Македонците се новите Евреи

(бележени со македонската Давидова ѕвезда, шеснаесетзрачното сонце од Кутлеш на античките наши предци)

„Хитлер е победен, но фашизмот не е“
Томас Ман
„Хитлер е победен, но фашизмот не е“ рече веднаш по Втората светска војна германскиот писател и хуманист Томас Ман како старозаветен пророк. И погоди право во центарот. Паднаа милиони жртви, но не се оствари нивниот утопизам на, како што сонуваше Рацин, „Белите мугри“ и „Силно светнатиот ден“ по големата катастрофа. Не, драг читателу. Светот и понатаму остана дистопичен. Нека извини нашиот драг Фјодор Михаилович за неговата епилептична илузија дека „убавината ќе го спаси светот“. Грдото сè уште доминира во него, но не во варијантата на естетска категорија како што го гледаше него Бодлер, туку како гадење и нагон за повраќање од егзистенцијата што ни ја подготвува катадневно некој како „мачнотија на постоењето“ (Сартр) според волјата на неговиот порив за садизам за кого е тој принцип на естетско задоволство. Можеби негде прочитал дека човекот покрај другото е и естетско битие што го доближува него до бог.
Така. Пред десетина дена имаше голема белосветска прослава во Полска. Беше одбележан 27 јануари, денот кога Црвената советска армија го ослободи логорот на смртта Аушвиц. Ден на холокаустот на милиони Евреи, Роми, Словени и други. Аушвиц, кобниот симбол архетип, црниот сингуларитет на цивилизацијата по кој, како што рече Адорно, веќе е невозможно да се пишува поезија, па јас понекогаш навистина во јанѕа се прашувам дали е во ред што го правам тоа. Добро, ама нели ако фашистите пишуваа поезија и немаше да дојде до Аушвиц, а светот ќе беше не како оној на Лајбниц, најубав од сите возможни светови, туку подносливо место за живеење. Така. А ние Македонците сме посебно витални за егзистенција, притоа и наклонети на автоцензура како еден вид магиска саморефлексија: столчени до бессознание траеме за да не бидеме урочени и да не ни се случи поголемо од претходното зло. А и кога поретко ce изразуваме за него го правиме тоа на еуфемистички начин, игнорирајќи го колку што е возможно повеќе, како некој вид уметност на преживување. Оттука и дијагнозата на нашиот космополитизам (Рациновата „Куќа – цел свет“) како болест, нашата адорација на оние што нè ништат. Како да го имаме тоа наследство на фатално човекољубие од Христос, кој ги љубеше и непријателите, проштевајќи им, кога му ги забиваа клинците на Голгота. Тоа беа војниците на Римската Империја, чија сурова ментална слика како некој вид атавистичко генетско наследство ја прекопира Европа, одбивајќи да биде христолика, иако за тоа, христијанизирајќи ја, вложија голем напор Павле, Лидија и Македонците.
Да. Туку ајде сега да видиме конкретно, драг читателу, дали има навистина реална основа пророштвото на Ман за победата на Хитлер, но не и на фашизмот. А има. Јас повеќепати сум пишувал, а сега повторувам: западниот фашизам се обнови уште на самиот крај на Втората светска војна во август 1945 со Хирошима и американската атомска бомба. Тоа симболички беше претслика на потоа блицкриг – колонизаторските војни од Виетнам до Ирак, Либија, Авганистан, Сириja… Така беше урната космополитската визија за општ светски мир и благосостојба на основачите на модерна Америка по Граѓанската војна, Џеферсон и Линколн, па ние со горчина се потсетуваме на екстатичната дистописка изјава на Теодор Рузвелт од 1897, која гласи: „Ниту еден триумф на мирот не е толку величествен како што се тоа врвните триумфи на војната“. Тој ja дава таа изјава четири години пред да седне во претседателската фотелја, а 48 години пред Хирошима. Читав дека фотографијата на нејзината атомска печурка ја држел над својот кревет во спалната, како посебно задоволство од триумфот, американскиот пилот на авионот од кој била фрлена атомската бомба.

