Дали Македонија може да влезе во БРИКС? Интересно е колку длабочината на историските неправди влијае на јавното мислење и на вредностите на граѓаните. Катастрофалната политичка изведба на Преспанскиот договор и актуелната бугарска политика кон Македонија сериозно ја начнаа довербата на македонските граѓани кон клучните институции на „западниот свет“, ако можам да ја употребам таа синтагма, а пред сè во Европската Унија и во НАТО. Во последно време јас сум вчудовиден од речникот на мои блиски пријатели и познаници за внатрешната македонска политика и за нашите меѓуетнички односи, за што планирам да напишам посебен осврт, а фрапиран сум од прашањата што доаѓаат до мене од поранешни пламени приврзаници на македонската европска и атлантска интеграција.
Владата, нормално, ништо не презема за да се излезе од оваа состојба затоа што таму сметаат дека токму ваквото јавно мислење ним им овозможува простор да лобираат пред меѓународната заедница за „неопходноста“ од нивно „останување на власт по секој цена“, а, за жал, односот на дел од меѓународните партнери кон нас личи на онаа шеговита досетка дека на пиратскиот брод „ќотекот ќе продолжи додека моралот на екипажот не се подобри“. Злорадоста на владејачките партии поради влошената слика на западните меѓудржавни институции во јавното мислење и нивното кукање и за помагање по западните главни градови секако дека нема да им донесе нов мандат. А ни игнорирањето на чувствата на најголемиот дел од македонскиот народ, исто така, нема волшебно да го подобри јавното мислење во земјата. Единствено сериозен приод, кој ќе појде од демократскиот мандат и од враќање на уставните начела и на цивилизациските вредности за почитување на човековите права, може да понуди излез од оваа состојба… И тоа долг излез што ќе бара вложување многу енергија и уште повеќе дипломатска работа. Се разбира, овој приод подразбира и искрено партнерство од нашите сојузници затоа што не се чекори само со една нога.
Нејсе, завчера којзнае по кој пат во последно време добив прашање „дали Македонија може да влезе во БРИКС.“ Прво одбивав на глупост и ги терав муабетите на шега, но веќе пресериозни луѓе се интересираат на темата за да остане неодговорена, па ајде да се обидам да го срочам одговорот.
„Македонија не може да стане членка на БРИКС“ би бил најлаконскиот одговор. Прво, нема бегство од географијата. Македонија се наоѓа насред Балканот и внатре во самиот лимес на Европската Унија. Второ, македонската економија е органски поврзана и е составен дел на заедничкиот европски пазар. Единствена можност за економски раст на земјата и за подобрување на стандардот на граѓаните на Македонија е целосна интеграција во заедничкиот европски пазар. Трето, Македонија си има свои договорни обврски и зборот на нашата држава треба да има соодветна тежина. Ако уште од 1980-тите, од времето на никулците на демократизацијата во некогашна СР Македонија и СФР Југославија зборуваме за европска интеграција и за НАТО, тогаш треба да си останеме доследни на зборот, но никако и да ги премолчиме сите неправди што ни се случуваа на тој пат.
Четврто, иако сите држави според меѓународното право се еднакви и суверени, сепак, што би рекол Џорџ Орвел, некои се поеднакви и посуверени од другите. Во посебна категорија, пак, и во посебна лига за себе се наоѓаат државите од типот на САД, Кина, Индија, Русија, Бразил или Индонезија, кои повеќе наликуваат на некои континентални заокружени целини отколку на класични вестфалијански држави. Ваквите гигантски држави имаат и најголема слобода во меѓународните односи и може да експериментираат со многу алтернативни визии за нивниот развој. Случајот со Македонија е многу поинаков. Ниту една од балканските држави нема услови, ресурси или желба да игра каква било глобална игра, а дури ни регионална игра. Освен Турција и Италија, тешко може да се зборува за други регионални сили во овој дел од светот. Балканските држави се само еден вид за заштита на културниот суверенитет на балканските народи и ништо повеќе. Токму затоа и по распадот на југословенската федерација, сите нејзини составни членки настојуваа и настојуваат целосно да се интегрираат во Европската Унија. Културниот суверенитет го исцрпува сиот стремеж на сите балкански народи во меѓународните односи (прашањето како да се заштити сопствениот културниот суверенитет без да се влезе во мајоризација на малцинските заедници и нивни иредентизам е главниот повод, пак, за сите балкански војни во последните два и пол век, односно во ерата на распадот на царствата, но тоа е тема за колумната што погоре ја најавив).
