Македонија – членка на Европската Унија во 2030 година?

Јасно е дека Македонија, дури по нејзиниот влез во Унијата, нема веднаш да го достигне просечниот европски животен стандард, но уште појасно е дека целиот регион на Западен Балкан одамна ги заслужува полноправното членство во ЕУ и целосната интеграција во заедничкиот европски пазар. Европската Унија нема донесено конечна и недвосмислена одлука за прием на Македонија (и на другите земји од Западен Балкан)

Автор: Ивица Боцевски

Дали Македонија ќе влезе во Европската Унија до 2030 година?
Во 2030 година ниту еден од актуелните носители на одлуки во Европската Унија, а ни во земјите-членки на ЕУ, дури ни во земјите-кандидати, како Македонија. Самиот факт дека 2030 г. се спомнува како датум јасно зборува дека нема конечна одлука за прием на која било нова земја во Европската Унија. Да не зборувам, пак, колку е навредливо за нас, а и за другите земји-кандидати, тоа што 2030 г. се спомнува уште како некаков оптимистички датум!?!
Само да се потсетиме како изгледа процесот на проширување кога постои јасна политичка волја за прием на нови членки во Европската Унија и кога е донесена конечна и недвосмислена одлука за прием на некој регион во Унијата.
Петтото проширување на ЕУ, во својата сегашна најразвиена форма, почна вистински да се формулира дури со усвојувањето на Амстердамскиот договор во 1997 година и обелоденувањето на „Агенда 2000“, а самите преговори со посткомунистичките држави почнаа во 1998 година со петте најнапредни земји, односно во 2000 година кога десетте посткомунистички земји што го сочинуваа петтото проширување од 2004 и 2007 година започнаа со преговори. Инаку, од тој период потекнуваат и познатите извештаи за напредок на Европската комисија, кои сè уште добиваат во опфат и содржина со секоја измината година, како и со зголемувањето на искуството на комисијата за недостатоците на посткомунистичките општества. За жал, овие извештаи стануваат беспредметни и бесмислени кога процесот на европската интеграција ќе се одолжи, како во нашиот случај, па веќе нема догледен крај, конечност и завршница во форма на полноправно членство.

Всушност, кога сме веќе во сферата на историјата, нужно е да се објасни дека првата фаза на европскиот ангажман со посткомунистичките држави започна преку програмата PHARE и европските договори во периодот од 1989 до 1993 година. Овие договори предвидуваа влез на посткомунистичките држави на европскиот пазар, а во себе ги содржеа и првите никулци на демократската условеност, додека, пак, PHARE требаше да ја олесни економската и политичката преобразба на посткомунистичкиот простор. За жал, поранешна Југославија требаше прва да го изоди овој пат, а и да послужи како „експериментално зајаче“ за другите земји од реалсоцијализмот. Тогашниот југословенски премиер, Анте Марковиќ, и тогашниот југословенски министер за надворешни работи, Будимир Лончар, веќе го преговараа првиот европски договор за СФРЈ кога се распадна југословенската федерација во крвава граѓанска војна (во македонската дипломатија има и живи сведоци на овие процеси во ликот на тогашниот портпарол на југословенското МНР, амбасадорот Срѓан Керим, еден од врвните југословенски дипломати во делот на економските и финансиските прашања со земјите од „Западна Европа“, амбасадорот Ристо Никовски, како и со тогашниот југословенски дипломати при амбасадата во Брисел и подоцнежен прв македонски амбасадор при Европската Унија, Јован Теговски). Југославија уште кон крајот на 1980–тите се подготвува за влез на заедничкиот европски пазар во 1992 година, а безмалку сите главни југословенски весници и неделници отвораат свој подлисток за Европската Унија (тогаш Европската економска заедница), вклучувајќи ја и нашата „Нова Македонија“, каде што двонеделната рубрика се вика „Ревија 92“ и критички ја анализира подготвеноста на македонското стопанство и на тогашната СР Македонија за приспособување кон Европа.