Страшно. Бомбата како еден од темелните катастрофични симболи на Западната цивилизација на која, имајќи ја пред сè предвид Европа, Џани Инфантино претседател на ФИФА ѝ порача дека треба три илјади години да му се извинува на човештвото за злосторствата што ги има направено врз него. Така. А што се однесува до Америка, знаеш, сум го цитирал во контекст на Хирошима и фашизмот Норман Мајлер со неговиот култен роман „Живи и мртви“. Во него генералот Камингс вели дека Германците не ги бива за фашизам, килави се, за разлика од виталните Американци, кои имаат екстремна енергија за тоа.
Доволно јасно. А дека не ја чекаше долго време својата обнова фашизмот по Втората светска војна, за тоа постојат несоборливи факти. На тоа нè потсети сега и Самуил Садикарио par excellence дистопичар во неговиот текст за холокаустот „Холокаустот е историја – кој е следниот?“ („Н. Македонија“, 27 јан. 2025). Наслов во форма на драматично прашање. Ама прашање што е истовремено и одговор. А и самата суштина на секое прашање е всушност неговата поставеност како одговор. Без исклучок. Тоа им било јасно на древните мудреци. На Буда и на Сократ, ама и на Руми и суфизмот. Во својот текст Сами нè потсетува на помалку заборавениот факт дека фашизмот во Европа не е мртов, туку дека е жив и е фасцинантно инвентивен во своите протејски и камелеонски преобразби. Фасцинантно жилав и витален. Таков, се разбира, тој е цврсто вгнезден и во највисоките структури на политиката. Сега и во политиката на ЕУ за што треба да кажеме некој збор, драг читателу.
Фашизмот во Европа отсекогаш, особено од 1913 наваму, наоѓал инвентивен израз во неговите планови и визита за потиснување и ликвидација на Македонците во континуитет од столетие и кусур до замислената од Европа нивна идентитетска смрт во 2018 со нацифашистичкиот Преспански договор. Но континуитетот на ликвидација и на до последниот македонски атом и квант и натаму продолжува. Којзнае до кога временски. Бриселската политороспија е нервозна и нестрплива за конечната македонска смрт без враќање назад. Да. Ама Македонците се отпорни на смртта, впрочем како и Евреите со кои делат слична судбина, преживувајќи го и тие западниот нацифашизам, коj е, за жал, необично витален и по Втората светска војна, нешто што го предвиде и го знаеше екстраинтелегентниот Томас Ман. Но каков е тој сега? Не е отворен, со големи концлогори на смртта, со космичкиот енергетски симбол кукест крст, свастиката, чија источна енергија на животот е претворена во енергија на смртта. Не, сега тој обновен западен неофашизам е мимикриски, во целофанска политичка обвивка и софистициран. Витален над секоја мерка тој се покажа необично протејски и камелеонски снаодлив претставувајќи се дури во некои ситуации како во новиот колонијализам и како носител на глобални и регионални хуманистички и демократски вредности под превезот на кои впрочем, драг читателу, е замислена и идентитетската ликвидација на Македонците.

А дека не се повлекол во глувчова дупка фашизмот од западноцивилизациската сцена постојат многу евидентни, дури и фрапантни, шокантни докази за здравиот разум и чувствителното срце. Најшокантниот од тие факти е неговото влегување и објавување на голема врата во Обединетите нации наскоро по војната. Имено, станува збор за генералниот секретар на таа организација, австрискиот канцелар Курт Валдхајм, со нацистичко досие. За тоа, пак, како што пишува Самуил Садикарио, шокантно, „знаеле сите претседатели на Европа, СССР и САД, вклучувајќи ги и Тито и Лазар Мојсов, кои добиле ордени од Курт Валдхајм за разузнавачки активности“. Навистина страшно. Морбидна цивилизација. Обновениот протејски и камелеонски фашизам по Хитлер протнат во најугледната светска организација, која по дефиниција треба да биде на сите нивоа антифашистичка и промотор и заштитник на светскиот мир. Но… Така, а она, пак, што малку ја интересира оваа цивилизација со ариевски сурат е нејзиниот континуален фашизам кон Македонците за што таа не само што се прави слепа туку истиот тој уште го пласира и како нејзин успешен цивилизациски проект за наша светла иднина под услов да се избрише целокупната наша меморија назад сè до прагенезата, за што има сведоштва и во најважниот западен и пошироко религиозен, историски и антрополошки господов документ Библијата. Ќе наброиме, драг читателу, сега повеќе континуални факти на европскиот западен фашизам кон Македонците: Факт број еден: Берлинскиот конгрес 1873. Факт број два: Букурешкиот конгрес 1913 кога е крваво распарчен и фрлен во устата на балканските канибали македонскиот етнички организам. Факт број три: егзодусот и геноцидот на Македонците во Егејска Македонија 1948 со напалм-бомби фрлани од англиските бомбардери од американско потекло. Се убиваа Македонците од пеленачиња до деца, жени и старци на Грамос и Вичо, се чистеше од нив сосе црквите и гробиштата македонската земја за миленичката на Европа, Грција. Чист фашистички етноцид. Факт број четири: Нацифашистичката Лисабонска декларација на ЕУ 1992, која е европски цивилизациски документ за наша конечна смрт, не физичка туку мемориска, како што велат антрополозите најстрашната од сите видови смрт. Варварско одземање на Името, кое е архетип, сад и содржина на целокупната македонска културно-цивилизациска меморија. Така. Факт број пет на европскиот фашизам кон нас: логично (логичен фашизам) Преспанскиот договор како цивилизациски ковчег во кој е ставен меморискиот мртовец, насилнички прогласен за тоа, целиот македонски народ сосе предците и прапредците cè до нивните живи современици. Но тука се и сè уште неродените, што се сега и потаму се зачнуваат во македонските невести и што доаѓаат како потоп од иднината Македонци. И ете го новиот софистициран Аушвиц на цивилизацијата, која не се откажала од фашизмот, драг читателу, а за кој имено Македонците се крунскиот сведок за тоа злосторство.
Така. И тоа се вика цивилизација, драг читателу. Во неа по Хитлер сега на еден перверзно модифициран начин, имено, Македонците се нејзините нови Евреи, бележени со македонската Давидова ѕвезда, шеснаесетзрачното сонце од Кутлеш на античките наши предци. Со таа разлика (каква перверзна нијанса) што на Евреите не им беше негиран симболот архетип, а нам ни е. Пред тоа во Германија, сега во Хрватска ни беше забрането да го вееме нашето автентично знаме на спортските натпревари и бевме претресувани како најниски шверцери за случајно да не огрее македонското сонце, кое сега бриселска ЕУ, ако го веат Македонците, го изедначува со нацистичкиот кукест крст, свастиката на Хитлер, која им е мила, но ја кријат во темниот подрум на потсвеста. Жално. А тапоглавите ЕУ-политидиоти во Брисел треба барем малку да бидат упатени во злосторствата што ни ги прават. На пример, да ја прочитаат книгата на Роберт Грејвс, најдобриот познавач на грчката митологија, па да видат дека Старите Грци го мразеле сонцето, сметајќи дека тоа се сојузило со месечината и Персија против нив. Нивен главен симбол бил бувот (утката), симболот на ноќта, кого тие го прошалтувале во симбол на мудроста, а кој кај Македонците (може и не случајно во грчкиот контекст) е и симбол на несреќа и навестување смрт (грчката ли смрт наменета за Македонците?).

