Новата изменета архитектура на државно спонзорираниот надзор во Македонија изгледа не е ништо друго до повторна контрола на политичките неистомисленици и на слободната мисла. Зарем некој сериозно помисли дека реформирајќи го системот на таен надзор во државава ги заштитивме граѓаните од политички мотивирано следење и навлегување во нивната приватност, свесно дозволувајќи кршење на нивните права и слободи? Како да верувам во искреноста на политиката дека реформите на тајната полиција ќе ги запрат следењето и прислушувањето на граѓаните, кога ги наполнија со малигнен човечки материјал, кој може да опстане само во контролирано и надгледувано општество? Како да верувам во луѓе што никогаш не ги напуштија практиките на контрола на неистомислениците од социјализмот и кои се промовираа во идеолошка инквизиција на политиката?
Понекогаш се прашувам: како и кога идеологијата – сфатена како политичка преференца со нормативните и онтолошките основи на политичките визии – стана прашања на националната безбедност во независна Македонија? Заплетканоста на дискурсната нишка на идеологијата со онаа на безбедноста е премиса што теоретски, но и практично може да се прикаже како нешто што овозможува одредени автократски политики секогаш посакувани од власта. Однесувањето на нашите тајни служби, кои продолжуваат (зашто никогаш не престанаа) да се занимаваат со „внатрешниот непријател“, ја потврди нивната идеолошка автократска дискурзивна премиса на безбедносните закани на политиката, поттикнувајќи го, наместо да го намали обемот на државната репресија, дури и ако овие практики резултираат со зголемено државно разузнавање за активностите на опозицијата и критичките опоненти на власта.
Досието „Дувло“, „Рашомон“, досието „Темел“, „Големото уво“, досието „Креатор“, „бомбите“ на Заев се службено детектирани политички злоупотреби во функционирањето на разузнавачките служби во Македонија. Станува очигледно дека нашиот разузнавачки систем функционирал и сѐ уште функционира под сенката на неговиот претходник од социјализмот и претставува еден од главните внатрешни извори на конфликти и опасности, кои ја држат Македонија далеку од можна либерална и демократска иднина. Овие институции, без сериозна контрола, станаа совршен внатрешен непријател на демократијата и алатка за политичка контрола и пресметка во рацете на неокомунистичката власт.
Иако од 1991 година се случуваат бранови на промени во раководството на македонското разузнавање, идеолошката компонента во неговото работење никогаш не беше напуштена. Особено последниот случај со „бомбите“ на Заев е најдобрата потврда на тезата дека разузнавачкиот систем во Македонија независно се има вклучено во политичкиот живот на државата до таков степен, што стана политичка тајна полиција. Некои од овие стравувања се вкоренети во високополитизираните околности под кои е реформирана службата и американските констатации за нејзиниот доскорешен шеф и, секако, нејзината вина за повеќето мрачни епизоди во македонскиот политичкиот живот.
Она што искрено ме плаши се јавно искажаните сомнежи од опозицијата дека приказната за дејствувањето на „внатрешниот непријател“ како безбедносна закана за политиката сѐ уште е жива и дека работата на тајната полиција во сузбивањето на „неговото“ дејствување е иста каква што беше во минатото. Сѐ повеќе мислам дека ќе гледаме нова епизода во серијалот на тајно следење, зашто искрено не верувам дека како посветена внатрешна разузнавачка агенција тајната полиција ја напуштила својата омилена задача да ги надгледува домашните закани за власта и да открива, идентификува и да лоцира политички неистомисленици. Повторно ќе слушаме како низ нивниот лажно креиран наратив се жигосуваат луѓе што не се по мерак на политиката.
Во својата улога како домашни разузнавачки организации, „реформираната“, на хартија, тајната полиција останува „златна кокошка“ на власта сѐ додека е способна непречено да може да ги зголемува информативните способности на режимот. Особено, што оваа власт дојде како нуспродукт на серија операции на нелегално собирање разузнавачки информации за своите политички опоненти. Нејзината цела историја на владеење е историја на прислушување, следење и политичка репресија на неистомислениците. Таа е политичкиот гуру на работењето на тајната полиција и во независна Македонија, одржувајќи ја преку неа во живот државната репресија на минатото. Само што овој пат, доколку се потврдат сомнежите дека продолжило прислушувањето, некој ќе мора да понесе одговорност.
Одговорност и ветинг се иднината во процесот на трансформација од тоталитарен безбедносен апарат во Македонија во модерен демократски модел на разузнавачка заедница. Тоа е вистински посакуваната реформа, секогаш политички блокирана. Се надевам дека по изборите ќе видиме вистинска промена во политиката што ќе значи нејзино напуштање на улогата да биде алатка на тајната полиција за обезбедување на нејзиниот институционален опстанок во оваа форма и со истите луѓе заробени во идеолошката матрица на минатото. А дотогаш нема за што да се грижите. Тајната полиција се грижи за вас: ве слуша, ве следи и ве контролира. Вашиот верен чувар секогаш е со вас и кога не го гледате. Затоа, време е македонската државно спонзорирана безбедносна империја на злото да ја испратиме во срамната историја на оваа држава. Кога ако не сега.