Во симболиката годишните времиња се различно прикажани. Пролетта како јагне, јаре, грмушка, цветен венец. Летото како змеј што исфрла пламен, сноп жито, срп, сина вода. Есента како зајак, гранче винова лоза, рог на изобилството преполн со овошје. Зимата како саламандер, дива патка, пламен во огниште и слично. Пролетта му е посветена на гласникот на боговите, летото на богот на Сонцето, есента на богот на бербата, зимата на богот на огнот и на ковачите.
Среде лето е, време е на одмори, сезона на масовни годишни одмори. Иако одморот не е божја работа, сепак се знае дека и Господ го користел. Откако за шест дена ги создаде небото и земјата, денот и ноќта, светлината и темнината, ги создаде животните, растенијата и човекот, седмиот ден си го зеде за себе за да отпочини, да одмори, да собере нови сили. Одморот симболизира прочистување, обновување, време за добивање нова енергија, за полнење на батериите, како што се вели во современиот младешки говор. Летните одмори се највидливата и најомилена приказна поврзана со сонцето, водата и воздухот, со сино небо, песочни плажи, патувања и авантури од секаков вид.
Симболичките толкувања на водата може да се сведат на три доминантни значења: извор на животот, средство за прочистување, средиште на обновувањето, на телесната и духовната преродба. Водите во реките, езерата, морињата и океаните, од најдревните преданија, донесуваат живот, сила, чистота, како на духовен така и на телесен план. Прочистувачкото и регенерирачко својство е добропознато и потврдено и световно и религиски. Митски ритуали има речиси кај сите народи, на сите места и во сите времиња. Сведоштва за нив има стари над три илјади години.
Во Библијата водата се споменува 442 пати. Во многу стари книги за цивилизацијата пишува дека и земјата е создадена од вода. А има причина така да се каже зашто водата покрива речиси 70 отсто од површината на Земјата, од што најголемиот дел, дури 97 отсто, е солената вода во океаните и морињата.
Оваа течност претставува 60-70 отсто од телесната тежина на едно човечко тело, а ако е за верување на медицинските проучувања, околу 80 отсто од тежината на човековиот мозок е вода. Сѐ што е живо има во себе вода или има потреба од вода за да преживее
Таа е извор на животот и извор на смртта, творец и разурнувач, таа создава и урива, истовремено. Таа е добар слуга, но лош господар, особено кога ќе се налути од неправди. Вода е дождот, вода се реката, морето, росата, мразот, пареата. Како дожд водата е плодност, како роса духовно закрепнување, водобранувањето симбол за потрага по тајните на животот, преминот преку вода како премин кон друг свет.
Водата е еден од четирите основни елементи што не може да се обликуваат. Може да горат сите живи суштества, сите мртви предмети, само водата не може да гори. Нејзиното значење ги надвишува сите симболи како по бројноста на употребата така и по разноликоста. Водата не е само библиски туку предбиблиски симбол што се среќава во многу религии и митови и што означува праелемент од кој се развиле, од кој се појавиле првите знаци на живите битија, од кој се развил животот. Изворите, реките, езерата и морињата биле оние локалитети кај што никнувале живеалишта, села и градови, цркви и манастири.
Во христијанската традиција го симболизира новиот живот, означува регенерација, обнова, духовно покрстување и прочистување. Ја мие душата, но не ги мие гревовите и лошите дела, ниту рацете од одговорноста. Водата е живот и од неа е сѐ создадено, како што без неа сѐ може да биде уништено, испоумрено.
Капењето во (со) вода, на универзално ниво, е еден од првите ритуали со кои се потврдуваат големите етапи на животот на човекот: раѓањето, пубертетот, староста и смртта. Потопувањето на човековото тело во вода симболичарите го споредуваат со враќање во нежната мајчина утроба, кон првобитната најбезбедна постелка, кон изворот на животот. Потопувањето на телото (попрскување со света вода) е еден од главните обреди во христијанството. Најпознатото, она што ја промени историјата на човештвото е „потопувањето“, односно крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан, направено од неговиот прв братучед Јован Крстител. Како што е познато, по тој чин, Исус излегува чист и прочистен и тогаш ја започнува својата света мисија зa спас на светот и луѓето во него.
Кај нас, во Македонија, православните верници тој спомен го одбележуваат секоја година на 19 јануари, односно на Богојавление, во народот попознато како Водици, а сѐ почесто сме сведоци на масовни ритуални крштевања на повеќе места во текот на цела година.
Нурнување во некое езеро или замивање со вода од свет извор за здравје или за добивање пород е обичај што го практикувале со векови млади невести или стерилни жени кај многу народи, од Медитеранот до најдалечниот Исток.
Постојат народни верувања и древни митови дека од морската вода излегол и првиот живот на земјата во облик на јајце. Морето е симбол на динамиката на животот и на изобилството, океан на мудроста. Нурнувањето во морските длабочини, во пенливите бранови од солената вода, симболизира раскинување со вообичаениот живот, коренита промена на идеите, ставовите, однесувањето. Симболизмот е сличен со оној на крштевањето, со неговите две фази: потопување и изнуркување. Сината боја на морето и на небото симболизира лојалност, мудрост, искреност, самодоверба и рај, таа е поврзана со спокојството и смиреноста. Не случајно одморот на море се препорачува како корисен, како за телото така и за умот.
Езерото го симболизира земјиното око низ кое жителите на подземниот свет можат да ги видат луѓето, животните, билките и сѐ на овој горен свет. Се верувало дека езерата се подземни палати со дијаманти, накит, кристали, од каде што излегуваат самовили, кои ги навлекуваат луѓето на опасни искушенија, што од своја страна значи дека езерските води ја поттикнуваат бујната фантазија. Во таа смисла, во некои легенди, настанокот на езерото е приказна за пролеани женски солзи. Таква легенда се раскажува за нашето Преспанско Езеро.
Ако кај повеќемина теолози имало различности во толкувањата за моќта, за оплодувачката и за прочистувачката улога на водата, сите биле согласни во едно: водата навистина чисти сѐ, но не ги прочистува (не ги пере) гревот и грешните дела.