Фашизмот е јасно видлив и во бриселската благонаклонетост кон Бугарите како нивна членка, која го увезува сега својот фашизам прeку нејзините културофашистички клубови во Македонија. Оти познато е дека Бугарите го благословија фашизмот на чија страна беа во Втората светска војна со фактот дека ги рехабилитираа нивните наjголеми фашистички крволоци како царот Борис Трети, Богдан Филов и Георги Белев. А самиот факт дека бриселска ЕУ великодушно ja прибра во својата прегратка фашистичка Бугарија, а ја усмртува со фашистички метод и антифашистичка Македонија зборува многу за нејзиниот цивилизациски профил и карактер. Тука сега се на дело Фројд и неговиот психоконцепт за потсвеста, за што нешто полусрамежливо се изрази и премиерот Мицкоски. Всушност потсвеста, ако претпоставиме дека психата симболошки е претставена во сликата на куќата, е подрумот на таа куќа, местото кај што се нафрлани и скриени од очите на свеста несаканите трауматични нешта. Обратно од тоа, натсвеста (поим со кој посебно оперира Јунг) ја претставува горната соба, одајата од куќата психа. Во нашиот контекст на текстов горниот кат што е трансцендентален е освоен од колективната психа на Македонците како космополити и антифашисти, додека колективната бугарска психа е притаена, скриена во подрумот на куќата, но од таму по скалите на потсвеста излегува надвор како фашистички ветер главно почесто управен како фашиураган кон Македонците. Таканаречената евробугарска „француска рамка“ сега е тоа, мемориско ликвидирање докрај на Македонците во новиот софистициран евробриселски Аушвиц. A јас да бев на местото на нашата претседателка на темната прослава во Полска на крајот на холокаустот (а не е крај) ќе ѝ го кажев тоа, драг читателу, на колонизаторска Бриселска Европа, колку да знае таа перверзна цивилизација дека знаеме што ни се случи и што ни се случува со неа: идентитетски геноцид. Потребно е тоа да ѝ го обзнаниме нејзе, да ѝ кажеме храбро која е и каква е таа, а не да кукумјавчиме пред нејзините оросписки колена и да велиме дека немаме друга алтернатива, додека и мртвите го имаат тоа. Воскресението. Она што го знаеја и впрочем и нашите комити со нивниот бесмртен слоган на знамето: „Слобода или смрт“. Но смрт од која се твори не бескрајна смрт, туку бескраен живот. Македонски и сечовечки живот. Тоа и ќе се случи. Поизвесно е дека цивилизацијата ќе умре отколку Македонците штом до денес се провлекле низ толку многу историски помории. Во тоа сум повеќе од сигурен, драг читателу. Биди сигурен и ти. До следната наша средба тргни го од себе црниот превез на меланхолијата, раната и траумата. Господ ниту ја напуштил досега ниту во иднина ќе ја напушти некогаш Македонија. И Павле е гаранцијата за тоа. А и Армагедон од книгата на Откровението на апостол Јован, кој не случајно совршено се римува со Армакедон.