Госпоѓата Кица Колбе, Македонка што повеќе години живее во Германија, пред десет дена објави текст со наслов „Искушенијата на македонско-бугарското помирување“. Текстот беше пренесен во неколку македонски портали, но, за жал, како да не го доби вистинското внимание во јавноста. Во него не само што фрла една нова светлина за можните натамошни македонски односи и постапки туку посочува и упатства што може да бидат корисни за македонските власти. Се разбира, ако тие власти не се глуви, како што се глуви, за секое различно мислење од нивното и ако нивната вистинска намера не е македонскиот народ да се бугаризира, како крајна заедничка цел. Под превезот на влезот во ЕУ, остварувањето на таквиот проект сѐ повеќе се разголува пред јавноста.
Потпирајќи се на искуствата на помирувањето меѓу Германија и Франција, Кица Колбе, посредно, меко и со такт, ги разоткрива лагите на македонските политичари, кои го злоупотребуваат преговарачкиот процес, правејќи ги антимакедонските отстапки во корист на интересите на Бугарија. Примерите што ги наведува се вистинска лекција што треба да ја прочитаат Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Талат Џафери, Бујар Османи, Артан Груби, раководството и сите членови на СДСМ, раководството и сите членови на ВМРО-ДПМНЕ, писмени и полуписмени. Се разбира, и сите членови на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, кои се тресат од стравот што им го наметнува Османи со колегите. Не само да ги прочитаат туку и да ги научат и запаметат.
Македонката Колбе, моминско Барџиева, долго живее во Германија, мажена за Германец. Филозофка по вокација и образование, авторка е на пет романи, сликарка по хоби, дете на бегалци од Граѓанската војна во Грција, за да ги дообјасни нештата околу македонско-бугарските односи, во разговорите за историјата и образованието се послужува со примери од француско-германските преговори. Македонската власт и некои од медиумите ги користат овие преговори како алатка за измама на граѓаните. Демек, како што постапувале двете големи држави, по тој терк, наводно, постапуваат Македонија и Бугарија денес. Нејзиниот текст е класичен час по политичка етика во меѓународните односи, како за државите така и за политичарите поединечно.
Што пишува, што ни открива учената дама, која го заслужува целокупното политичко внимание во државата? Во мојот денешен текст, со задоволство ви пренесувам делови од нејзиниот. Ви цитирам и интерпретирам делови по сопствен наод, без консултации или дозвола од авторката, која не ја познавам лично, но преку пријатели сум слушал само убави, пофални зборови.
„Многу е возможно дека Франција верувала дека ќе ѝ успее да го ’отплетка‘ Гордиевиот јазол ’сплетен‘ со ветото на Бугарија за Северна Македонија, затоа Французите и Германците се симболот за тоа какво треба да биде вистинското европско помирување – пишува Колбе. Но, дали ’формулата‘ на француско-германското помирување е препознатлива во ’Францускиот предлог‘? Воопшто, дали таа формула е применлива и во сложената констелација помеѓу Македонците и Бугарите? До одговорот може да се дојде укажувајќи на клучните факти во француско-германското помирување.
По завршувањето на Втората светска војна, идејата за идното пријателство на Германците и Французите се обликуваше паралелно со идејата за идната европска заедница. За неа уште во педесеттите силно се застапуваше францускиот државник Роберт Шуман, првиот претседател на Европскиот парламент. Визијата на Шуман ја делеле и двајца големи државници во Германија и Франција, кои го обликуваа процесот на помирување меѓу двете земји – Конрад Аденауер и Шарл де Гол. Зад нив стоеја многубројни личности од сите области во двете земји, со една единствена желба: двата народа да почнат да се запознаваат и да се почитуваат како најблиски пријатели.
Освен ужасите на војната тие го знаеле и примарното религиозно значење на поимот ’помирување‘, на германски, ’Versöhnung‘. Во коренот на овој збор е ’Sühne‘ – ’покајание‘, покајнички чин кој бара темелна промена на однесувањето. Пред да започне помирувањето, секој народ треба да стане свесен за своите грешки кон другиот. Тоа се случи во француско-германското помирување и преку симболични чинови. Врвот на првата посета на Конрад Аденауер на Франција во јули 1962 беше учеството, заедно со Де Гол, на божјата служба за мир во катедралата во Ремс. Градот имаше симболичко значење за двата народа. Двапати, во војната од 1870-та и во Првата светска војна, тој беше освоен од германската војска, но таму беше потпишана и германската капитулација во 1945-та. Тоа значи, за пријателството меѓу два народа е потребна сценографија на човечност, срдечност и непосредност.
Имаше ли такви симболични настани во досегашните односи меѓу Бугарија и Македонија – се прашува во својот текст Кица Колбе. Има ли простор за такви процеси на покајание и помирување меѓу Бугарите и Македонците во рамката што ја зацртува ’Францускиот предлог‘? Не ќе беше ли помудро од француските посредувачи, токму познавајќи го помирувањето меѓу Германците и Французите, кое одеше паралелно со обликувањето на идејата на идната ЕУ, да се обидеа да ѝ објаснат на бугарската влада дека не е добро пристапните преговори со ЕУ да се врзуваат директно со процесот на помирување на Македонците и Бугарите, кој има друга суштина и друга динамика?
Динамиката на помирувањето меѓу два народа зависи од многу фактори, кои на почетокот се неизвесни, па затоа тие процеси понекогаш траат со децении. Тоа е уште посложено кога едната држава е веќе членка на ЕУ, а другата кандидат, како во констелацијата меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Затоа што за процесот во кој треба да се промени односот на граѓаните во двете држави едни кон други, е погубно доколку граѓаните во едната земја добијат чувство дека се изложени на диктат од другата земја. Со ништо не смее да биде загрозено достоинството на другиот народ.
Зошто досега не се случи ниту еден емоционален дочек на македонски или бугарски политичар, премиер или претседател во Скопје или во Софија? Би можел ли бугарскиот претседател Румен Радев да изговори барем една реченица на македонски во Скопје, како што Де Гол посакал да им се обрати на Германците на германски, затоа што знаел дека јазикот, тоа се луѓето, тоа е нивниот посебен, неповторлив лик. Би можел ли во духот на европската солидарност еден бугарски премиер да им честита на младите Македонци што се деца на големиот македонски народ, водејќи се од примерот на Де Гол? Секако, тоа важи и за настапите на македонскиот претседател или премиер во Софија.
За да го стори тоа кој било бугарски претседател, тој треба да има храброст да отстапи од владејачката идеологија во својата земја, според која, македонскиот јазик не постои. Ако го стори тоа, тој би ја поседувал мудроста на Де Гол. Зашто би знаел дека ако проговори македонски пред македонските граѓани од почит кон нив и кон нивниот јазик, тој во нив ќе разбуди уште посилна почит кон неговиот мајчин јазик, бугарскиот. Само така може да се приближат две култури и две општества. Сѐ додека ваквите нешта, кои за Аденауер и за Де Гол беа суштината на процесот на помирувањето, на македонските и на бугарските граѓани ќе им се чинат како научна фантастика, сѐ дотогаш нема да започне вистинското пријателство меѓу двата народа“.
Убаво е да се запамти сето погоре напишано од госпоѓа Колбе. Само оној што е слеп и глув на бугарските наративи во кои не се признаваат ниту македонскиот народ ниту македонскиот јазик, само тој не разбира што се случува или е во составот на екипата што ја презела задачата за нивно постепено претопување во поданици на соседната држава.