Оттука Македонија треба цврсто да си гази на зацртаната патека за целосна интеграција во Европската Унија и подоцна ОЕЦД, покрај безбедносната димензија на НАТО-интеграцијата, без непотребни авантури како членство во БРИКС, стекнување статус на офшор-земја или какви било други недоквакани идеи.
Дали тоа значи дека Македонија треба да го изгуби интересот за БРИКС, па целосно да ја забатали таа тема? Апсолутно НЕ! Светот на утрешнината ќе биде драматично поразлично од светот на „крајот на историјата“, кој траеше од падот на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година, па сè до 24 февруари 2022 година и почетокот на руската инвазија врз Украина. Земјите од БРИКС веќе го преобликуваат тоа што досега се нарекуваше „глобален поредок, втемелен на правила“, па глобалната економија и глобалната политика се неповратно променети.
Кратенката БРИК, смислена од Џим О’Нил, економистот на инвестициската банка Голдман Сакс, доби и свое отелотворување во меѓународна интеграција, благодарение на Сергеј Лавров и Селсо Аморим, веројатно двајцата врвни дипломати на почетокот на 21 век. Денес БРИКС има годишен самит на шефовите на државите, редовна координација на министрите за финансии и на шефовите на нивните народни банки, дипломатска координација во глобалните економски и финансиски тела, а сè почесто и дипломатска координација или макар брифирање во сите глобални форуми. Педантните проучувачи на работењето на БРИКС велат дека секоја година има над стотина координативни средби на сите можни владини организации, а веќе започна да се зборува за „тело со усогласено законодавство на БРИКС“, нормално наречено BRICS acquis, како пандан на acquis на Европската Унија. Секоја сериозна држава го следи развојот на БРИКС, има свои амбасади во сите главни градови на земјите на БРИКС, па дури и има свои специјално назначени амбасадори што се занимаваат само со тематиката на БРИКС. Македонија само ќе добие на дипломатска тежина доколку конечно устрои специјален оддел во МНР што ќе се занимава со тематиката на БРИКС, не само од политички причини туку и од клучните економски причини затоа што овие земји се и голем извор на репроматеријали за македонската индустрија, како и краен пазар за огромен дел од фабриките во слободните економски зони.
Надворешната политика на малите земји е пресериозна тема за да им се препушти на чувствата, инстинктите, аматерите или на кафеанските стратези. Македонија не треба да го напушти својот европски пат и треба повторно да си се избори за своето место во меѓународната заедница и да ги исправи неправдите што ѝ беа нанесени од 2017 година. Меѓутоа, дури и по целосната европска интеграција на земјата, никој нема да ни помогне во изнаоѓањето на начинот за економски развој и за подобрување на животниот стандард на нашите граѓани. Европска Македонија, во светот на глобализацијата, ќе биде онолку успешна колку што ќе може да ги предвидува и да држи чекор со глобалните трендови. Еден од нив е и „подемот на другите“, односно незападните земји, чиј највидлив израз е БРИКС. Затоа Македонија мора да го вкалкулира и БРИКС во равенката на својата надворешна политика што ќе бара јасно преустројување во неколку сегменти на македонската дипломатија. Се разбира, европската интеграција останува и натаму врвен императив.
Ивица Боцевски