска историја. Тие мечтаеја дека ќе бидат прогласени за „татковци – основачи“ на европската федерација, една од идните глобални сили, своевидни вашингтони, адамси, франклиновци, медисони и хамилтони, но во европски контекст. Се разбира, историјата е полна со иронија, па наместо почеток на европската федерација, конвенцијата означи почеток на европската институционална криза, која ни до ден-денес не е конечно решена. Прашањето на македонската европска интеграција, за жал, не е дел од таа агенда, но самиот процес ги трпи последиците од постојаната европска институционална криза.
Веројатно од тие причини, овој пат приодот е со далеку помалку помпа и без учество на политичарите, кои се во потрага по нивното место и улога во историјата. Сепак, фактот што извештајот беше претставен од Ана Лирман, државна министерка за Европа на СРГ, и Лоренс Бон, државен секретар за европски прашања на Франција, дава тежок печат на извештајот. Овие два политичара се и водачи на групата составена од дванаесет експерти, наречена „Групата на дванаесеттемина“, формирана во јануари 2023 г. Француско–германскиот мотор на Европската Унија стои со сета своја историска, политичка, економска, институционална и културна моќ зад изложените предлози. Секако, Европа не може без помпа, па сега амбициозноста е изразена преку насловот на извештајот – „Едрење на високи бранови – реформи и проширување на ЕУ во 21 век“.

Нема да навлегувам во деловите на извештајот што се однесуваат на внатрешните институционални реформи за функционирање на реформата. Тоа е прашање што, за жал, во моментов не ни вреди да го дискутираме во македонски контекст затоа што за нас резултатот од расправата, доколку воопшто има резултат, ќе биде дадена состојба што ќе може само да ја прифатиме. Нема дури ни да влезам во коментирање на концептот на Европа од четири концентрични кругови иако многу ме копкаат паралелите од некогашната „Бела книга“ на Европската економска заедница од средината на 1980-те, која на крајот заврши со Единствениот европски акт и создавањето на единствениот пазар. И тогаш се зборувало за „концентрични кругови“, а и тогаш коментаторите во тогашната Југославија нè сместувале некаде помеѓу „третиот“ и „четвртиот“ круг. За среќа на Европа, некој таму на крајот заклучил дека вградена нееднаквост ќе резултира со структурна нееднаквост и дека тоа ќе го загрози европскиот проект, па „кружната концентричност“ не се реализира на дело. За несреќа на Југославија, земјата се распадна неколку месеци по поднесувањето на апликацијата за прием во ЕЕЗ како полноправна членка иако ќе беше прифатена како прворангиран кандидат од посткомунистичките земји. Но тоа се теми за други дебати.
Најинтересен дел за нас во извештајот е секако поглавјето за проширувањето. Тука се потврдува досегашниот принцип дека внатрешните реформи на Европската Унија и нејзиното продлабочување секогаш да одат во чекор со нејзиното проширување. Тоа го потцрта и германската министерка за Европа при претставувањето на трудот кога истакна дека „ЕУ-проширувањето и ЕУ-реформите можат да одат ’рака под рака’“.
Прво, треба да се поздрави изнесената заложба во извештајот, 2030 година да се определи како јасна и цврста временска рамка за следно проширување на Европската Унија, како и препораката дадена до следната Европска комисија, таа да се посвети на целта „2030“ и навреме да ја усогласи постапката за пристап кон проширувањето.

Се разбира, овие оптимистички препораки од групата на експерти се во иста линија со зачестените изјави и говори на највисоките претставници на Европската Унија и на нејзините земји–членки да се определи „2030“ како датум за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Годината веројатно изгледа доволно оддалечено од актуелниот момент и е далеку зад крајот на мандатот на актуелната Европска комисија, веќе е насред мандатот на некој иден француски претседател, ништо чудно и за време на владеењето на некој иден германски канцелар или италијански премиер. Со други зборови, ќе биде проблем за некој друг, а не за актуелните европски политичари. Меѓутоа, прашање е дали постои таква храброст кај актуелната европска политичка елита јасно да се определи датум за идно проширување?
Далеку посуштински дел од извештајот за нас е делот каде што се повикува на промена на одлучувањето при процесот на проширување на ЕУ. Иако е јасно потцртано дека одлуката за прием на нова земја-членка на Унијата мора да биде едногласна, сепак извештајот бара темелна промена на одлучувањето и воведување „квалификувано мнозинство“. Тоа во пракса ќе значи дека одлуката за отворање преговори, одлуките за отворање на кластерите, отворање на поглавјата, затворање на поглавјата, затворање на кластерите, па дури може да се замисли и одлуката за затворање на преговорите, во иднина би се носеле со квалификувано мнозинство. Едногласноста, веројатно, ќе биде применета при ратификацијата на Инструментот за прием на нова земја–членка кога и онака таквата одлука би морала да помине низ законодавните тела на сите земји–членки (некаде е потребно и изјаснување на законодавните тела на федералните единки, а нештата може да се усложнат ако остане француската одлука за референдум или ако некои други земји одлучат да одат на народна потврда за прием на идни земји–членки).
Интересно е тоа што и во овој дел извештајот е амбициозен, па повикува на измена на законодавството на ЕУ и воведување „квалификуваното мнозинство“ до изборите за пратеници во Европскиот парламент, кои се закажани за кон крајот на првата седмица во следниот јуни (6–9.6.2024 година).

Сомничав сум дека овој извештај ќе биде онаа пресвртна точка што конечно ќе започне да го отплеткува замрсениот јазол на институционалната реформа на Европската Унија. Уште помалку, пак, мислам дека извештајот ќе го натера Брисел сериозно да му пристапи на проширувањето и да понуди јасност, прецизност и, што е најважно, конечност на процесот. Меѓутоа, извештајот укажува на фактот дека актуелната македонска небиднина на патот кон европската интеграција е јасно забележана во Европската Унија и дека е реалност што нема да биде променета ни доколку се пристапи кон уставните измени. Имајќи го, пак, фактот што ќе значат уставните измени, вака како што ги замислила Бугарија и како што ги прифатила актуелната влада, македонскиот пат кон ЕУ допрва ќе се претвори во уште помачна голгота, со невидени последици за внатрешната македонска политика, но и за односите со Бугарија и со Европската Унија.
Наедно, извештајот укажува и на фактот дека во политиката нема никогаш „земи или остави“, „сега или никогаш“, „последните возови“, „шанси што не смее да се испуштат“ и други инфантилни флоскули што не доликуваат за сериозен однос кон една држава и кон нејзините граѓани. Процесот на европското проширување допрва ќе биде предмет на преобмислување, па не постои ниту една разумна причини за влез во нова авантура со несогледливи последици. Далеку покорисно ќе биде повторно да ја отвориме македонската внатрешна дебата… овој пат помеѓу возрасните и разумните.

Ивица Боцевски