Втората фаза на европската интеграција почна во јуни 1993 година со формулирањето на четирите Копенхашки критериуми и првата претпристапна стратегија. Меѓутоа, вистинската тема за историска дебата е промашената македонска деценија во 1990-тите. Тогаш земјата покажа дека, всушност, и не е вистински заинтересирана (освен декларативно) за жесток исчекор кон внатрешната демократизацијата, а уште помалку кон интеграција во западните алијанси. На јавноста тоа ѝ беше сервирано како преокупираност со други суштински теми на надворешната политика (меѓународното признавање, војните на балканскиот простор и така натаму), но, за жал, тогашната политичка елита својот труд го вложи во окупирањето и трансформацијата на сите институции по својот партиски образец, што имаше катастрофални последици за развојот на македонската демократија. Ако дебатираме, пак, за концептите на диригирана демократија или за општествен инженеринг, тогаш историското дно на македонската преобразба (1994-1998) е безмалку совршено балканско приближување до идеалниот теоретски модел. Во тие години магазинот „Пулс“ објавува еден аналитички осврт што совршено ја отсликува главната надворешнополитичка преокупација и фиксација на тогашната политичка елита. Неделникот ги исцртува шансите на Ханџиски, Петковски и на Фрчкоски за освојување на кандидатурата за претседателски кандидат на СДСМ и наследник на Глигоров, па, меѓу другото, на тогашниот министер за надворешни работи, Фрчкоски, му се смета за позитивно тоа што е единствен од тројката што се сретнал со Слободан Милошевиќ. До ден-денес не можам да се изначудам каква е врската на српскиот диктатор и балканскиот крвник со македонските претседателски избори, но очигледно искрените сведоштва на клучните политички актери од тој период би ни ги дале одговорите на таа дилема. И покрај тоа што не беше дел од институционалниот политички систем, а демократскиот политички дијалог воопшто не постоеше ни во трагови, и тогашната опозиција (Демократската партија и ВМРО-ДПМНЕ) својата критика не ја насочуваше кон надворешната политика, ниту, пак, кон заостанувањето во процесот на европската интеграција. Европското знаме и стремежите кон демократизација беа, за жал, ограничени на грст поединци од интелектуалната, медиумската и најмалку од политичката сфера, а македонскиот дебакл при публикувањето на „Агенда 2000“ помина речиси незабележано. Но тоа единствено ни го покажува капацитетот на тогашната власт и нивните лидерски дострели.

Фрапантно е кога се анализира каде се наоѓа Македонија (и Југославија) во 1988 година кога е во прашање европската интеграција, а, пак, во која дупка е пропадната во 1998 година. Таа промашена деценија скапо ја чини Македонија.
Но да се вратиме на темата за 2030 година, како „оптимистички датум“ за конечен прием на Македонија во ЕУ… Значи кога постои конечна одлука за прием сета работа се завршува во еден политички мандат, односно во три-пет години. Да не зборуваме, пак, дека сите земји од Западен Балкан се подобро подготвени и за преговори и за влез во самата ЕУ, отколку која било од новите земји-членки што беше во 1997, 1999, 2002, па и во 2004 кога влегоа во Унијата. Оттука, секое лицитирање со датуми е неблагодарно, иритантно, а веќе и понижувачко. За разлика од земјите од Вишеградската група, Словенија и Балтикот, кои во 1998 година ги започнуваа своите пионерски чекори кон европската интеграција, сите земји од Западен Балкан сега веќе имаат безмалку дводецениско искуство на непосреден контакт со Унијата и на големи реформски процеси во многу сфери на живеењето. Европскиот образец не е стремеж за нашиот регион, туку сите наши општества одамна се порамнуваат според европски правила, прописи, регулативи, директиви и вредности. Така што, доколку сега, по руската инвазија врз Украина, не се донесе одлука за членство тогаш не гледам кога повторно ќе постои итност или потреба за заокружување на европската интеграција со земјите од Западен Балкан.
Јасно е дека Македонија, дури по нејзиниот влез во Унијата, нема веднаш да го достигне просечниот европски животен стандард, но уште појасно е дека целиот регион на Западен Балкан одамна ги заслужува полноправното членство во ЕУ и целосната интеграција во заедничкиот европски пазар. Европската Унија нема донесено конечна и недвосмислена одлука за прием на Македонија (и на другите земји од Западниот Балкан). Доказ за тоа е спомнувањето на 2030 година како некаков „оптимистички датум“ за влез на државата во Унијата.